ИФЈ повикува на доследност во решавањето на проблемите со безбедноста во новинарството

Датум

Претседателот на Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ), Џим Бумела, денес на меѓународната конференција со наслов „Медиумските организации во заштита на безбедноста на медиумските работници“ при УНЕСКО во Париз рече дека извршните тела на медиумите и новинарските организации мора да работат заедно за да обезбедат заштита на новинарите.

Г-дин Бумела, кој зборуваше на отворањето на конференцијата заедно со Директорот на УНЕСКО Ирина Бокова и Потпретседателот на Светскиот форум на уредници Ерик Бјерагер, рече дека безбедносната криза во новинарството е резултат на сè поголемите опасности во новинарството и неимплементирањето на меѓународните правни инструменти кои имаат за цел да ги заштитат новинарите, како граѓани. Тој истакна дека конференцијата дава можност учесниците да изнајдат колективен начин на дејствување кој ќе ја промовира имплементацијата на постоечките правни гаранции.

„Нашата задача денес е да ја изградиме најшироката коалиција која ќе обезбеди дека таквите инструменти ќе бидат промовирани и имплементирани“, рече Бумела. „Денес повикуваме на подоследна вклученост од страна на сопствениците на медиуми, издавачите и уредниците. Сè поголемиот број на смртни случаи во новинарството е повик за поголема ангажираност на меѓународните институции како што се Обединетите нации да влијаат на владите да посветат повеќе внимание на безбедносната криза со која се соочени новинарите и медиумите.“

Во својот говор, Претседателот на ИФЈ се повика на вчерашниот извештај на Федерацијата за бројот на убиени новинари и медиумски работници помеѓу 1990 и 2015 кој изнесува 2.297 смртни случаи. Покрај високиот степен на насилство врз новинарите, Претседателот на ИФЈ го осудува и константното неказнување.

„Во не помалку од 90 проценти од убиствата на новинари во светот, речиси и да немало никаков прогон,“ забележа Г-дин Бумела, упатувајќи и на фактот дека таквите убиства чии жртви се главно локални новинари ретко кога стигнуваат до главните вести освен доколку жртвите не се познати новинари.

Еднодневната конференција, која беше заеднички свикана од ИФЈ и Светската асоцијација на весници и новински издавачи (WAN-IFRA) со поддршка на Меѓународната програма за развој на комуникациите на УНЕСКО (IPDC) собра на едно место искусни новинари, уредници и сопственици на медиуми од целиот свет кои дебатираа за бројни безбедносни прашања вклучувајќи ги најдобрите редакциски практики, ставањето крај на неказнувањето, безбедноста на заедницата, регионалните и локалните медиуми, како и за безбедноста на хонорарците и продуцентите на социјалните медиуми.

Претседателот на ИФЈ ќе земе учество и на следниот состанок кој ќе се одржи во сабота, 6 февруари во Париз на кој ќе се зборува за начините за успешно спроведување на активностите за промовирање на безбедноста на новинарите врз основа на дискусијата од денешната конференција.

Останати
објави

Сподели на...