Како РСЕ/РС ја заобиколува цензурата за допир до публиката во Русија и во Иран

Датум

Интервју со Алина Живановиќ, менаџер за дигитална стратегија, одговорна за социјални медиуми во Радио Слободна Европа (РСЕ)/Радио Слобода (РС). Тоа е непрофитна организација која е финансирана од американската влада и емитува вести во 23 земји и на 27 јазици. Алина работи со редакциите на РСЕ/РС на дистрибуција на содржини на социјалните медиуми во секоја земја каде што РСЕ е присутна, управувајќи со профили на различни платформи и воспоставувајќи и споделувајќи најдобри практики за производство и дистрибуција.

„Се обидуваме да ја запознаеме нашата публика таму каде што е. Во многу места, главно поради значајната државна цензура, ова е Телеграм“, вели Алина. РСЕ/РС брои повеќе од 30 Телеграм канали за споделување на вести во затворени медиумски простори, вклучувајќи ги Русија и Иран.

Која е причината за лансирање на нов канал?

Живановиќ: Образложението на пазарите на РСЕ/РС е двократно – градење на наменски понуди за претплата и собирање на придонеси од публиката. Нашиот стандарден процес на воведување на нови канали започнува со дефинирање на нашата публика, нивните информативни потреби и план за најдобро исполнување на истите. Процесот на воведување на РСЕ/РС вклучува и преглед на конкуренцијата, за да се види што прават другите субјекти на пазарот. Овој процес понекогаш јасно покажува дека Телеграм каналот не е одговор на нашите планови за објавување, но, понекогаш е совршен одговор. Нашето искуство покажува дека тоа е особено корисно кога се појавуваат значајни вести за важни ситуации, како војната на Русија во Украина, и со посветена публика, со заеднички потреби за информации до кои можеме директно да пристапиме.

Во што се разликува Телеграм од другите платформи?

Живановиќ: Телеграм може да биде моќен поради неговата двојна природа – служи и како услуга за директна размена на пораки и како алатка за емитување; корисниците можат да комуницираат едни со други и да се претплатат на канали и големи приватни групи. Телеграм е многу едноставен за користење на објави. И пребарувачот и мобилната апликација имаат повеќе опции за уредување и директно објавување. Исто така, е лесно да се креираат и закажуваат анкети и да се објавуваат аудио или видео стримови. Тоа е одлична платформа за добивање на информации и повратни информации од публиката. РСЕ/РС често го користи за собирање на информации.

Телеграм може да биде и добар индикатор за замор од вестите. Без разлика колку често објавуваме, не можеме да обезбедиме доволно содржини за време на големи вести. Но, кога ќе дојде до замор од вести или кога ситуацијата ќе се смири, луѓето ги исклучуваат или ги напуштаат каналите. Кога ќе се случи тоа, ние го прилагодуваме текот на работата и го усвојуваме пристапот „помалку е повеќе“.

Како Телеграм се вклопува во стратегијата и целите на РСЕ/РС?

Живановиќ: Во РСЕ/РС ги разгледуваме понудите за претплата на каналите на Телеграм, како што се билтените. Не се одлични за откривање, бидејќи немаме корист од алгоритамското засилување. Растот на нашата публика во голема мера е поттикнат од препораките на корисниците, што значи дека мора да понудиме содржина што луѓето сакаат да ја споделат.

Најважно е дека Телеграм е деблокиран во земји како Русија, каде што другите платформи и веб-страници на социјалните медиуми се строго цензурирани. Додека користиме различни алатки за да ја заобиколиме цензурата на другите платформи, отворената достапност на Телеграм за корисниците го прави важна компонента за начинот на кој допираме до публиката, особено до новата, и да се спротивставиме на дезинформациите.

Додека РСЕ/РС работи во тешки медиумски услови, како и сите новински организации, ние имаме шанса да допреме до нашата публика само така што веднаш ќе бидеме интересни и релевантни. Во спротивно, луѓето ќе се откажат од претплатата или ќе го исклучат звукот. Кога нашето известување е најдобро, Телеграм ни овозможува одличен начин да изградиме заедница и да останеме поврзани со лојални корисници кои градат навики околу нашата понуда.

Колку луѓе работат на Телеграм каналите на РСЕ/РС? – Што прават тие?

Живановиќ: Секој од 23-те сервиси на РСЕ/РС има различен пристап на Телеграм, во зависност од улогата на платформата во локалниот контекст. Од двајца до 20 новинари во секој сервис придонесуваат за објавување, уредување и реобјавување, закажување на објави и собирање на информации од заедницата. Во некои тимови, имаме поединечни колеги кои го водат каналот, во други, тоа е задача што ја дели тимот.

Дали произведувате содржина специјално за каналите на Телеграм?

Живановиќ: Содржината ја прилагодуваме за Телеграм, но обично не креираме содржина посебно. Исклучоци, сепак, постојат. За време на руските напади со дронови во Украина, Тетиана Савчук, виш уредник на социјални медиуми во украинскиот сервис, сподели како сервисот креира графика за својот Телеграм канал, со упатства за идентификација на напад и зачувување на безбедноста. Идејата беше следбениците да можат да ја преземат сликата и повторно да ја споделат на други канали за размена на пораки со семејството и пријателите или да ја објават како „сторис“ (stories) на социјалните мрежи.

РСЕ/РС, исто така, експериментира со формати за брифинг кои не бараат клик на линкови за да добиете повеќе информации. На локации како Иран, ние „закачуваме“ видео или аудио датотеки кои може да бидат од корист кога луѓето се изложени на прекин на интернет. Во регионот на Донбас, нашиот регионален проект „Донбас.Рили“ (Donbas.Realii) објавуваше дневни сублимати на воената ситуација во серијата наречена „Битката за Донбас“.

Во руската служба Радио Свобода, имаме наменски подкаст канал за аудио датотеки, што ја одразува силата на Радио Свобода во тој формат. Нудиме кратки резимеа на подкасти, како и цитати и целосни аудио датотеки. Исто така се обидуваме да ги разбереме навиките на однесување на нашата публика и преференциите за формат, поради што спроведуваме прашалници и анкети.

Експериментиравме со аудио и видео стримови во живо, но ниту еден не успеа. Во земјите каде што РСЕ/РС е блокирана, користиме т.н. „линкови во огледало“ за да се осигураме дека луѓето можат да пристапат до врските и покрај владините забрани на нашите сајтови.

Кои се вашите најпопуларни канали и кој е нивниот домет?

Живановиќ: Најпопуларниот канал на РСЕ/РЛ на Телеграм е „Карент Тајм“ (Current Time), дигитална и ТВ мрежа на руски јазик која е во функција 24/7 ширум светот. Има над 220.000 претплатници и секоја објава достигнува, во просек, до над 44.000 профили.

Следен е каналот на рускиот сервис Радио Свобода со 116.000 претплатници и канал на сервисот на персиски јазик Радио Фарда со, речиси, 113.000 претплатници.

Колку сообраќај кон вашата веб-страница доаѓа од Телеграм?

Живановиќ: Само 1 отсто од сообраќајот на веб-страницата на РСЕ/РС доаѓа од Телеграм, но ова не е тоа за што ја користиме платформата на нашите пазари. Често објавуваме на Телеграм без никакви врски кон веб-страницата. Заинтересирани сме да изградиме заедница на платформата.

Кои метрики ги користите за анализа на ефектите на содржините и зошто?

Живановиќ: Го проверуваме вкупниот број на претплатници на каналите на РСЕ/РС месечно. Секојдневно ги следиме реакциите, ангажманот, прегледите на видеата и аудио репродукцијата. ТГСтат (TGStat) е одличен ресурс за напредна аналитика.

Што би сакале да промените на Телеграм?

Живановиќ: Две работи – подобрување на безбедноста и подобра метрика заснована на платформата.

https://reutersinstitute.politics.ox.ac.uk/news/how-rferl-avoids-censorship-reaching-audiences-telegram-russia-and-iran

Останати
објави

Сподели на...