Заедно со 38 експерти, Европската федерација на новинари (ЕФЈ) учествуваше во експертска група на високо ниво на ЕУ (HLEG) воспоставена од Европската комисија, од јануари 2018 година, со цел да се адресира феноменот на таканаречени „лажни вести“ и дезинформации. Конечниот извештај на групата беше објавен во Брисел од страна на Комесарот на ЕУ за дигитална економија и општество, Марија Габриел. ЕФЈ го поздрави конечниот извештај и покрај сомнежите за одредени предлози.
Извештајот јасно укажува дека вистинската закана се дезинформациите, а не „лажните вести“. Дезинформациите се дефинираат како „неточни, лажни или наведувачки информации кои се креираат, презентираат и промовираат со намера да предизвикаат јавна штета или профит.“
„Според нас, најважниот исход од извештајот, кој е резултат на компромис помеѓу засегнатите страни, се предложените активности за заштита на разновидноста и одржливоста на европскиот информативен медиумски екосистем“, рече Генералниот секретар на ЕФЈ, Рикардо Гутиерез, член на HLEG. „Јавните власти треба дефинитивно да разберат дека одржливи медиуми и новинарски сектор е најдобрата противмерка за таканаречените „лажни вести“ и дезинформации. Повеќе од кога и да е, треба да промовираме етичко новинарство, истражувачко новинарство и многу поголема транспарентност од оние на власт, вклучувајќи ги и онлајн платформите“.
За време на дискусиите на HLEG, ЕФЈ инсистираше на фактот дека новинарите и конвенционалните медиуми можат да сторат повеќе како одговор на дезинформациите, но ни одблиску не се главниот проблем во однос на ова прашање. Веруваме дека Европската комисија треба да се фокусира на главната одговорност на онлајн платформите (Facebook, Twitter, Google, YouTube…) во дистрибуцијата и монетаризацијата на дезинформациите. Заедно со Европската организацијата за правата на потрошувачите (BEUC), веруваме дека секторска истрага на ниво на ЕУ за „бизнисите водени од социјалните медиуми“ би била корисна алатка за адресирање на онлајн дезинформирањето кое го негуваат платформите кои рекламираат политики на приход.
ЕФЈ исто така побара поголема јасност во однос на предложената независна „коалиција на засегнати страни“, која има мандат да развие „европски кодекс на практики“ за адресирање на дезинформациите. Заедно со претставник на медиумските работодавци, ЕФЈ успеа да обезбеди новинарските организации да бидат застапени во рамките на оваа „коалиција“; обезбедивме и предложениот „Кодекс на практики“ да не претставува дополнителен товар за новинарите и медиумите кои се веќе подложни на постојани новинарски деонтолошки кодекси, етика и стандарди.
Извештајот наведува дека „иницијативите насочени кон справување со конкретни проблеми на дезинформирање“ треба да имаат точна цел и да бидат формулирани на начин кој ќе обезбеди тие да не им овозможуваат, случајно или намерно, на јавните или приватните власти да ја ограничуваат слободата на говорот.“