Повеќе жени во последните две децении студираат новинарство, влегуваат во оваа професија во многу поголем број и во моментот се позастапени од мажите во редакциите. И покрај зголемената бројност на жените како новинари и медиумски работници, сепак, мажите сè уште се подоминантни на уредничките и одлучувачки позиции, ситуација која многу жени ја гледаат како ограничувачка за уредувачката независност и учеството на медиумите, пишуваат Бојана Костиќ, Џенифер Адамс и Марија Шајкаш за „BalkanInsight“.Според Елида Зилбеари, „на жените се гледа како на работна сила, но на нив треба да се гледа и како на оние кои можат да носат одлуки. Секој може да стане новинар, но не секоја жена може да стане главен уредник и да носи тешки одлуки и структурни планови“.
За Тања Вуисиќ од Радио Белград, зголемувањето на радио содржините за феминизмот и женските права е еден од резултатите на зголемениот број на новинарки. „Ова е добра работа“, вели таа, „но сепак не е доволно. Нѝ требаат новинарки на високи позиции, но се чини дека работата како новинарка е толку високо во хиерархијата, колку што можат да ја дофатат. Тие треба да ги заземат местата и позициите на моќ кои, засега, се резервирани за мажите“.
Недоволната застапеност на жените во овие улоги се надополнува со перцепцијата дека мажите кои ги имаат тие позиции честопати не успеваат да ги преземат придружните одговорности или дел од обемот на работа, иако редовно добиваат признание за работата чии носители се жените.
„Сè што треба да се направи рачно и бара трчање на терен, го прават жени, но одлуките ги носат мажи. Машките новинари можат да поставуваат прашања, можат да стигнат до повисоки позиции, а политичарите ги третираат со почит“, коментира Зилбеари.
Ентенела Ндреватај, новинарка од онлајн-издавачот Citizen Channel во Албанија, се согласува со Зилбеари.
„Ние девојките ја работиме целата работа, но кога станува збор за средба со донаторите, многу често воопшто не сме поканети. Разговараат само со директорот и имаат средби со него, иако и ние учествуваме и помагаме да се создаде и реализира проект. На почетокот не знаев дека вака функционира. Понекогаш боли кога сте вложиле многу труд и сте дале вистински придонес, а вашето име не се споменува“.
Оние жени кои навистина се наоѓаат на раководни позиции, како Маја Мојсовски Рашевиќ, единствената жена уредничка на фотографија за српски дневен весник, сè уште се соочуваат со нерамнотежа кога станува збор за нивниот обем на работа во споредба со нивните машки колеги и/или претпоставени. За време на менаџерските состаноци, Мојсовски Рашевиќ истакнува дека „вообичаено има повеќе жени отколку мажи, но никогаш на позицијата главен уредник.
„Никогаш не сум работела за жена главен уредник во дневниот печат во Србија. Жените обично се втори по ред, но и оние кои завршуваат поголемиот дел од работата“, посочува Мојсовски Рашевиќ.
Јелка Јовановиќ, како уредник и на „Нов магазин“, ја зазема највисоката позиција на жена во хиерархијата во „Данас“, независен медиум во Србија. Таа кратко ја резимира ситуацијата: „Нормално е мажот да биде менаџер, дури и ако не знае како да ја заврши работата“.
Да се биде потценет како работна сила има висока цена за новинарките, кои, исто така, се преоптоварени и недоволно платени. Законите за работни односи во регионот нудат нормативни гаранции, но со неефективна имплементација и мал до никаков надзор или мониторинг, во пракса, правата, како што се породилно отсуство, фиксно работно време и висината на платите се одредуваат од сопственикот или од друго раководно лице во редакцијата. Речиси сите жени со кои разговаравме пријавија дека работеле нередовно работно време и/или прекувремено.
„Немаме официјално работно време, па зависи од тоа кој е шеф тој ден. Ако е мојата пријателка, која има дете како мене, ќе ми дозволи да завршам во пет. Ако шефот е уредник или нема деца, не му е грижа дали треба да останам до 19, 20 или дури и 23 часот. Секогаш ти велат дека си новинар и мора да се ставиш на располагање“, објаснува Жана Џубур од БХРТ.
Часовите минати во прекувремена работа сами по себе значат и помалку време за личен развој и развој на вештини и, како што забележува Џубур, помалку време за инвестирање во заедницата, вклучително и особено за жените со семејни и други обврски за грижа.
Ериса Крејзиу, новинарка од албанскиот Citizen Channel, изрази сличен став.
„Работиме цело време. Дури и да не сме во редакцијата, работиме од дома, бидејќи работата се базира на проекти и мораме да ги следиме овие активности, плус да објавуваме написи. Ја сакам мојата работа, но проблемот е разликата во платите, ниските плати и продолженото работно време“, ни рече Крејзиу.
Уна Хајдари сподели дел од своите искуства за да илустрира како разликите во платите и нееднаквоста се манифестираат на различни начини.
„Кога на некој медиум му треба новинар да известува за настан од терен, тие ќе испратат маж, наместо да испратат жена. Така го наградуваат – со задача, но и со повеќе пари, бидејќи таквата работа на лице место е подобро платена. Кога ме праќаат некаде, тоа е настан од полокален карактер и со помалку плаќање. Ова е сè уште дискриминација, но не е толку експлицитно како разлика во платите“.
За долгогодишните новинари како Јелка Јовановиќ од српските „Данас“ и „Нови магазин“, годините искуство не мора да се претворат во плата пропорционална на машките колеги.
„Моите машки колеги работеа помалку од мене и знаеја помалку од мене, но беа подобро платени од самиот почеток“, вели Јовановиќ.
Новинарките се соочуваат со уште една значителна пречка за напредување во кариерата и учество во медиумите – недостаток на еднаквост во политиките и ставовите за планирање на семејството. Меѓу интервјуираните жени кои имаат деца, речиси сите на некој начин почувствувале притисок да изберат меѓу кариера и семејство.
Валбона Сулче, новинарка и истражувачка од Албанија, вели дека жените водителки мора да ја планираат својата бременост според распоредот на работа:
„Жените ја планираат својата бременост во текот на летото, кога не се пред камера, и се враќаат на екран во септември, кога се продолжува со програмски активности“, изјави Сулче.
Марина Риџиќ го смета нејзиното платено породилно отсуство како привилегија на работата во приватниот сектор, бидејќи жените кои работат во други редакции „често добиваат отказ ако забременат“.
Како работна сила, жените се соочуваат со многу пречки кои го оневозможуваат нивното целосно и значајно учество и застапеност во медиумите. Како ресурс, тие се значително потценети и ефективно задушени во нивната способност да придонесат како еднакви чинители и корисници на различните и плуралистички медиуми.
Кога беше замолена да идентификува некои од главните пречки со кои се соочуваат жените во редакциите, Алис Тејлор полека ги наброја – „долгите работни часови, недостигот на соодветни договори, постојаниот тренд на задршка од платите, немање на слободни денови, немање на празници што за жена која сака да има семејство е многу тешка ситуација“.
Овие дискриминаторски практики на многу начини се влошени од почетокот на пандемијата на ковид-19. Жените кои работат од дома имаат помалку простор меѓу службеното и приватното и уште помалку ако имаат и семејни обврски. За жените стана уште потешко да управуваат со своето работно време заедно со улогите на згрижување, а со оглед на претходно споменатите проблематични договори што се користат во голем број на работни средини.
Пандемијата го направи интернетот најзначаен и најискористен хибридно-јавен простор, каде што нерегулираните платформи шират невидени количини на погрешни информации/дезинформации. Проверувачите на факти, како Амина Челиковиќ од „Раскринкање“, редовно се преоптоварени од големиот обем и природа на содржината, бидејќи се обидуваат само да останат во чекор.
Марина Риџиќ сфати дека пандемијата ги запре нејзините планови на неодредено време.
„Откако се вратив дома од програма за стипендирање во странство, бев полна со идеи и планови и имав чувство дека можам да летам, дека треба да напредувам. Но, раководството јасно стави до знаење дека треба да останам на позицијата што беше потребна во тоа време. Бидејќи бевме во период на ковид-19, немаше начин да напредувам“, истакнува Риџиќ.
Западен Балкан не се разликува од кој било друг регион во кој пандемијата ги зголеми постојните тензии и ги истакна штетните политики и практики кои ставаат непропорционален товар на одредени заедници. Жените новинарки кои сносат голем дел од неплатениот товар на одговорностите, како и гневот и недовербата во заедницата, додека се борат со дискриминаторските практики и патријархалните структури кои го попречуваат нивното целосно учество, секако се едни од нив.
Што функционира: компилација од наоди, увиди и совети
Свесност за правата и пристап: Законите за работни односи ги имаат неопходните одредби за заштита на новинарките. Познавањето на вашите права и препознавањето кога тие се прекршени е ресурс сам по себе.
Солидарност: Новинарските здруженија, синдикатите и другите платформи за соработка сe од суштинско значење за зголемување на пристапноста до медиумите и вклучување во процесите за креирање на политики и иницијативи за промени.
Сопственост на медиумите: Сопственоста и врските со политичките и деловните интереси се штетни за уредувачката независност, плуралноста и вистинската различност заснована на еднаквоста на лидерството и распределбата на ресурсите, а исто така ги зголемуваат приходите.
Фото: Pixabay
Оваа сторија е дел од публикацијата „Новинарството како јавно добро“, дел од проектот „Синдикатите за фер закрепнување“ финансиран од Европската Унија, а во партнерство со Европската федерација на новинари.Ставовите и коментарите во публикацијата се одговорност на ССНМ и не ги изразуваат ставовите и мислењата на Европската Унија и на Европската федерација на новинари.