Каква улога, доколку имаат, се разбира, играат социјалните медиуми, пребарувачите и апликациите за размена на пораки во нарушување на довербата на јавноста во медиумите? Во виртуелните дискусии со мали групи на новинари и на издавачи минатата година, многумина изразија загриженост дека дигиталните платформи, барем делумно, се виновни за пад на нивото на доверба во вестите во многу места низ светот.
Некои се загрижени дека платформите овозможуваат лажната критика на новинарството да циркулира полесно и подмолно, додека го загадуваат информациското опкружување со нискоквалитетни замени за фактичкото известување. Други имаа став дека платформите ги поткопуваат врските на публиката на вести со нивните брендови, иако често сметаа дека посредниците во дигиталните медиуми се суштински важни за дофаќање на сегменти од јавноста за кои е најмалку веројатно дека ќе се вклучат на патот на наследени начини како што се печатење или емитување.
Во најновиот извештај од проектот „Доверба во вестите“ ги истражувавме тие прашања од перспектива на публиката. Потпирајќи се на оригиналниот сет на податоци од анкети во летото во 2022 година во четири земји (Бразил, Индија, Велика Британија и САД), ја испитувавме врската меѓу довербата во вестите и начините како луѓето размислуваат за вестите на дигиталните платформи, особено на Фејсбук, Гугл, Ватсап и ЈутЈуб кои се меѓу најкористените платформи ширум светот.
Она што го заклучивме е дека донекаде се разликува во нијанси и начинот на кој луѓето размислуваат за информациите на платформите значително варира. Тоа, пред сè, зависи од платформата, од земјата, од публиката во земјата и од видовите на вести со кои се соочува публиката во тие различни средини.
Истовремено, освен таквите контекстуални разлики, постои и впечатлива сличност. Воочивме конзистентен „јаз во доверба“ меѓу тоа колку луѓето во сите четири земји веруваат на информациите во медиумите воопшто и колку веруваат во вестите што се наоѓаат на тие дигитални компании, кон кои имаат тенденција да бидат поскептични. Наидовме на такви празнини, иако, исто така, заклучивме дека значително мнозинство сè уште има позитивни чувства кон самите платформи.
Иако овие наоди на почеток може да изгледаат контраинтуитивни, тие добиваат смисла кога се разгледуваат заедно со другите наоди во извештајот за причините зошто луѓето велат дека користат платформи. Тие варираат од врската со други (особено важно за Ватсап и Фејсбук), до забава и минување време за што високо рангиран е ЈутЈуб. Добивањето на вести и информации од платформите често е секундарна грижа. Голем број може да бидат во тек со вестите преку извори на информации што ги доставуваат компаниите, но, сепак, самите вести се ретко во фокусот на повеќето луѓе кои ги користат тие производи.
Тоа ги прави платформите многу поважни за новинарските организации во потрагата за проширување на својата публика, отколку што се вестите за самите платформи. Можеби тоа е причината што многумина, генерално, се попозитивни кон платформите, иако гледаат значителни проблеми, како што покажува и извештајот. Тоа вклучува проблеми околу лажни и манипулативни информации, вознемирување, кавга кога станува збор за политика и други прашања. Многу корисници сметаат дека платформите се пријатни или корисни во нивниот секојдневен живот, и покрај таквите грижи, без разлика што мислат за вестите што би можеле да ги пронајдат таму.
Секако, јазот во довербата меѓу вестите во целина и вестите на платформите е поголем за некои едни (Фејсбук) и помал за други (Гугл), а поинаков во некои земји. Довербата, на пример, е многу поголема во Индија за разлика од другите земји. За некои, пак, публиката, како помладите, факултетски образувани, политички заинтересирани луѓе имаат поголема веројатност да веруваат на вестите на платформите и надвор од нив, но, загрижувачки, најниско ниво на доверба има кај луѓето кои воопшто не користат платформи.
Некои можеби ги избегнуваат платформите, токму затоа што не им веруваат. Други, можеби, изразуваат вредносен суд за видот на вести на платформите за кои сметаат дека имаат исклучително понизок квалитет во споредба со оние што може да се најдат на друго место. И, секако, алгоритмите на платформата даваат приоритет на некои видови на содржини во однос на други.
Заклучоците во извештајот, исто така, укажуваат и на степенот до кој многумина можат да ги засноваат своите проценки за вестите на платформите и на идеите што ги имаат за природата на информации на тие простори. Идеи влијаат на тоа како се однесуваат луѓето на тие дигитални простори и што очекуваат да најдат во нив. Иако ставовите на оние кои не користат платформи може да изгледаат помалку важни од перспективите на оние со големо искуство во користење на тие услуги, оние кои ги избегнуваат платформите во многу случаи се мнозинство од јавноста. Нивните уверувања за информациите на платформите може да влијаат на дебатата за тоа како треба да функционираат тие услуги.
Важноста на идеите за вестите на платформите се однесува и на вестите воопшто. Како што покажуваат извештаите, многу испитаници имаат прилично негативни мисли за начинот на кој се практикува новинарството во нивните земји и на новинарите гледаат како на манипулатори кои главно си служат себеси и на агендите на моќните политичари. Иако многумина, исто така, велат дека често се соочуваат со критики на медиумите на социјалните мрежи од кои некои, сигурно, може да бидат целосно легитимни, се чини дека такви размислувања за вестите кружат и надвор од мрежите, за што многумина наведуваат разговори со луѓе како едно од главните начини преку кои наидуваат на такви критики.
Каде таквиот тренд ги сместува новинарските организации? – Предизвикот за многумина можеби да биде помал во ерозија на довербата поради тоа што се видени на платформите, а повеќе во тоа што воопшто се видени во таму. За неповрзаната и исклучена публика, рамнодушноста наместо растечкото непријателство кон вестите може да биде поподмолен и на крајот егзистенцијален предизвик со кој се соочува индустријата. Вестите се ретко она што повеќето луѓе го бараат кога ги користат платформите, а тие, пак, сè повеќе бараат да ги обврзат. Како што рече и портпаролот на Фејсбук во една прилика лани дека „повеќето луѓе не доаѓаат на Фејсбук за вести, а како бизнис нема логика за премногу инвестиции во области кои не се усогласени со корисничките преференции“.
Компанијата објави дека се оддалечува од својата иницијатива „Фејсбук њуз“ (Facebook News) и наместо тоа ќе даде приоритет на објавите од пријатели и семејства, како и дека ќе нагласува содржина што е произведена од „креатори“ во сличен стил на ТикТок1. Таквите одлуки предизвикуваат неколку грижи, вклучувајќи и изгледи дека Фејсбук и другите социјални медиуми, кои следат слична стратегија, ќе бидат помалку ефикасни во поттикнувањето на случајна изложеност на вести. Покрај тоа, иако содржината што е произведена од „креатори“ може да биде многу привлечна, таа истовремено може да биде и многу променлива и понекогаш со сомнителен квалитет кога станува збор за обезбедување на точни фактички информации за тековни работи. Тие промени на платформите, исто така, претставуваат големи предизвици за новинарските организации, не само за оние кои се потпираат на сообраќајот што доаѓа од нив до нивните интернет страници, туку и за оние кои гледале на тие услуги како нивно основно средство за допир до помлада и помалку лојална публика. Променливиот пејзаж за дигитални информации веројатно ќе го отежне тоа, што ја прави потрагата за алтернативни стратегии уште посуштинска.
Резиме на клучните наоди
– Нивото на доверба во вестите на социјалните медиуми, пребарувачите и апликациите за размена на пораки е постојано пониско од довербата на публиката во информациите во медиумите. Лоцирани се празнини во довербата за повеќето платформи во сите четири земји, при што вестите на Гугл понекогаш се во паритет со вестите во целина, но вестите на другите платформи обично се гледаат поскептично. Довербата, исто така, беше значително повисока во Индија во споредба со другите три земји.
– Значителен дел од јазот во довербата се објаснува со пониските нивоа на доверба меѓу луѓето кои не користат платформи. Многу од луѓето имаат недоверба кон вестите со кои се среќаваат преку дигиталните медиумски компании, кои обично се повозрасни, помалку образовани и помалку политички заинтересирани, и исто така, изразуваат помала доверба во вестите без оглед дали се наоѓаат на платформи или преку традиционални офлајн модели.
– И покрај релативно помалата доверба во вестите на платформите, многумина негуваат, генерално, позитивни чувства кон нив, особено кон Гугл и ЈутЈуб, како и кон Ватсап во Бразил и во Индија. Релативно мал број на испитаници во сите четири земји изразиле негативни чувства кон технолошките компании. Ова може да укажува дека ставовите на луѓето кон платформите во голема мера не се поврзани со очекувањата околу тоа какви вести може или не можат да најдат таму.
– Многу од најчестите причини поради кои луѓето велат дека ги користат платформите немаат голема врска со вестите. За повеќето платформи, луѓето ќе кажат дека ги користат за поврзување со други луѓе во нивните животи, за забава или за минување на дел од времето наместо да дознаат информации за тековни работи. Мнозинството во некои земји, исто така, вели дека ги користи платформите за комерцијални цели (купување или продавање производи) или за работа или за училиште.
– Вестите за политиката се сметаат за особено сомнителни, а платформите за многумина се спорни места за политички разговори, барем за оние кои се најзаинтересирани за политика. Нивото на доверба во вестите, генерално, е релативно повисоко од довербата во вестите кога се однесуваат на известување на политички прашања. Таков диспаритет е особено изразен во Бразил, каде што, речиси, две третини од луѓето велат дека треба да бидат повнимателни кога зборуваат за политика со пријатели и познаници. Дури 20-30 отсто од политички најзаинтересираните луѓе во сите четири земји велат дека престанале да разговараат со некого на платформите поради несогласувања за политиката.
– Негативните перцепции за новинарството се широко распространети, а социјалните медиуми се едно од најчесто цитираните места за кои луѓето велат дека гледаат или слушаат критики за вести и новинарство. Дури половина од испитаниците во сите четири земји веруваат дека новинарите се обидуваат да манипулираат со публиката во служба на агенди на моќните политичари или повеќе им значи да привлечат внимание отколку да известуваат за факти. Оние кои користат платформи, веројатно ќе кажат дека често се соочуваат со критики на медиумите.
– Неточните информации и вознемирувањето се меѓу водечките проблеми кои многумина ги поврзуваат со платформите. И покрај позитивниот став кон повеќето платформи, големо мнозинство во сите четири земји, сепак, е согласно дека лажните и манипулативни информации, вознемирувањето и платформите кои неодговорно користат податоци се „големи проблеми“ во нивната земја за многу платформи. Во САД и во Велика Британија, поголем процент посебно го издвоија Фејсбук во контекст на тие проблеми, додека пошироко мнозинство во други земји смета дека таквите проблеми се присутни на сите четири платформи за кои прашавме.