Најмалку 2.297 новинари и медиумски работници убиени од 1990 година до денес: извештај на ИФЈ

Датум

Меѓународната федерација на новинари денес го објави својот 25-ти извештај за убиства на новинари и медиумски работници од 1990 година до денес. Извештајот наведува 2297 смртни случаи како резултат на насилство врз новинари, од кои 112 случаи на убиство само во 2015 година. Двоцифрените бројки во првите публикации од овој вид станаа троцифрени за само 11 години, со најголем број убиени новинари и медиумски работници, вкупно 155, во 2006 година, најсмртоносната година според извештаите на ИФЈ.

„Оваа клучна публикација ја исцртува траекторијата на безбедносната криза во новинарството и сведочи за долгогодишната кампања на ИФЈ да се стави крај на неказнувањето на насилството врз медиумските работници“ рече Претседателот на ИФЈ Џим Бумела. „Овие годишни извештаи не се само евидентирање убиства на колеги. Тие се и наше признание за нивната храброст и крајната жртва на илјадници новинари кои ги дале своите животи исполнувајќи ја задачата на информирање и оснажување на јавноста.“

Извештајот на ИФЈ вели дека убиствата се случуваат низ целиот свет и војните и воените конфликти, иако причина за многу случаи на загубени новинарски животи преку наменски убиства, бомбардирања, престрелки и сè понасилни киднапирања, не се единственото оправдување за овие страшни бројки.

„Има и други причини, често изолирани од воената сцена, поради кои се таргетирани новинари, многу од кои се жртви на организиран криминал и корумпирани политичари“, Ентони Беланџер, Генерален секретар на ИФЈ кој го достави својот прв годишен извештај за убиства на новинари и медиумски работници од неговото назначување минатиот ноември. „Од нашите извештаи произлегува дека бројот на убиените е многу поголем во состојба на мир отколку во земјите зафатени од војна.“

Извештајот го поткрепува овој заклучок наведувајќи десет локации во најопасните земји во светот кои биле зафатени со воено насилство, кршење на редот и поредокот како и криминал и корупција. Тие се Ирак (309), Филипините (146), Мексико (120), Пакистан (115), Руска Федерација (109), Алжир (106), Индија (95), Сомалија (75), Сирија (67) и Бразил (62). Минатата година, Франција (10) го сподели првото место со Ирак (10) и Јемен (10) на листата земји со најголем број убиства, по терористичкиот масакр на новинари и медиумски работници во француското сатирично списание „Шарли Ебдо“ (Charlie Hebdo).

 

Регионот на Пацифичка Азија го бележи најголемиот број смртни случаи (571), пред арапскиот свет и Средниот Исток со 473 убиства, едно повеќе од Америките (472). Африка доаѓа на четврто место со 424 убиства, пред Европа со 357. Во 2015 година, Америките имаа најголем број смртни случаи (27), пред Средниот Исток (25).

Друг факт кој произлегува од извештајот е оскудното внимание посветено на степенот на насилство врз новинарите во светот, за што сведочи фактот што само едно во десет убиства било предмет на истрага. ИФЈ вели дека инертноста во однос на неказнувањето на убиствата и другите напади врз медиумските работници само го разгорува насилството врз нив.

Извештајот наведува и детали за кампањата која ИФЈ и нејзините партнери ја водат на многу фронтови години наназад за побезбедно новинарство. Тие ги вклучуваат иницијативите на Федерацијата како што се создавањето на Меѓународниот фонд за безбедност за помош на новинари во неволја и воспоставувањето на центрите за солидарност во Алжир, Колумбија, Филипините и Шри Ланка за следење на кризни ситуации и распределување помош. Беа подготвени и практични алатки за советување на новинари на опасни задачи, како што се усвојувањето на меѓународниот кодекс на однесување за безбедно практикување на новинарството и објавувањето на Live News, прирачник за преживување за новинари кои известуваат од воени зони.

Понатаму, Федерацијата зеде водечка улога во градењето коалиции во рамките на заедницата за слободно новинарство и медиумската индустрија за да ги заштити новинарите преку создавање организации како што се IFEX и INSI. ИФЈ изгради и партнерство со меѓу-владини организации, како и со УНЕСКО за Акцискиот план на ОН за безбедност на новинарите и прашањето за неказнување, со Советот на Европа за неговата интернет платформа за промовирање на новинарството и безбедноста на новинарите. Таа работеше и со Меѓународниот комитет на црвениот крст за да го олесни пристапот на новинарите до директната телефонска линија во случај на потреба од итна помош.

ИФЈ потенцира дека овие извештаи имаат за цел да алармираат за насилството врз медиумите , да промовираат заштита на новинарите и да го намалат ризикот по нивната безбедност и сигурност. Извештајот истакнува дека се работи за заедничка одговорност, вклучувајќи ја и улогата на новинарите и нивните работодавци да се едуцираат во проценка на ризиците, да избегнуваат непромислени задачи и да ги преземаат сите неопходни мерки на претпазливост кога работат во опасни средини.

Но, како што вели Беланџер: „Тоа почнува со сознанието дека секој еден, вклучувајќи ги државните функционери, војската и безбедносните сили и сите други кои доаѓаат во контакт со новинари треба да ја почитуваат нивната независност.  Тоа бара од владите да ги почитуваат нивните меѓународни обврски така што ќе спроведуваат истраги за убиства на новинари и ќе ги изведуваат виновниците пред лицето на правдата, на тој начин спречувајќи идно насилство. Сè зависи од волјата на Обединетите нации и нејзините агенции, како чувари на меѓународните инструменти кои го втемелуваат правото на физички интегритет на сите луѓе, да ги спроведат овие гаранции за доброто на новинарите и другите медиумски работници.“

 

 

 

 

Останати
објави

Сподели на...