Брисел, 31 октомври 2016- на третиот ден од одбележувањето на денот на ОН против неказнивоста на злосторствата против новинарите, Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ), најголемата организација на новинари со 600.000 членови, денес ги предизвика владите да покажат политичка воља во справувањето со неказнивоста на насилството врз медиумските работници во светот.
ИФЈ, која евидентираше 66 убиства од почетокот на година, ја припишува постојната медиумска безбедносна криза на неуспехот на владите да ги казни оние кои се закануваат, напаѓаат и убиваат медиумски работници.
Денот на ОН на 2 ноември го одбележува стартот на кампањата на ИФЈ и нејзините подружници да ја запрат неказнивоста, со посебен фокус на четири земји: Индија, Мексико, Пакистан и Јемен.
„Лошата стапка на истраги и прогони на насилството во новинарството ја втемели неказнивоста која го поттикнува постојното крвопролевање,“ рече Претседателот на ИФЈ, Филип Лерут. „Додека зборовите на претставниците на владите на состаноците на ОН за време на усвојувањето на резолуции за заштита на новинарите не се преточат во вистински дела на терен, ситуацијате тешко дека ќе се промени.“
Федерацијата, која има статус на придружна членка на УНЕСКО, водечката агенција за спроведување на Акцискиот план за безбедност на новинарите и прашањето на неказнивоста на ОН, ги пренесува последните бројки на организацијата за прашањето кои даваат една мрачна слика.
Според УНЕСКО, помалку од 1 од 10 убиства на новинари се гони пред националните судови, додека во 92% од инцидентите во кои се употребило насилство за потиснување на слободното изразување воопшто не се делувало, со што на злосторниците им се дал тотален имунитет од правдата.
Како дел од својата долгогодишна глобална кампања за ставање крај на неказнивоста, ИФЈ на 7 ноември организира голема конференција во Брисел за прашањето под наслов: Претворање на зборовите во дела. На конференцијата ќе присуствуваат новинари, академици, претставници на меѓународни организации, како и роднини на новинарите кои ги загубиле своите животи, кои ќе разговараат за стратегии за примена на локалните, националните и меѓународните закони за да се обезбеди правда за жртвите.
Листата на ИФЈ на земји со највисока стапка на смртност во 2016 година ги вклучува воените зони во Авганистан (11), Ирак (7), Сирија (5), Јемен (5) и Пакистан (5). Но, насилството исто така ги чинело живот новинарите кои обелодениле криминал и злоупотреба на моќ во Мексико (8), Индија (5), Гватемала (5) и Бразил (3).
„Овие нивоа на насилство се неприфатливи и владите мора да преземат одговорност и драстични мерки против таквите напади врз новинарите“, додаде Ентони Беланџер, Генерален секретар на ИФЈ. „ИФЈ останува посветена на обелоденување на насилството врз новинарството и оваа конференција ќе ги изнајде најдобрите начини за ангажирање на владите во спроведувањето на владеењето на правото за да се обезбеди поголема медиумска заштита.“