Пишува: Сашко Димовски
Работничките права се дел од човековите права. Според Општата декларација за човекови права, секој има право на работа, поволни услови за работа, заштита за време на невработеност, на еднаква плата за еднаква работа и право на правична и поволна плата за достоинствен живот.
Организираните работнички движења низ историјата остварија многу права, а некои од нив денес се загарантирани со закон. Меѓутоа, кршењето на работничките права се случува постојано во пракса, што влијае демотивирачки врз работниците.
Тоа е честа појава во Македонија во сите сфери и дејности, особено во приватниот сектор, иако неретки се случаите на поплаки од вработени и во јавната админстрација. Потврда за тоа е извештајот на Светската Конфедерација на синдикати во кој земјава се рангирала во друштво на државите од т.н. Трет свет, со забелешка за системско кршење на работничките права.
Неисплатени плати, придонеси, спогодбени откази, непочитување на законски загарантираниот минималец…
Македонија е далеку од почитување на работнички права, од почитување на колективните договори, од подобрување на условите за работа, а од друга страна и од транспарентно и одговорно работење на институциите кои се надлежни да внимаваат на почитување и имплементирање на законите, вели Кристина Ампева од „Гласен текстилец“.
Прекршувањата на работничките права, според сознанијата што ги има, се значителни. Најсвежите искуства се однесуваат на законски загарантираната минимална плата од 18.000 денари што почна да се применува од минатиот месец.
„Излеговме на прес-конференција и укажавме дека законот не се почитува што беше потврдено и од Управата за јавни приходи (УЈП). Платата за април сè уште доцни кај 90.000 вработени (информација од 18.05.2022 година), а идентичен е случајот и непочитувањето на исплатата на законски загарантираниот минималец“, посочува Ампева.

Но, тоа, како што вели, не е единствен проблем, бидејќи доцнењето на платите повлекува и неисплатени придонеси за здравствено и пензиско осигурување.
„Тоа се провлекува со години, ,,благодарение“ на системот на УЈП кој го дозволува ова со некакви опомени и ситни камати за доцнење со исплатата на плата. Според мене, најгруби прекршувања беа во време на вонредната состојба предизвикана од корона вирусот, а дел од нив се неисплаќањето на плата, немањето на платени придонеси, а со тоа и работниците остануваат без здравствено осигурување, незаконски отпуштања на жени работнички кои ги користеа мерките за ослободување од работниот процес, односно бремени жени, хронично болни и мајки на деца до 10 години. Има случаи во кои работници се принудени да потпишуваат спогодбени откази“, укажува фронтменката на „Гласен текстилец“.
Проблематично е, исто така, и правото на исплата на регрес за годишен одмор или популарниот К15 за што, како пример, таа го посочува Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството. Ретки се, порачува Ампева, тие кои ја исплаќаат целосната сума на регресот за годишен одмор или пак даваат повеќе од онаа сума која е утврдена.
Таа апелира до работниците да бидат внимателни и при потпишување на договорите за работа, на документи што може и подоцна да се потпишат, како анекси за трансформација на работното време, и особено спогодбените откази.
„Работниците не се свесни или се принудени да потшпиша спогодбени откази со што губат права од работен однос и подоцна немаат право на парични побарувања ниту од фирмата, ниту од Агенцијата за вработување како лица кои загубиле работно место. И решенијата за годишен одмор знаат да бидат проблематични. Вообичаено користат пет до седум дена од годишниот одмор, а се потпишуваат дека искористиле 20 дена. Поради тоа ги губат право на користење на останатите денови или да им бидат платени“, вели Ампева.
Таа не очекува нешто особено добро за работниците од најавените измени на Законот за работни односи, што не важи и за работодавачите.
„Тој закон е толку обемен, 100 пати надоградуван, менуван, искомплициран до крајност, со непотребни членови и ставови, со еден куп недоречености. Еден нормален закон треба да е на 20 страни, одново да се напише секој член и секој став, да биде концизен и лесно применлив на нашата ситуација. Мене не ми се чини дека ќе има нешто добро од тој закон. За работодавачите, да, несомнено, но не и за работниците. Особено бидејќи сега имаме носење на закон зад затворени врати со „социјални партнери““, вели Ампева.
Таа има забелешки и на законското решение за недела како неработен ден, кој беше инициран од „Гласен текстилец“, но, вели, „го претворија во политички маркетинг“.
„Законот за недела како неработен ден, секако, не се почитува. На 43 дејности им е дозволено да работат, дополнително и на трговските центри. Државата нема толку инспектори, ниту капацитет за да има контроли за почитување на законот. Иако конфекциите не се ставени во тие дејности, има такви што работат. Законот требаше да овозможи неработење во недела за сите дејности кај кои е можно да се запре работниот процес. Но, сега е уништен и не ја постигна целта за која го инициравме“, коментира Ампева.
И исплатата на средства за прекувремена работа е, исто така, проблем што е присутен во пракса
„Најмногу тужби кои се поднесени од работници преку нашите правни соработници во судовите низ државата се однесуваат токму за неплаќање на додатоци и надоместоци на плата. Затоа од 2018 година укажуваме на потребата за нова евиденција на работно време која ќе биде поврзана со некоја институција и софтвер кој ќе овозможи да се евидентира секој одработен час. Така немаше да зборуваме за минималец, туку за плата за живот и за соодветно плаќање на трудот. За жал, тоа засега е научна фантастика, бидејќи се е поважно во државава од обичниот работник на чии плеќи живее и политичката елита, и јавниот сектор и секако работодавачите. Затоа младите ги разбираат тие работи, па полека се исселуваат“, подвлекува Ампева.
„Гласен текстилец“ во минатото беше, но моментно не е социјален партнер на Владата во разговорите за Колективните договори и измените во Законот за работни односи. Не се повикани ниту ССНМ, ЗНМ, Хелсиншкиот комитет, итн. За заобиколувањето на помалите синдикални организации Ампева со став „дека повеќе не се потребни“.
„Да се изразам, како што милуваат нашите владини претставници да кажат, не сме веќе социјални партнери и не сме дел од нивниот социјален дијалог кој одеднаш нужно треба да е репрезентативен. Јас бев првата која даде поддршка на новата министерка за труд и социјална политика, мислејќи дека по Мила Царовска ќе дојде жена која како поранешна директорка на Инспекторатот за труд беше во постојана комуникација со нас, го искажуваше задоволството од соработката и работата на „Гласен текстилец“. Но, ете, се случи политика и им требаат послушници, а тоа не сме ние. Ние не климаме со глава во знак на одобрување на секоја политичка калкулација, не сме некои кои молчат, не сме некои со кои можат да се договараат лоши законски решенија, итн. Затоа и не сме повеќе дел и не чувствувам никаква одговорност да преговарам и комуницирам, туку јасно и гласно ќе ја кажувам вистината и ќе јавно ќе ги вадам сите лоши законски решенија, сите непромислени изјави и лоши ефекти од нивниот „социјален дијалог”“, порачува Ампева.
Не потпишувајте ништо без да прочитате, ставајте потпис на секоја страница од договорот
Аномалии во тој контекст има и во медиумската сфера. Целосно почитување на работничките права во медиумите во Македонија е реткост, вели претседателот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Павле Беловски.

„Во секоја редакција или медиум има одредени проблеми околу работничките права. Се разбира, во некои медиуми ситуацијата е подобра, особено во оние што се во државна сопственост, но и таму бележиме недостатоци. Најглавни проблеми со кои во последно време се соочуваат новинарите и медиумските работници се доцнење на исплата на платите, несоодветен број на денови за одмор, неисплаќање на додатоци за прекувремена работа или пак, нецелосна исплата на додатокот за работа во недела. Се разбира постојат и одредени индивидуални прекршувања на работничките права и онаму каде што има синдикална организација на нив соодветно се одговара“, посочува Беловски.
За избегнување на подметнувања во членови во договорите за работа, Беловски предупредува да не се потпишува ништо, без претходно да се прочита, и за евентуални нејаснотии да се консултира правно лице.
„Сите работници генерално, а со тоа и новинарите и медумските работници, треба да внимаваат на една најзначајна работа, а тоа е да не потпишуваат ништо без да прочитаат. Тоа значи, да го земат договорот за вработување, како и кој било друг документ од работен однос, да го прочитаат и доколку е можно да се консултираат со правник. Дури потоа да стават потпис и, секако, првиот синдикален совет е да се потпишат на секоја страница од договорот“, советува претседателот на ССНМ.
Беловски забележува и на „заглавеноста“ во парламентот на измените во Кривичниот законик со кои се предвидува напад врз новинар и медиумски работник да се третира како напад врз службено лице и во тој случај да се дејствува по службена должност. Измените, кои ги застапуваат новинарските здруженија и организации, се наоѓаат во собраниска процедура, но никако да се најдат на дневен ред пред пратениците.
„За жал, веќе долго време само апелираме и лобираме, законот е во собраниска процедура и никако да дојде на дневен ред. Ние од 2017 година ги застапуваме измените со кои нападот врз новинари и медиумски работници ќе се третира како напад врз службено лице, односно Обвинителството ќе мора да дејствува по службена должност, а се зголемени и казните. Но, за жал, пратениците сè уште не најдоа потреба, еве веќе и по една година, да ги усвојат тие измени кои многу ќе придонесат за безбедноста на новинарите и на медиумските работници, бидејќи знаеме дека неказнивоста која беше главна карактеристика кога се во прашање нападите врз новинарите е главниот фактор кој мотивира нови и нови напади“, коментира Беловски.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници е дел од групата на субјекти кои не се вклучени во преговорите со Владата за измените во Законот за работни односи, иако во минатото имаше свои претставници на преговарачка маса. На Беловски не му се познати причините за тоа, но изразува надеж дека, сепак, ќе има покана од Владата за учествво во дискусијата.
„За жал, сè уште не знаеме зошто не сме вклучени во преговорите за измените на Законот за работни односи. ССНМ беше дел од дебатата и работната група минатиот пат кога се менуваше законот. Тогаш дадовме повеќе соодветни и конструктивни предлози, меѓу кои, на пример, за драстично скратување на времето за работа под договор на определено време, дел од законот кој е многу значаен за медиумските работници бидејќи со тие договори се правеа разни злоупотреби. Се надеваме дека и овојпат, сепак, ќе нè вклучат во преговорите за законот, не само нас туку и други чинители во општеството кои даваат значаен придонес во заштитата на работничките права“, заклучи Беловски.
Газдите имаат поголеми права од работниците
Впечатокот дека работничките права во Македонија се наоѓаат на ниско ниво го дели и Бобан Илијевски, новинар кој години е фокусиран на областа на работните односи. Вели дека таквата состојба не е нешто ново во општеството, присутна е со години наназад и не е оптимист оти во блиска иднина би можела да се поправи.
„За жал, газдите се оние кои имаат поголеми права од работниците, а од друга страна, Македонија се смета за социјална држава што е еден голем парадокс. Поразително е тоа што самата држава, односно Владата ги прекршува правата на работниците од јавниот сектор, чиј работодавач е. Ова го има потврдено и Светската Конфедерација на синдикати, која Македонија ја има рангирано заедно со државите од Третиот свет, објаснувајќи дека има системско кршење на работничките права, а тоа значи дека самата Влада ги прекршува. Мое мислење е дека тоа се одразува и во приватниот сектор, каде работодавачите, гледајќи дека државата не ги почитува законите од сферата на трудот, го прават истото“, изјави Илијевски.

Најгрубите прекршувања, според него, се однесуваат на неисплаќањето на законски загарантираната минимална плата.
„Има случаи во кои на работници им се исплаќа плата по 2 денара, 100 или 1,000 денари, но и воопшто. Само за месец април, на 90,000 работници не им се исплатени плати, што е огромна бројка. Грубо се крши и правото на регрес за годишен одмор, не се исплаќаат додатоци на плата, како минат труд, работа за време на викенд, празник итн.“, истакнува тој.
Според Илијевски, колективните договори во земјава се почитуваат селективно. При потпишувањето на договор за засновање на работен однос, според него, лицата да внимаваат на тоа кои обврски ќе ги имаат, да обрнат внимание дали има член во договорот којшто би наложувал кратење на платата од страна на фирмата, што е противзаконски и, секако, консултација со правник.
Во делот на најавените измени на Законот за работни односи, Илијевски не е сигурен колку ќе се применуваат во пракса. Тој укажува на потребата за зголемување на родителското отсуство од 9 на 12 месеци, што е предвидено и според надлежните, меѓутоа и на потребата од прецизирање на работата на далечина што произлезе од периодот на пандемијата на ковид-19.
Како еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат работниците, Илијевски го истакна непочитувањето на законски загарантираната минимална плата.
„Постојано се провлекува тоа. Често се случува да ми пишат на социјалните мрежи или да прочитам во коментар дека на некој му е исплатена плата под законски загарантираниот минималец. Тој проблем е најчест во приватниот сектор и за истиот има едноставно решение – Управата за јавни приходи да воведе систем кој нема да дозволува да се исплаќа плата под минималната. Тоа е единствениот начин за да се спречи непочитувањето на правото на минимална плата“, смета Илијевски.
Илијевски посочува и на праксата за непочитување на правото на исплата на регрес за годишен одмор. Тоа, како што вели, го има почувствувано и на своја кожа.
„Сè уште постои пракса одредени работодавачи да исплатат К15, а потоа да ги побараат парите назад. Мене лично тоа ми се има случено. Ова го потврдува и Државниот инспекторат за труд, според кој најмногу пријави во 2021 година има токму за неисплаќање на К15. Во 2020 ова беше особени изразено поради ковид-кризата“, подвлече Илијевски.
Фото:Freepik
Фото:Pixabay
Оваа сторија е дел од публикацијата „Новинарството како јавно добро“, дел од проектот „Синдикатите за фер закрепнување“ финансиран од Европската Унија, а во партнерство со Европската федерација на новинари.Ставовите и коментарите во публикацијата се одговорност на ССНМ и не ги изразуваат ставовите и мислењата на Европската Унија и на Европската федерација на новинари.
