Онлајн кампања: Работничките права – предуслов за професионално новинарство

Датум

Почнуваме со онлајн кампањата „Работничките права – предуслов за професионално новинарство“ преку коja ќе бидат претставени најчесто прекршуваните права на новинарите и медиумските работници во Македонија, законските права кои им следуваат, како да се борат за нив – преку солидарност и синдикализам и важноста на социо-економската сигурност на новинарите и медиумските работници за квалитетниот новинарски производ и работењето без самоцензура.

1. СИЛИТЕ ПРОТИВ СЕДМАТА СИЛА

Кога шансите да добиете закани додека си ја вршите работата се 1:3, значи дека имате ризично работно место. За секој трет новинар или медиумски работник тоа е секојдневие.

Заканите и нападите стигнуваат од сите страни – сопственици на медиуми, од политичарите, бизнисмените, од толпи на протести, од поединци кои одговараат со мускули наместо со зборови. Најмногубројни се оние кои што доаѓаат од јунаците на тастатурата.

И покрај високиот ризик, новинарите, снимателите, фоторепортерите ретко се осигурани ако нешто им се случи додека се на работна задача. Недостасуваат и обуки  за заштита од опасности. Новинарството е расадник на стрес и на психолошки замор, проблем со кој се соочуваат речиси 60 отсто од луѓето во професијата.

Дали мора да биде така?

2. БЕГСТВО ОД НОВИНАРСТВОТО

Новинарот 24 часа e новинар, вели еднa позната парола за професијата. Но, според законот  – новинарот е работник осум часа, секој нареден час работа – треба да се плати.

Ако во земјава постоеаја само десетмина новинари, седуммина ќе земаа потпросечна плата. Четворица немаше ниту да имаат постојано вработување, туку ќе работеа со договори на дело. Четворица ќе работеа прекувремено, а на тројца немаше ниту да им се плати. Петмина ќе застанеа на вратата за да излезат од професијата.

3.НЕЕДНАКВОСТ ВО „ЖЕНСКАТА ПРОФЕСИЈА

За македонското новинарство се вели дека е женска професија. Соодносот меѓу новинарките и новинарите е приближно 60:40. Но, зад овие бројки се кријат други слоеви од вистината.

Како што професијата стануваше повеќе женска, така се намалуваа примањата  и се зголемуваше јазот во платите. Професијата е женска, но раководството е 80 проценти машко.

Новинарките, иако сакаат да се зафатат со најжешките теми, како и нивните машки колеги, често се спречени со зборовите – таа работа не е за жена. Жените медиумски професионалци се соочуваат со уште поголем предизвик – односот на јавноста. Вознемирувањето на жените во оваа професија – навредите, сексизмот, заканите, се почести во споредба со мажите.

Медиумите, државата, синдикалните организации, професионалните здруженија, новинарите – имаат уште многу работа за да постигнат вистинска родова еднаквост.

 

Оваа кампања е изработена со финансиска поддршка од Балканскиот фонд за демократија, проект Германскиот Маршалов фонд на Соединетите држави и Норвешкото министерство за надворешни работи. Мислењата изразени во оваа онлајн кампања нужно не ги претставуваат оние на Норвешкото министерство за надворешни работи, Балканскиот фонд за демократија, Германскиот Маршалов фонд на Соединетите држави или нејзините партнери.

Останати
објави

Сподели на...