„Животот“ на локалните медиуми во Грузија под закана 

Датум

Грузија се соочи со длабока политичка поларизација во своите 30 години на независност. Самиот медиумски пејзаж ги одразува тие поделби, што резултираат со општествена тензија. Во меѓувреме, драматично се намали слободата на печатот со затворање на медиуми во земјата. И покрај тие предизвици на национално ниво, сепак, има простор за надеж на локално ниво, бидејќи локалните редакции продолжуваат да опстојуваат и напредуваат преку иновации и градење односи со нивните заедници.

Вкупниот пад на слободата на печатот во Грузија стана акутно видлив во јули 2021 година, кога над 50 медиумски работници беа мета на насилство од големи размери за време на протестите против Гордоста во главниот град на Грузија, Тбилиси. Снимателот Александар Лашкарава почина по еден месец од повредите што ги здоби додека ги извршуваше своите професионални обврски за време на демонстрациите. Затворањето на директорот на популарниот ТВ канал „Мтавари Арки“, Ника Гварамиа, во мај 2022 година, беше нов знак за таквиот пад. Гварамиа беше осуден на три и пол години затвор за корупција во, според многумина, политички мотивиран судски процес.

Медиумската средина во Грузија се смета за плуралистичка, но е поларизирана и партиска. Поларизацијата на медиумите е евидентна во ТВ просторот, доминантен извор за вести и настани, кој допира до над 50 проценти од јавноста. Во меѓувреме, медиумскиот пазар во Грузија се соочува со финансиски проблеми, загрозувајќи ја достапноста до независни и квалитетни информации. Според Маријам Гогосашвили, извршна директорка на Грузиската повелба за новинарска етика, земјата не успеа да изгради стабилна инфраструктура за медиумски бизнис. Како водечки предизвици за независното новинарство во Грузија, таа ги посочува финансиската моќ на владата врз медиумите, начинот на кој државните агенции се мешаат во известувањето, незрелиот пазар за рекламирање и порастот на политички мотивирани прогони против независните новинари.

Јавната дебата за медиумите во Грузија често се фокусира на улогата на радиодифузните медиуми. Сепак, поважната приказна за демократијата во Грузија се случува на локално ниво, каде обемот на вести расте, додека медиумите кои се фокусирани на локалната заедница исчезнуваат. Од тука, главен предизвик за редакциите е да привлечат читатели на локално ниво, кои ќе ја плаќаат нивната содржина. Поради зголемените трошоци за печатење и пречките за трансформација кон дигиталното, многу локални весници се затвораат, што претставува закана од оставање на празен простор за локалните вести.

Многу локални издавачи издвојуваат значителен дел од нивните човечки и финансиски ресурси за покривање на националните вести, намалувајќи го квантитетот и квалитетот на покривање на локални теми. Во истовреме, независните редакции кои квалитетно ги покриваат темите од интерес на локалната заедница, честопати во голема мера се потпираат на донации, што може да претставува предизвик за долгорочната одржливост на таквите редакции. Сепак, надеж има, бидејќи некои локални редакции успешно се носат во потрагата по средства од нивната најблиска заедница.

Публиката на прво место – „Батумелеби“

Лансиран во 2001 година, „Батумелеби“ (Batumelebi.ge) беше замислен како глас на локалната заедница во регионот Аџара, во југозападниот дел на земјата. „Батумелеби“ преживеа три влади од независноста на Грузија, и покрај тоа што неговите новинари и уредници беа напаѓани, загрозувани, уценувани и приведувани од властите. Но, медиумот продолжува да иновира.

Во 2009 година, „Батумелеби“ се прошири со лансирање на онлајн платформа на национлно ниво наречена „Нетгазети“. „Нетгазети“ е со седиште во Тбилиси и се фокусира на национални вести. Истовремено, Батумелеби, со седиште во Батуми, се држи до теми од локален интерес, служејќи и на поцврста и лојална заедница. Тимот останува поврзан со својата публика, известувајќи за проблемите и станувајќи дел од решението.

„Деноноќно информирање за вистината и одржување на близок контакт со заедницата е најдобриот начин за борба против дезинформациите. Тоа е камен-темелник на довербата на јавноста во вашето известување“, изјави извршната директорка и основачка на „Батумелеби, Мзија Амаглобели за ИПИ (Интертнациолен Прес Институт).

Барање одржливост

„Батумелеби“ е претежно финансиран од донатори. Бидејќи финансирањето од донаторите не е доволно за да се обезбеди финансиска одржливост на компанијата, тоа е дополнето со маркетинг. Сепак, потпирањето на рекламите е предизвик, бидејќи многу бизниси во Грузија се под притисок на владата или тесно поврзани со одредени власти.

„Се трудиме да најдеме одржлив деловен модел додека бараме шанса за раст и развој. Сепак, секој ден треба да размислуваме за начини да опстанеме и да постоиме до утре“, вели Амаглобели.

Најактуелно прашање за „Батумелеби“ е финансирањето. Компанијата планира да се насочи кон приходи на читател за да постигне поголема одржливост. Планира да лансира модел за членство што ќе биде предводен од нови типови на содржини, како истражувачко новинарство и мултимедијални приказни.

Редакциски, „Батумелеби“, исто така, планира да развива англиски и турски изданија и да понуди билтени на англиски јазик за меѓународната деловна заедница. Друг план е поврзан со почеток на емитување на содржини на ЈутЈуб (YouTube), нудејќи висококвалитетна јавна дебата и да биде домаќин на разговори меѓу владата и опозицијата. Амаглобели е уверена дека уредувачката независност и угледот на весникот кои се градени со години, ќе помогне за зближување на спротивставените политички страни.

Сепак, главната цел на „Батимелеби“ е да ја зголеми публиката и да работи во интерес на повеќе читатели со непристрасно, висококвалитетно новинарство за кое веруваат дека ќе има поголемо влијание.

Покривање на национални теми како предизвик, но фокус и на локални теми – „Мтис Амбеби“

Лансиран во 2017 година, во екот на намалување на населението во грузиските планински области, „Мтис Амбеби“ (Mtis Ambebi или „Планински вести“) произведува длабински извештаи од планинските региони и се обидува да понуди решенија на локалното население за растечките предизвици.

„Повеќе од половина од територијата на Грузија се планини, но ниту еден од националните медиуми не известува за огромниот број на проблеми со кои се соочуваат луѓето кои живеат во планинските региони, вклучувајќи кршење на човековите права, нееднаквост и недостаток на инфраструктура. Тоа беше празнина што решивме да ја пополниме“, изјави основачот и главен уредник на „Мтис Амбеби“, Гела Мтивлишвили за ИПИ.

Според него, новинарството кое нуди решенија е клучно за успехот на „Мтис Амбеби“.

„Ние разговараме со луѓето и подготвуваме извештаи врз основа на она што ни го кажуваат. Но, тоа е само половина од работата што ја работиме. Откако ќе слушнеме нивните приказни, седнуваме и размислуваме за решенијата“, вели Мтивлишвили.

„Мтис Амбеби“ им помогна на локалните жители да спроведуваат петиции за законски измени и да организираат национални кампањи за собирање на средства за локалното население. На пример, „Мтис Амбеби“ почна акција за собирање на потписи на национално ниво, за владата да обезбеди пристап до дијализа за луѓето кои живеат во планините региони. Тоа, впрочем, беше една од причините поради кои голем број жители ги напуштија домовите или починаа. Како резултат на петицијата, која ја потпишаа над 10.000 граѓани, се изградија нови центри за дијализа во голем број на планински региони.

Друго итно прашање што го покрена „Мтис Амбеби“ во своето известување беше немањето на соодветен пристап до интернет во планините и тешкотиите со кои се соочија децата во наставата преку интернет за време на пандемијата. Благодарение на заложбите на тимот, тој проблем беше решен за многу деца во голем број на планински села.

Идни планови

Тимот има многу планови за иднина во делот на уредувачката политика, но и за деловната страна. „Мтис Амбеби“ ќе го прошири своето мултимедијално известување, поради популарноста на нивните пилот верзии на видео производите. Редакцијата размислува за долгорочна стратегија за подкаст, и покрај релативно малата публика која се адаптира на подкасти во Грузија. Друга идеја што ја разгледуваат е инвестиција во дигитално емитување.

Овие идеи сè уште мируваат, поради нестабилните текови на приходите и недостатокот на човечки ресурси.

„Треба да размислуваме за опстанок секој ден, но треба и да продолжиме да одиме напред“, вели Мтивлишвили.

Според нивното последно истражување на публиката, 80 отсто од нивните читатели се подготвени финансиски да ја поддржат публикацијата. Како одговор на ова, „Мтис Амбеби“ планира да воведе и опција за донација за читателите во наредните месеци.

Оваа статија беше овозможена делумно со поддршка од Фондацијата Фридрих Науман (FNF).https://ipi.media/under-threat-local-newsrooms-innovate-to-survive-in-georgia/

Останати
објави

Сподели на...