Пандемијата беше тешка за фриленсерите. Поради кратењата на буџетите, забраните за патувања и откажувања на проекти, како и голем број на одложени концерти и настани во индустријата за забава, тие се соочија со намален обем на работа и приходи. Но, оваа година, се чини, дека ситуацијата се подобрува и носи возбудливи можности за оние кои можат да ги дофатат, пишува Хилал Севен за „Journalism.co.uk“
Фриленсерот Дејвид Николсон верува дека со постепеното олеснување на ограничувањата за ковид-19, оваа година ќе биде добра за комерцијални активности. Тоа ќе даде можност за хонорарците да можат да работат од секаде, „па ако сакате да работите на плажа на Карибите, сега е време да го направите тоа“, вели тој.
Флексибилноста и поставувањето на сопствени правила се добрите страни на фриленсерите, но има и недостатоци, особено кога станува збор за финансиите. Новинарите, рече Николсон, треба да станат добри продавачи. Тоа, додава тој, е важно не само за да преговарате за вашите цени, туку и да бидете внимателни и свесни за начинот на кој го водите вашиот билтен, канал на YouTube или подкаст, ако, се разбира, го имате или планирате да го лансирате во оваа година.
Тој ги предупредува хонорарците да не бидат расеани од возбудата и да го третираат секој спореден метеж како фокусиран уредувачки производ, а не како хоби.
Иако индустријата се менува, основните новинарски вештини никогаш не излегуваат од мода. Ова вклучува солидни комуникациски вештини, пишување, интервјуирање, известување, етика, обрнување внимание на форматите на раскажување на приказни, одлични вештини за истражување и за разбирање на податоци.
Ема Вилкинсон, ко-водител на наградуваниот подкаст Freelancing for Journalists, рече дека на хонорарците им треба само нос за добра приказна и да можат да истражуваат и да генерираат многу идеи. Продажбата на нивните приказни на скратен и јасен терен, насочена кон вистинската публикација е важна, но, исто така, е важна и професионалноста на веб-страницата и нејзиното портфолио. Доследното брендирање, а во тоа меѓу другото спаѓа и присуството на социјалните мрежи, е најважно, па и уредниците кои нудат работа ќе можат лесно да ве најдат.
„Би препорачала да го прочитате неодамнешниот билтен напишан од нашиот гостин Роб Грифин. Тој накратко објаснува зошто треба да продолжите да се предизвикувате себеси“, вели таа, охрабрувајќи ги фриленсерите да испробуваат нови работи како креативно пишување, оптимизација, фотографија или подкаст.
„Пишувањето може да биде многу повредна вештина отколку што мислите. Тоа може да биде профитабилно и тоа е вештина преку која апсолутно може да минете и да ја развиете. На пример, авторите на пишување имаат поголема моќ од новинарите при одредување на својата цена. И ова е местото каде што многу луѓе ја наоѓаат најголемата вредност, бидејќи ја зголемува нивната самодоверба“, вели фриленсерката, Џеки Бери.
Бери има 20 години искуство како креативен пишувач и речиси исто толку долго обучува фриленсери. Таа ги споделува своите три врвни совети за оние кои сакаат да започнат кариера со креативно пишување.
Прво, соберете препораки од сите клиенти кои биле задоволни со вашата работа:
– Кога се обидувате да се продадете, она што другите луѓе го кажуваат за вас е поубедливо од сè што вие сами го кажувате“.
– Потоа, наострете ги вашите маркетинг вештини и развијте здрава самодоверба. Ова ќе ви помогне во преговорите со вашите клиенти за да можете да ја добиете заработката што ја заслужувате.
– Конечно, обрнете внимание на бројките и погрижете се да ја знаете разликата меѓу профитот и прометот: готовинскиот тек на прометот секогаш ќе биде поголем, но вашата вистинска заработка е она што останува, откако ќе ги одбиете вашите трошоци.
Џон Кроули е фриленсер и ко-директор на Headlines Network. Тој вели дека хонорарците оваа година треба да бидат издржливи, трпеливи, истрајни и да развијат одлична проценка на вестите.
„Треба да бидете претпазливи и со парите, бидејќи веројатно нема да го заработите вашето богатство“, вели тој, додавајќи дека намалувањето на трошоците во редакциите може да значи дека побарувачката за добри хонорарци ќе се зголеми оваа година.
„Побарајте уредници кои навремено исплаќаат пристојна сума и бидете внимателни со организациите кои побавно плаќаат“, порачува тој.
Хонорарното работење може да биде осамено, така што постојаната конекција со вашите врсници може да ви помогне да најдете решенија за вашите проблеми и да ги споделите вашите емоции. Здружението на фриленсери е група со повеќе од 2.000 членови, која нуди совети, морална поддршка, учење и можности за работа на хонорарните новинари. Зошто да не се придружите уште денес?
Фото: Freepik
Оваа сторија е дел од публикацијата „Новинарството како јавно добро“, дел од проектот „Синдикатите за фер закрепнување“ финансиран од Европската Унија, а во партнерство со Европската федерација на новинари.Ставовите и коментарите во публикацијата се одговорност на ССНМ и не ги изразуваат ставовите и мислењата на Европската Унија и на Европската федерација на новинари.