Избрано ново раководство на ССНМ

Датум

Ѕвездан Георгиевски на Изборното Собрание одржано во неделата беше избран за вд. Претседател на ССНМ

Долгогодишниот новинар и уредник Ѕвездан Георгиевски на Изборното Собрание одржано во неделата беше избран за вршител на должноста Претседател на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници. Освен в.д претседател на Собранието беа избрани и оформени раководните тела на Синдикатот – Извршен одбор, Надзорен одбор и Статутарна комисија.

В.д. претседателот Георгиевски ќе биде на чело на ССНМ до избор на нов претседател. Георгиевски доаѓа на местото на Тамара Чаусидис која раководеше со ССНМ изминатите осум години од неговото основање.

На собранието беа усвоени финансискиот, како и извештајот за работата на ССНМ помеѓу две собранија, а се разговараше и за состојбата во медиумите во Македонија, како и за условите за работа на новинарите и медиумските работници. Беа презентирани и три анализи базирани на анкети спроведени помеѓу 88 новинари од 25 дигитални медиуми кои покажаа дека вработените во овој дел од медиумскиот сектор се наоѓаат во лоша економско-социјална состојба.

На пример, над две третини, поточно 69,3 % од новинарите кои работат во дигиталните медиуми би ја напуштиле професијата, а како главна причина за тоа ја навеле ниската плата, која според ова истражување изнесува 18.348 денари или околу 300 евра, што е за речиси 100 евра помалку од просечната плата на ниво на држава. Анкетата исто така покажа дека новинарите од дигиталните медиуми многу малку знаат што е синдикат и синдикално здружување и зошто е тоа потребно.

Врз основа на овие, но и други сознанија на собранието беше разговарано и за понатамошните чекори и активности во насока на окрупнување и функционирање на ССНМ во наредниот период.

За членови на Извршниот одбор беа избрани: Маја Јовановска, Маја Томиќ, Владо Апостолов, Александра Денковска-Гоцевска, Тамара Грнчароска, Теофил Блажевски, Павле Беловски и Роберт Атанасовски.

Во Надзорниот одбор беа избрани Дарко Чекеровски, Марија Севриева и Зоран Маџоски, додека во статутарната комисија ќе членуваат Тамара Чаусидис, Дарко Дуридански и Јане Димески.

 

Останати
објави

Сподели на...