ОБСЕ: Состојбата со медиумите во Турција е „застрашувачка“

Датум

Состојбата со медиумите во Турција е „застрашувачки“ проблем кој ги засега не само новинарите туку и целото општество, изјави главниот набљудувач на медиумските права за Организацијата за безбедност во Европа (ОБСЕ) за ДВ.

„Неприфатливо е во 21-иот век во една земја која многумина се надеваа дека се движи во позитивна насока одеднаш да е соочена со застрашувачка ситуација кога луѓето се плашат да кажат што мислат“, рече Дуња Мијатовиќ, претставник за слобода на медиумите на ОБСЕ, во интервју за време на самитот на меѓународното тело во Хамбург во четвртокот.

Турција затвори најмалку 150 медиумски организации и уапси речиси ист број на новинари, процес кој се интензивираше по неуспешниот воен пуч во јули кога на владата ѝ беа дадени вонредни овластувања. Владата традиционално користи драконски анти-терористички закони главно против курдските новинари кои известуваат за конфликтот помеѓу државата и отпадничката Курдистанска работничка партија (ПКК). Како дел од опресијата врз наводните поддржувачи на исламскиот свештеник Фетулах Гулен, кој Анкара го обвинува за обидот за пуч, бројот на овие новинари етикетирани како „терористи“ и закана по националната безбедност драстично се зголеми и прошири на бедемите на опозициските медиуми, како што е „Џумхуријет“.

Судењата на таквите предмети може да бидат долг и развлечен процес кој уништува животи. Дури и кога новинарите се ослободени во очекување на судење, тоа има страшен ефект врз медиумите, вклучувајќи и семоцензура.

Напоредно со затворањето на медиумските организации и апсењата на новинарите медиумскиот пејзаж во Турција е консолидиран околу провладини и националистички редакции, многу од нив во сопственост на големи холдинг компании на бизнисмени блиски до владата.

Со губењето на плурализмот на гласовите во Турција, постојат само медиуми кои ги поддржуваат ставовите на владата, без редакции да ги предизвикаат или да понудат поинакви мислења“, рече Мијатовиќ. „Тоа создава општество кое страда.“

Според една анкета објавена од АКАМ во Ноември, 95 проценти од испитаниците рекоа дека не им веруваат на медиумите. Медиумите се втора институција, по судството, која ужива најниска доверба и на која само 3% од испитаниците рекле дека ѝ веруваат.

Загриженоста на меѓународната заедница за влошувањето на ситуација со медиумите во  Турција е во сенка на поголеми политички интереси, како што е договорот помеѓу Турција и ЕУ за бегалците и граѓанската војна во Сирија.

Покрај тоа што ситуацијата со медиумите е „катастрофална“, како што рече Мијатовиќ, „таа е срамна не само за Турција, туку и за целата меѓународна заедница.“ Турската влада продолжува да ја игнорира меѓународната заедница, рече таа.

„Турските новинари се чувствуваат напуштени од демократиите, ЕУ и меѓународните организации“, рече Мијатовиќ. „Не мислам дека меѓународната заедница прави доволно.“

Додека ОБСЕ може само да следи, разговара со турската влада и да ги поддржува новинарите на терен, Мијатовиќ ги поттикнува турските партнери „политички да притиснат“, особено преку Европската комисија и НАТО.

 

Останати
објави

Сподели на...