Зголемено насилство врз новинарите на Западен Балкан

Датум

Мерките кои се преземаат за заштита на новинарите се несоодветни, не постојат политики за нивна регулација ниту механизми за следење и известување за состојбите. Понатаму, државните функционери многу ретко го осудуваат насилството врз новинарите, а понекогаш дури и се обидуваат да го прикријат.

Бројот на нападите врз новинари се зголеми во последните неколку години. Она што уште повеќе загрижува е фактот што физичките напади и насилството врз новинарите е исто така зголемено. Ова беше истакнато на отворањето на дводневната конференција која се одржа во Белград на 6 и 7 декември 2016 година за Слободата на медиумите и безбедноста на новинарите на Западен Балкан. Европската федерација на новинари (ЕФЈ) беше поканета да учествува на настанот.

Конференцијата беше организирана од страна на Независното здружени на новинари на Србија (НУНС) како дел од проектот Регионална платформа за промовирање на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите – мрежа на новинарски организации и синдикати од земјите на Западен Балкан. Резултатите од регионалното истражување за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, водено од Снежана Трпевска,  доктор на Институтот за комуникациски студии во Скопје, Македонија, беа презентирани на конференцијата. Истражувањето опфати 5 земји во регионот: Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија и вклучуваше 3 теми: (А) правна рамка и нејзино спроведување, (Б) финансиска и работна состојба на новинарите и (В) безбедност на новинарите.

blegrad-konferencija

Во однос на законите, истражувањето покажува дека законодавството е во рамките на стандардите, но спроведувањето на законите е значително несмасно. Во ниедна земја интернетот не подлежи на посебни регулативи и забележани се случаи на обиди за цензура. Регулаторните тела и јавните сервиси во сите земји се сметаат за високо исполитизирани и многу слично мислење се дели за државното рекламирање, особено на локално ниво.

Клеветата е декриминализирана во сите земји кои се опфатени со истражувањето, но предвидените казни се многу високи и тоа влијае на појавата на самоцензура. Во Босна и Херцеговина, на пример, 80% од новинарите рекле дека се плашат од тужби за клевета.

Критичкото новинарство преминува на интернет

Истражувањето покажува генерален тренд на преминување на критичкото новинарство на интернет. Тој веќе стана зона на слободното новинарство, но и зона на напади. Непрофитните медиумски новинари истакнуваат дека многу често се мета на центри на моќ и на дел од колегите кои се обидуваат да ги дискредитираат како профитери и странски „платеници“.

Во однос на здружувањето на новинарите во професионални организации, истражувањето покажува уште еден тренд кој е присутен во сите земји – администрацијата создава паралелни општествени структури за да ги дискредитира легитимните професионални организации.

Што се однесува на заштитата на изворите, очигледно е дека во сите земји новинарите се под притисок да ги откријат своите извори вез судски налог. Во однос на пристапот до информации, пак, администрацијата молчи во сите земји или одолговлекува. Новинарите во секоја земја ги сметаат парламентите за најотворени државни институции, додека владите и политичките партии за најзатворени.

Се зголемува стравот за финансиската и физичката безбедност

Делот од истражувањето кој се однесува на работната и финансиската ситуација на новинарите покажува дека нивната економска и финансиска состојба се влошила во изминатите неколку години.

Во некои земји, платите на новинарите се потпросечни, тие често работат прекувремено и без договори на неопределено време. Тоа е причината зошто тие се изложени на постојан страв од отказ. Во сите земји во кои е спроведено истражувањето постои и уште еден проблем – поради отсуството на внатрешни акти за заштита на независноста на редакциите од сопствениците и на новинарите од уредниците, постои силно влијание од страна на раководството.

Треба да се забележи дека ова истражување е првото кое дава статистички податоци за нападите врз новинарите во регионот. Податоците покажуваат дека бројот на физички напади во сите земји се зголемил во изминатите неколку години. Речиси сите случаи на убиства на новинари остануваа нерешени и сторителите не се пронајдени.

Во текот на истражувањето стана очигледно дека државните институции немаат стандардна статистика за напади врз новинари, ниту пак постои унифициран систем за дефинирање на видовите напади. Мерките кои се преземаат за заштита на новинарите се несоодветни, не постојат политики за нивна регулација ниту механизми за следење и известување за состојбите. Понатаму, државните функционери многу ретко го осудуваат насилството врз новинарите, а понекогаш дури и се обидуваат да го прикријат.

Safejournalists.net: Статистика за нападите врз новинари од регионот на едно место

Интернет платформа safejournalists.net која за прв пат собира статистички податоци за нападите врз новинари од регионот беше презентирана на конференцијата. Новата платформа го олеснува пријавувањето на напади или кршењето на правата на новинари, како и пребарувањето на бази на податоци за такви случаи во шест регионални центри (Сараево, Загреб, Приштина, Скопје, Подгорица и Белград).

Интернет платформата е дел од системот за рано предупредување и спречување на напади врз новинари која ја изготвува Регионалната плаформа за промовирање на слобода на медиумите и безбедност на новинарите – мрежа на новинарски организации и синдикати од Западен Балкан формирана во јануари 2016 година.

На конференцијата се зборуваше за многу теми: државни механизми за безбедност на новинарите, улогата на професионалните организации во однос на безбедноста на новинарите, правна заштита на медиумите и новинарите и последиците од државно рекламирање. На конференцијата учествуваа: Мајкл Давенпорт, шеф на делегацијата на ЕУ во РС, Снежана Трпевска, шеф на истражувањето на проектот, Дуња Мијатовиќ, претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите, Мартина Силвестри, од Советот на Европа, Мехмет Коксал од Европската федерација на новинари (ЕФЈ) и претставници на регионалните новинарски организации и синдикати.

Фото: НУНС

Останати
објави

Сподели на...