Доброто новинарство може да биде профитабилно

Датум

Washington Post со вестите на денот освојува нови терени

По славните денови на Washington Post во ерата на Вотергејт на, спласна мојата потреба да го читам весникот. Веќе ги плаќам и ги чешлам The New York Times (се разбира), The Wall Street Journal и The New Yorker, што ми остава едвај време за книгите кои ме чекаат на наткасната и на Kindle. Значи, не ми треба дополнително четиво, а уште помалку дополнителен месечен трошок.

Но веќе некое време логото на Washington Post со наслов „вести на денот“ се појавува на екранот на мојот лаптоп. Не знам само како The Post се вовлекол на мојот дигитиален имот, бидејќи не помнам дека сум го поканил. И веројатно би го сметал за иритантен и нападен доколку вестите на денот не се интересни.

Сензационален наслов од понеделник – „Трамп обелоди високо доверливи информации на руски дипломати на состанокот во Овалната соба минатата недела“ – беше повеќе од интересно. Секако дека кликнав.

Тогаш видов дека налетав на наплатна рампа на The Post, како и на допадлива забелешка дека “Веројатно сакате добро новинарство.“ И за само 99 центи за првите четири недели и само уште неколку кликови, ќе можам да продолжам да читам. Кој би можел да одолее?

За прв пат станав претплатник, и The Post заработи од веста.

Како приватна компанија од 2013 година, кога основачот на Амазон со длабоки џебови Џеф Безос го купи за 250 милиони долари, The Post не открива многу финансиски податоци. Но по сите видливи мерливи параметри, вклучително и виталниот но тежок за мерење фактор на бранување на јавното мислење, воскреснувањето на The Post, уреднички и финансиски, за помалку од четири години, е во најмала рака запрепастувачко.

The Post вели дека бил профитабилен минатата година  –  и без кратење на трошоците. Напротив, под водство на Мартин Барон, поранешниот уредник на The Boston Globe славно претставен во филмот “Spotlight”, The Post тргна во поход на вработување. Вработени се стотици известувачи и уредници, а техничкиот персонал е трократно зголемен.

Минатиот месец, според бројките на comScore, The Post имал 78,7 милиони корисници и 811 милиони прегледи на дигиталната страница, зад само CNN и The New York Times помеѓу новинските организации.

„Објавените бројки кои шпекулираат за нашиот приход од претплата и реклами ја занемарија реалноста која е комична,“ ми рече одговорниот за финансии на The Post, Џед Хартман, минатата недела. „Нашиот приход од дигитални реклами е деветоцифрен,“ односно, надминува 100 милиони. Оваа година, додаде тој, „ќе ја имаме нашата трета година по ред со двоцифрен пораст на приходот.“

Крег Хубер, ветеран аналист за медиуми и весници и основач на Research Partners рече дека иако не ги видел податоците на The Post, пријавената добивка е вчудоневидувачка. „Многу, многу сум изненаден од тие бројки,“ рече тој.“ „Никој друг не е ни близу до нив. Ако се точни, многу сум импресиониран.“

За секој случај, како и кај другите весници, економската слика на The Post и понатаму е оптоварена со печатот, каде падот на тиражот и приходите од рекламирање континуирано продолжува. А неговиот дигитален скок е веројатно направен од скромна основа.

Но, од уредничка гледна точка, скорешните вести на The Post често ја обликуваат националната конверзација. Дејвид Фахрентолд ја освои Пулицеровата награда за национално известување оваа година за неговата серија на разобличување на тврдењата на Трамп за добротворни донации и за најголемата бомба на претседателската камања: обелоденувањето на снимката “Access Hollywood“ во која Г-дин Трамп се фали како зграпчувал жени. (The Post беше и финалист за најдобра статија и едиторијал).

The Post откри дека Мајкл Т. Флин лажел за неговите контакти со Русите што го чинеше неговата работа како советник за национална безбедност и ја фрли Белата куќа во криза поради обидите на Г-дин Трамп да ја ограничи истрагата за врските на неговата администрација со Русија.

(Во познатата војна за грабање вести, The Times неделава е во предност со веста дека Г-дин Трамп извршил притисок врз Џејмс Б. Коми, како директор на IFB, да ја прекине истрагата за Флин).

Вестите – висококвалитетното новинарство генерално – се интегрални за деловниот модел на The Post во време кога иднината на дигиталното новинарство се чини како да се наклонува кон најнискиот заеднички именител на експлодирачки лубеници и глупави трикови на домашни миленици.

„Истражувачкото новинарство е апсолутно критично за нашиот деловен модел,“ ми рече Г-дин Барон. „Ние додаваме вредност. Ние им го кажуваме на луѓето она што не го знаеле. Ние бараме одговорност од владата и моќните индивидуалци и институции. Тоа не е можно без финансиска поддршка. Достигнавме точка кога јавноста го сфаќа тоа и сака да ја поддржи таквата работи така што ќе плати претплата.“

Тој рече дека дигиталната претплата значително се зголемила неделава поради веста со Русија, како што често се случува и со други вести. Во првиот квартал годинава, вели The Post, тие имале стотици илјадници нови дигитални претплатници. (Не го откриваат вкупниот број на претплатници.)

Истражувачкото новинарство исто така повлекува рекламирање, рече Г-дин Хартман. „Тоа го јакне нашиот бренд,“ рече тој. „И другите брендови сакаат да се поврзат со бренд од доверба.“

Г-дин Хубер, аналист, заклучува: „Единствената иднина за нашите весници е квалитетно новинарство,“ рече тој. „За тоа и само за тоа луѓето се волни да платат.“

Тој рече дека The Post е еден од три весници, заедно со The Times и The Wall Street Journal, кои успешно се трансформираат. „Тие покажуваат дека дигиталната стратегија е остварлива,“ рече тој. „Но бројот на луѓе кои сакаат да платат 10 до 12 долари месечно за онлајн претплата надвор од тие три е значително помал.“ (По почетната цена, само-дигиталниот пристап на The Post за национални претплатници е 9,99 долари за четири недели).

Г-дин Хубер забележа дека со оглед на природата на победникот-добива-сé на интернетот, изворите на весите гравитираат кон само неколку новински редакции водени од The Times и The Post. Изворите (и луѓето кои сакаат да откриваат информации) одат во публикациите со најголемо влијание; креаторите на мислење и влијание ги бараат публикациите со најмногу извори и вести – оттука „ефектот на мрежа“ кој е толку посакуван во технолошките кругови, и кој Г-дин Безос добро го разбира.

Кога го прашав Г-дин Барон да именува една работа која го предизвика пресвртот, тој веднаш одговори Г-дин Безос – но не поради неговото огромно богатство.

„Најсуштинското нешто кое Џеф го направи е што ја промени целата наша стратегија,“ рече Г-дин Барон. „Ние бевме новинска организација кој беше фокусирана на регионот на Вашингтон, па нашата визија беше ограничена. Џеф велеше од почеток дека тоа не е правилна стратегија. Нашата индустрија страдаше поради интернетот, но интернетот донесе и подароци кои требаше да ги препознаеме. Тој донесе бесплатна дистрибуција, што ни даде можност да бидеме национална, па дури и меѓународна новинска организација, и тоа треба да го препознаеме и искористиме.“

Но се чини дека Г-дин Безос е сопственик кој не исклучително ангажиран во работата на весникот: иако Г-дин Барон рече дека тие вообичаено имаат телеконференциски повик на две недели, Г-дин Безос не се јавил оваа недела, дури ни по веста за Русија.

За многумина, овонеделниот наплив од вести на денот ги врати спомените за Никсон и Вотергејт, „Сите луѓе на претседателот“ и известувачите Вудварт и Бернстејн на The Post. Но сегашното лидерство на The Post е прво да признае дека времињата се промениле толку многу што таквите споредби со време во кое не постоел интернетот се нерелевантни.

„Денес мора да бидеш добар во сé,“ вели Г-дин Хартман. „Мора да бидеш добар во технологија. Мора да бидеш добар во монетизација. Но една работа која мислам дека ја докажуваме е дека ако сте успешни во тоа, доброто новинарство може да биде профитабилно.“

Извор

Останати
објави

Сподели на...