Ниските и задоцнети плати заеднички проблем на новинарите

Датум

„Како да се подобри прекарната состојба на новинарството во Југоисточна Европа и Турција“ беше темата на прес конференцијата која ја одржа Европската федерација на новинари (ЕФЈ) на 14 ноември во Прес клубот во Брисел. Прес конференцијата се одржа во рамките на проектот на ЕФЈ „Градење доверба во медиумите во Југоисточна Европа и Турција“ – проект финансиски поддржан од УНЕСКО и Европската унија.

Адриас Кестерис, главен советник во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (НЕАР) при Европската комисија, и Тарја Туртиа, Програмски специјалист во УНЕСКО, присуствуваа на настанот да ги чујат излагањата на претставниците на синдикатите и професионалните здруженија од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора, Србија и Турција за состојбата со која се соочени новинарите и медиумксите работници. Дискусијата беше модерирана од Ејдан Вајт, директор на Мрежата за етичко новинарство, кој го отвори настанот осврнувајќи се на бруталната реалност со која се соочени новинарите во Југоисточна Европа и Турција.

Првото сведоштво го даде Владо Апостолов од ССНМ (Македонија), кој истакна дека работата на новинарите не може да исполнува високи стандарди доколку тие не се економски слободни. „Во Македонија новинарите заработуваат помалку од 200 евра месечно, често им доцнат платите, и синдикатите се табу тема“, додаде тој. Ниските и задоцнети плати беа наведени како проблем од страна на претставниците од сите земји.

Условите се слични и во Србија, пренесе Маја Васиќ-Николиќ (НУНС), каде најголемиот проблем е самоцензурата поради тоа што уредниците се под влијание на сопствениците на медиуми. Дејан Глигоријевиќ (СИНОС) објасни дека јавните радиодифузери се едни од неколкуте медиумски организации кои имаат колективни договори во Србија и истакна дека во приватниот сектор речиси и да не постои социјален дијалог.

Непостоењето на колективни договори беше потенцирано како генерален проблем за медиумските работници во целиот регион. „Работничките права се слаби; на пример, не постојат закони за работни односи на ниво на држава во Босна и Херцеговина“, истакна Реа Адилагиќ (БХН). Трудовите инспектори не ги проверуваат медиумските работодавци, изјавија Маријана Чамовиќ (СМЦГ) од Црна Гора и Шкелчим Хусенај (АГК) од Косово.Г-дин Хусенај исто така ги истакна и проблемите со безбедноста бидејќи според неговото здружение „годинава се случиле 24 случаи на физички напади врз новинари во Косово“.

Во Турција, преку 150 новинари се затворени, а „слободните“ новинари се соочени со прекарни работни услови со повеќе од 10.000 новинари невработени, објасни Мустафа Кулели (ТГС). Тука, само 5% од новинарите се синдикално организирани, бидејќи да се членува во синдикат е ризично“, додаде тој. Г-дин Кулели зборуваше за трите главни предизвици (политички, економски, технолошки) кои влијаат на иднината на новинарите и медиумската индустрија.

Без поддршка за зголемени работнички права и заштита на слободата на изразување, довербата во медиумите не може да се зголеми, рече Ериса Зикај (АПЈА) од Албанија.

Па, како може да се помогне? Раинер Реихарт (ДЈВ), копретседавач на Експертската група за работнички права (ЛАРЕГ) при ЕФЈ ја истакна потребата од размена на најдобрите практики помеѓу Западна и Југоисточна Европа. Тој исто така предложи дека ЕУ треба да биде запознаена со овие ситуациии. Претстаниците се согласија дека притисок од ЕУ би можел да помогне, бидејќи земјите-кандидатки нема да добијат статус на членки доколку не ги адресираат медиумските рестрикции.

Модераторот Ејдан Вајт (ЕЈН) исто така ја истакна потребата од адресирање на јавните сервиси. Тој предложи поттикнување на медиумските права и плурализмот преку поддршка на добрите практики, и предложи регионална кампања за вредноста на независното новинарство.

Националните извештаи од овие 7 земји беа споделени и на состанокот на Групата за работни односи на Европската федерација на новинари – LAREG+. Се зборуваше за голем број можни решенија за лошите работни услови со кои се соочени новинарите, вклучувајќи и транснационални договори за медиумските компании и експертска група за вмрежување, како и база на податоци со цел синдикатите да можат да ги видат стратегиите на синдикатите во другите земји.

Првото сведоштво го даде Владо Апостолов од ССНМ (Македонија), кој истакна дека работата на новинарите не може да исполнува високи стандарди доколку тие не се економски слободни

Следните активности кои ЕФЈ ги планира во рамките на проектот #TrustinMediaSEE вклучуваат кампања преку социјалните медиуми со цел подигнување на свеста за прекарните работни услови за новинарите во регионот, како и изложба и два настана во регионот во текот на 2018 година.

Останати
објави

Сподели на...