Европската и Меѓународната федерација на новинари (ЕФЈ/ИФЈ) денес го осудија новиот бран на медиумска репресија од страна на турските власти по приведувањето на Мурат Сабунџу, главен и одговорен уредник на весникот Џумхуријет, кој беше уапсен утринава заедно со 15 вработени во весникот. Тие се обвинети за помагање на Фетулахистичката терористичка организација (ФЕТО) и забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК).
Рано утринава полицијата изврши упад во домовите на многу новинари кои работат во весникот и ги заплени нивните лаптопи и компјутери. Според Хуријет, за време на операцијата се приведени Турхан Ѓунај, Хикмет Четинкаја, Ајдин Енгин, Ѓурај Оз, Муса Карт, Булент Утку, Мустафа Кемал Ѓунгор, Ондек Челик, Булент Јенер, Есер Севинч и Мурат Сабунџу. Полицијата исто така го барала и Акин Аталај, претседателот на Извршниот одбор на Џумхуријет, кој е моментално во странство. Налози за апсење биле издадени против 15 новинари и вработени во весникот.
Во недела, 30 октомври, полицијата извршила упад и во домот на поранешниот главен и одговорен уредник на Хуријет во населбата Ченгелкој во Истанбул. Налог за апсење бил издаден против новинарот, кој е сега во странство по пресудата донесена против него на почетокот од годинава за случај поврзан со наводен трансфер на оружје од страна на турската разузнавачка агенција на бунтовнците во Сирија.
Генералниот секретар на Советот на Европа, Торборн Јагланд повторно изрази голема загриженост за мерките на вонредна состојба: „Многу е дискутабилно дали упадот во Џумхуријет може да се оправда како пропорционална мерка, дури и во вонредна состојба (…) Мора да се направи јасна разлика помеѓу насилни терористички акти и изразување спротивставени ставови или остра критика кон Владата. Слободата на изразување претставува една од фундаменталните основи на демократското општество“, рече тој.
Покрај тоа, 15 курдски медиуми беа затворени со декрет на 29 октомви, со што бројот на затворени медиуми во вонредна состојба во Турција достигна 168. Најмалку 113 новинари се во затвор. Турција е во моментов најголемиот затвор на новинари во светот.