„Наградите од Европската Унија за истражувачко новинарство“ за најдобри остварувања во 2020 година во Македонија беа доделени во средата во хотелот Александар Палас во Скопје.
„Истражувачкото новинарство е од голема важност, бидејќи придонесува во заштита на јавниот интерес и бара отчетност од оние кои се на власт. Новинарството како професија има одговорна задача да ја информира јавноста на објективен начин и истовремено да го одразува мноштвото на гледишта коишто се јавуваат во јавноста и секако да бара отчетност“, рече во своето обраќање заменик амбасадорот на Европската делегација во Скопје, Џулијан Васало.
Тој додаде дека „храбри новинари се оние кои истражуваат на храбар начин и отвораат прашања за коишто останатите не се осмелуваат да прашаат и на тој начин ги прават општествата подобри“.
Жири комисијата со која претседаваше уредничката од Сакам да кажам, Марина Костова како и членките Тамара Чаусидис (БИРН Македонија) и Милица Шариќ главен уредник во Центарот за истражувачко новинарство – Србија, имаа тешка задача да ги оценат 13-те апликации кои влегоа во финалето.
„Во одлучувањето се водевме по зададени критериуми што ја оценуваа релевантноста на сториите, квалитетот, оригиналноста и професионалниот новинарски интегритет,“ рече претседателката на жирито Костова.
Според Костова истражувањата на финалистите претставуваат значаен и вреден документ и остануваат како своевиден ресурс за понатамошни истражувања во сите сфери. Таа забележа дека сите стории се независни новинарски напори, целосно финансирани со донации и не се дел од мејнстрим медиуми.
Првата награда оваа година отиде во рацете на младиот новинарски тим од Радио МОФ – Јасмина Јакимова, Бојан Шашевски, Даниел Евросимоски и Емилија Петреска за истражувањето со наслов „По трагите на Балканскиот рис – истражувачка сторија во две продолженија“, која жирито ја оцени како производ базиран на извонредно истражување.
„Разочарувачки е тоа што и повеќе од една година од објавата, институциите не се најдоа погодени да реагираат на наодите кои буквално на тацна им се дадени. Каква иднина воопшто имаме со оглед на тоа што продолжуваме да ги уништуваме еко системите, продолжуваме да го уништуваме живеалиштето на балканскиот рис и на целото природно богатство кое го имаме, а со тоа и самите си се уништуваме“, рече Емилија Петреска од Радио МОФ по примањето на наградата.
Таа ја искористи приликата да упати „апел пред се до институциите и до јавноста, да не дозволиме балканскиот рис да не остане само на петденарката, туку да си го зачуваме и по планините“.
Втората награда ја освои новинарската екипа на Истражувачката репортерска лабораторија – Македонија за серија истражувања поврзана со медицинска опрема, тестови, маски во екот на пандемијата со наслов „Пандемиско профитерство – другата страна на приказната со ковид-19“.
„Благодарам за оваа награда и за довербата што ја има ИРЛ. Овие истражувања се производ на целиот тим на ИРЛ. Се надевам дека ова истражување ќе допре до оние кои што треба и оти нешто ќе се промени,“ рече Александра Денковска по примањето на наградата.
Нејзиниот колега Давид Илиевски смета дека најголема награда за една истражувачка сторија е да придонесе до значителна промена, но:
„За жал ниту едно од овие истражувања не доведе до тоа институциите да преземат мерки“.
Третата награда ја доби сторијата со наслов „Работат 44, а плата земаат 1.410 лица – Истражувачки серијал за работата на Министерството за политички систем“ објавена на www.pina.mk и www.samoprasaj.mk од авторите Кристина Озимец и Влатко Стојановски.
„Ова е прва награда за Пина кој е мал медиум кој работи на истражувачки стории. Исто така важно е и тоа што сторијата е направена во соработка со други организации како Само прашај и Институтот за комуникациски студии и со малку средства успеавме да направиме независно новинарство,“ истакна Озимец.
„Оваа сторија е посветена на прво Секретаријатот, а потоа и Министерството за политички систем кое служеше како регрутен центар за вработување на кадри за кои не биле важна професионалноста туку етничката припадност, а тоа државата ја чинело 100 милиони евра. Се надевам дека со оваа сторија придонесовме за решавање на еден проблем“, рече Стојановски.
ЕУ наградите за истражувачко новинарство имаат за цел да ги поттикнуаат и промовираат извонредните постигнувања на истражувачките новинари во земјите на Западен Балкан и Турција, како и да ја подобрат видливоста на квалитетното истражувачко новинарство во овие земји во јавноста.
Наградите за истражувачко новинарство се доделуваат преку проектот финансиран од ЕУ, „Зајакнување на квалитетните вести и независното новинарство на Западен Балкан и во турција“ во 2019, 2020, 2021 година во земјите кандидатки за членство во ЕУ и потенцијалните кандидатки: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Турција за истражувачки стории објавени помеѓу 2018 и 2020 година. Вкупно, 63 награди се или ќе се доделат во овој тригодишен период.
Во Македонија наградата е координирана од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) додека регионалниот конзорциум е воден од Мрежата Балканска истражувачка репортерска мрежа – БИРН Хаб.
Фото: Роберт Атанасовски