Подобрување на условите за работа на новинарите, како и нивните социјални и работнички права, ниските приходи и непочитување на Законот за работни односи од работодавачите, се дел од забелешките во извештајот на Европската Комисија (ЕК) за напредокот на Северна Македонија на патот на евроинтеграции.
Притоа се нагласува позицијата на Самостојниот Синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), како член на Интернационалната Федерација на новинари (IFJ) и на Европската Федерација на новинари (EFJ), и дијалогот што го има со Владата кој, како што се наведува во извештајот, треба да биде поредовен и подобро структуриран за справување со предизвиците со кои во континуитет се соочува професијата.
„Условите за работа на новинарите, особено нивните работнички и социјални права, сè уште треба значително да се подобруваат, пред сè, на локално ниво. Истражувањето што го спроведе Самостојниот Синдикат на новинари и медиумски работници покажа дека 23 отсто од вработените во медиумите немаат здравствено и социјално осигурување, а 19 отсто од нив одговориле дека раководствата на медиумите не дозволуваат формирање на синдикати. Заеднички и постојани предизвици со кои се соочуваат новинарите се и ниските приходи, како и непочитување на Законот за работни односи од работодавачите. Поради лошите услови за работа, новинарите и медиумските работници се ранливи на самоцензура“, се наведува во документот на ЕК за евроинтеграцискиот напредок на земјава.
Во областа на медиумите, Северна Македонија е оценета како умерено подготвена во годишниот извештај на ЕК за напредокот што земјава го остварила на патот на евроинтрациите. ЕК забележува одреден напредок, генералниот контекст е оценет како поволен во однос на слободата на медиумите и нотирано е дека тој овозможува критичко медиумско известување, иако во оваа насока се забележани одредени тензии за време на ковид-19 кризата.
Споменати се и предложените измени во Кривичниот законик, со кои новинарите и медиумските работници се вклучуваат во категоријата службени лица за кои е потребна дополнителна заштита, при изложеност на напади и закани поради природата на нивната професија.
Европската Комисија оваа година повторно се осврнува на реформите во јавниот сервис и забележува оти тие се одложуваат, а потребно е да бидат означени како приоритет.