На Светскиот ден на слободата на медиуми – 3 мај, Европската федерација на новинари (ЕФН) ја објави алатката за проценка на ризиците, осмислена со цел да им помогне на новинарите и медиумските работници подобро да се подготват за ризичните задачи или настани од кои треба да известуваат.
Платформата безбедност за новинарите (www.safety4journalists.org) беше претставена на 3 мај во Брисел за време на завршната конференција од проектот „Безбедност за новинарите“.
Веб-страницата ја развија стручњаци за безбедност со искуство во обуките за новинари, медиумски работници и менаџери на медиумите. Новинарите кои ќе ја пополнат анкетата, односно прашалникот кој е дел од алатката ќе добијат прилагодени совети за да ги намалат ризиците со кои би се соочиле за време на одредена задача, заедно со механизмите за брз одговор, реакција во таквите ситуации. Исто така, тие ќе бидат во можност да ги визуелизираат ризиците и да преземат примероци на документи (лични финансиски проценки, анализа на цените на трошоците, планови за патувања, комуникациски планови и сл.).
Прирачникот за безбедност нуди понатамошни детални информации од широк спектар на теми, како што се планирање пред извршување на работната задача, деескалација, судири и демонтрации, здравствени и медицински катастрофи, или, пак вознемирување на работното место.
Дополнително на алатката и прирачникот, модули за обуки за проценка на ризикот, родовата безбедност, самостојноста на фриленсерите, дигитални ризици и за демонстрации, наскоро ќе бидат објавени на веб-страницата. Надополнувајќи ја алатката за проценка на ризиците, овие модули ќе претстават и детални насоки за здравствените и безбедносните ситуации на работното место.
„Тоа е прв чекор во долгиот развоен процес. Новинарите мора да бидат про-активни, а не реактивни. Оваа платформа е наменета за новинари кои сакаат да се стекнат со вештини и способности за проценка на ризиците поврзани со нивните задачи. Нашата намера е да им овозможиме прилагодени практични алатки за ублажување на овие ризици“, рече офицерот за безбедност во ЕФЈ, Адриен Колин.
Стручњакот за медиумска безбедност, Дејвид Беван, кој придонесе во развојот на оваа платформа додаде:
„Како новинарите можат ефикасно да делуваат на терен без мерки за ублажување? Не можат – ако не планираат, се подготвуваат за неуспех. Можат да се потпрат на среќата, на тоа дека некој ќе интервенира, но мораат сами да создаваат решенија. Оваа алатка ќе ви помогне да ги пронајдете“.
Платформата е развиена во рамките на проектот „Безбедност за новинарите“ кој доби финансиска поддршка од Европската Комисија.