Подобри договори, поголема транспарентност на плаќањата и фер надомест за новинарите: се на врвот на агендата на Европската федерација на новинари (ЕФЈ) во последните консултации за Директивата на ЕУ за авторски права. ЕФЈ предлага важни амандмани на предложените нови права за интернет издавачите.
„Слушнавме многу говори во кои Комесари на ЕУ и членови на Европскиот парламент ја истакнуваат потребата од плуралистичка европска содржина онлајн. Тие признаваат дека за тоа да се постигне вредносната празнина помеѓу авторите и оние кои профитираат од нивната работа мора да се затвори,“ вели претседателот на ЕФЈ Могенс Блишер Бјерегард, повикувајќи ја ЕУ да ги направи потребните промени на предложената директива за авторски права.
Амандманите на ЕФЈ на овој и нацрт извештајот за Правниот комитет на Парламентот (ЈУРИ) покрива три главни теми.
- Јакнење на „триаголникот“ од три одредби во Нацрт директивата за мерки против нечесни договори и отсуство на транспарентност, со цел подобрување на преговарачката позиција на авторите.
- Давање предност на договори за лиценцирање за да се избегнат „исклучоци“ за авторски права со кои се поткопува приходот кои им се потребни на авторите, вклучително и новинарите, да одржуваат разновидност на содржините; и
- Истакнување дека ново право за издавачите може да има позитивно влијание единствено доколку надоместот е подеднакво поделен помеѓу издавачите и авторите.
Могенс Блише Бјерегард објаснува дека ЕФЈ се согласува со издавачите дека мора да се изнајдат механизми со кои медиумите, вклучувајќи ги и посредниците и агрегаторите како Google и Facebook, ќе мора да плаќаат за содржината од која профитираат: „Тоа е предизвик кој ЕУ треба да може да го реши во предложената директива, но тој нема да се реши така што на издавачите ќе им се даде ново ексклузивно право, иако во целост разбирам дека на издавачите им е потребно решение. Затоа, предлагаме амандмани на член 11 од Нацрт директивата, во кој се уредуваат правата на издавачите.
„Време е издавачите и авторите да работат заедно во изнаоѓањето на соодветното решение. Предлагаме правата на издавачите да се реализираат преку организации за колективен менаџмент во чии одбори ќе членуваат и автори и издавачи, за да се обезбеди фер надомест за авторите“.
Во писмо до ЕУ за предложената Директива на ЕУ за авторски права, ЕФЈ и Меѓународната федерација на новинари уште еднаш ја истакнаа потребата од зацврстување на членовите 14, 15 и 16 кои имаат за цел да ја подобрат договорната позиција на авторите, кои се и ќе продолжат да бидат најслабата страна во преговорите за договори. За да се постигне целта на одржување на високо-квалитетна европска содржина, потребна е поголема транспарентност и подобри алатки за новинарите, како и целосно право на застапување од страна на синдикатите. ЕФЈ соработува со други авторски организации на оваа тема.
Конечно, ЕФЈ ги поддржува амандманите предложени од страна на Меѓународната федерација на организации за права на репродукција (ИФФРО) кои даваат приоритет на лиценцирањето за да се обезбеди дека новинарите добиваат надомест за користењето на нивната работа во образовниот сектор. Доколку на земјите-членки на ЕУ им се овозможи да дозволуваат отстапки за авторските права со кои ќе им се овозможи на образовните институции да ја користат новинарската работа без надомест, тоа ќе го намали производството на нови дела кои се, пред сè, примарна „суровина“ на образовнието и ќе ги ослабе „моралните права“ на авторите – нивната способност да ја бранат идентификацијата и интегритетот на нивната работа – додава Могенс Блишер Бјерегард.