Погрешни информации и дезинформации се термини што често се користат како замена. Но, иако двата носат одредени опасности за општеството, тие не се исти.
Авторот Тоба Бета еднаш напиша: „Дезинформациите се измами, погрешните информации се залажувачки“. Не е лош обидот да се задира во разликата меѓу двата термина – дезинформација и погрешна информација кои често (и погрешно) се користат наизменично. Додека и двете претставуваат одредени ризици за нашите права и демократија, едната е поопасна. И тоа е затоа што главната разлика меѓу нив е намерата.
Што значи погрешна информација?
Погрешните информации едноставно се погрешни, неточни или целосно лажни информации што се соопштуваат без експлицитна намера да измамат. Како и да е, интенцијата е да се сфатат како сериозни, фактички информации од публиката, пишува „Сојузот за граѓански слободи на Европа“ во својата анализа за дезинформации и лажни вести.
Примери за лажни информации има многу. Подемот на социјалните медиуми, што му овозможува речиси на секој лесно да споделува она што му е на памет, е еден од главните двигатели на погрешните информации. Но, исто така, има и медиуми, вклучително и некои од најголемите новински компании, како „Фокс њуз“ или РТ, кој е гласноговорник на Кремљ. Тие, честопати, „продаваат“ лажни информации, во обид да поттикнат гнев или страв кај нивните гледачи. Дури и релевантни вести споделуваат погрешни информации, на пример кога лиферуваат лажна вест без соодветно да ја проверат или контактни или дебатни емисии што им отвораат простор на гости кои споделуваат погрешни информации.
Пример за погрешна информација е теоријата дека земја е рамна. Знаеме дека тоа е неточно и оти земјата е топка. Дури напреднавме до тој степен што успеавме себеси да си дадеме поглед на неа од птичја перспектива што ни овозможи на сите нас да ја цениме нејзината заобленост. Но, и покрај ова, има многу луѓе кои искрено веруваат дека земјата е рамна. Интернетот изобилува со анегдоти и „докази“ за обиди да се докаже дека земјата е рамна, теорија што постои уште од почетоците на човечките размислувања за обликот на нашата планета. Оние кои се приврзаници на оваа фикција, навистина веруваат дека е така и, наместо да ги доведат луѓето во заблуда, тие навистина веруваат дека ги просветлуваат другите. Ова е јасен случај на погрешна информација наспроти дезинформација.
Што значи дезинформација?
Дезинформациите се лажни информации што се споделуваат со намера да ги доведат луѓето во заблуда. Споделувачот знае дека „веста“ е лажна и сака да ја измами својата публика. За разлика од погрешните информации, целта на дезинформацијата не е добронамерен обид за просветлување, туку лош обид за создавање на поделба и да се разбуди страв.
Приказната од 2018 година за сопственоста на романските медиуми тврдеше дека 90 отсто од нив се сопственост на Израелци. Приказната ја сподели романски весник, иако знаеше дека тоа што го работат е лажно. Причината за споделување на веста беше поттикнување на анти-семитизам и ксенофобија. Не е изненадувачки, медиумот што ја сподели веста го бие глас дека протнува дезинформации, особено дезинформации про-Кремљ.
Зошто погрешните информации и дезинформациите се опасни? – Кој најмногу влијае на нив?
Погрешните информации и дезинформациите можат да бидат опасни, но дезинформациите се далеку подеструктивни. Дезинформациите можат да ја опструираат јавната способност за дебата по прашања и носење на одлуки на три начини. Прво, и двете даваат лажни информации на луѓето, понекогаш и лажна анализа, и на тој начин ги наведуваат луѓето да носат одлуки што се спротивни на она што тие всушност го сакаат или е во нивен интерес. Ова е особено така за време на избори. Дезинформациите се користат за измама и манипулација на гласачите, плашејќи ги со имагинарни закани, всадувајќи им лажно чувство на страв и нудејќи им лажни решенија за направените проблеми.
Второ, дезинформациите воопшто немаат за цел да негуваат јавна дебата, туку токму спротивното. Речиси секогаш поларизираат, намерно туркајќи ги луѓето кон усвојување на екстремни мислења и верувања кои не оставаат простор за компромис. Како што се стеснува можноста да се најде средина, така станува сè потешко за политичарите да ги бранат позициите за компромис и изнаоѓање на решенија што им овозможуваат среќна и безбедна коегзистенција за сите.
Конечно, дури и ако дезинформацијата (или погрешната информација) не е прифатена како фактичка од оние кои ја конзумираат, ефектот од изложеноста сее недоверба во медиумите и во институциите. Кога на луѓето им се сервираат конфликтни пораки, пораки кои се екстремни и ни најмалку не се вклопуваат, тие ја губат довербата во сите извори на информации, вклучително и релевантните вести. Епилогот е дека многумина избираат да се исклучат од сите извори на информации, што ги прави помалку информирани и помалку подготвени да придонесат за јавна дебата за важни прашања, ниту пак се подготвени да застанат и да ги бранат кредибилните организации и институции кои ја помагаат демократијата.
Дезинформациите се најуспешни кога се насочени кон оние кои консумираат вести од мал и конзистентен број на извори. Ова често значи дека лицето ги избрало тие извори и предодредено е да им верува. Тоа, исто така, значи дека е помала веројатноста на таквите луѓе да проверуваат информации надвор од нивната листа на извори. Порастот на целното рекламирање, исто така, помага за ширење на погрешни информации и дезинформации. Платформите на социјални медиуми сега можат да ги профилираат нивни корисници, да собираат информации кои веб-страници ги посетуваат, кои објави им се допаѓаат, ги споделуваат или имаат интеракција на друг начин. Тоа им овозможува попрецизно да насочат објави и вести со кои веројатно ќе се согласат или сакаат да ги видат.
Како забележувате погрешни информации и дезинформации?
Идентификувањето на погрешни информации и дезинформации може да биде тешко. Клучен дел на идентификување на погрешна информација е да се развие критички начин на размислување за информациите што ги консумирате и проверувате во споредба со други извори. Кој е авторот? Дали тој/таа е сигурен извор?
Важно е да се земе во предвид лицето кое е автор на информацијата. Дали тие се гледаат како веродостојни како извори на вести за кои не работат? – Дали нивното известување беше точно во минатото? – Што велат другите извори за оваа тема?
Дали другите извори ги споделија истите информации? – Ако видите нешто во „Дејли Мејл“, дали беше тоа објавено и од поголеми медиуми, како „Би-Би-Си“? – Дали има вистински докази?

Дали информациите што се објавуваат се само нечие мислење или се поткрепени со емпириски докази? – Ако извор на вести вели дека одреден производ за чистење во домаќинството ќе го излечи коронавирусот, дали приказната содржи студии што го докажуваат тоа? – Или да се понуди доказ?
Кога беше објавена? – Внимавајте на датумот на објавување. Старите вести понекогаш се преобработуваат и манипулираат да изгледа како да се работи за тековен настан.
Каде ја најдовте? – Дали таа платформа е сигурна? – Важно е да се забележи, не само авторот на информацијата, туку и платформата на која се споделува. Дали се големи и добро етаблирани медиуми? – Ако тоа е приватна објава или нешто што се гледа во сандаче за пораки, поверојатно е дека тоа е измислена фикција на едно лице, отколку информации што се правилно објавени.
Идентификувањето и одвојувањето на погрешните информации и дезинформациите може да биде тешко и честопати се случува да бара дополнителен напор од читателот. Но, уште еден важен елемент за идентификување и ублажување на ефектите од погрешни информации и дезинформации е товарот да не паѓа врз поединци, туку на општеството во целина. Неопходно е да се создаде средина во која помала е веројатноста дека таквите информации ќе допрат до луѓето во функција на враќање на довербата во институциите.
И ова не мора по дефиниција да значи цензурирање на содржина. Едноставно има премногу содржина за проверка од човек, а алгоритмите тоа не можат прецизно да го направат. Но, вистинскиот проблем во случајот е дека е неверојатно опасно да посочите кон една личност или ентитет како арбитар за вистината. Покрај тоа, дури и погрешните информации и дезинформациите, со некои исклучоци, се слобода на говор.
Но, сепак можеме да ги ублажиме нејзините ефекти. Имајќи финансиски стабилен и независен јавен радиодифузер што го поттикнува квалитетното новинарство и балансирана дебата на која јавноста ѝ верува е генерално важно. Ова оди рака под рака со тоа да се има независност од властите и конкретно спроведување на правилата за конкуренција. Па така, потешко е весниците и онлајн медиумите да бидат евтино откупени од тајкуни кои потоа ги користат за реализација на сопствената агенда. Тоа, исто така, гарантира дека новинските групи имаат ресурси за добар новинарски квалитет на кој луѓето можат да веруваат, наместо да се привлекува внимание со сензационалистички мамки за кликови.
Исто така е важно да се отстранат финансиските стимулации кои поттикнуваат погрешни информации и дезинформации на социјалните медиуми. Во моментот, платформите заработуваат со испорачување на таргетирана содржина. Популарната содржина заработува повеќе одошто непопуларната. Сензационалистичките погрешни информации и дезинформации се многу популарни, така што алгоритмите ги туркаат лагите за да заработат пари. Промената на начинот на кој функционираат алгоритмите ќе помогне за промоција на содржината. Така би се спровеле и правилата за заштита. Погрешните информации и дезинформациите треба да стигнат до нивната целна публика со цел да направат штета. Тие се потпираат на микротаргетирање за да можат да допрат до луѓето што најверојатно ќе бидат погодени. Но, микротаргетирањето функционира само затоа што платформите на социјалните медиуми ги кршат правилата за заштита и собирање на информации без согласност на луѓето.
Нема сомнеж дека погрешните информации и дезинформациите претставуваат одредени закани за нашата демократија, особено дезинформациите. Ублажувањето на ефектите од нив е заедничка обврска. Читателите мора критички да размислуваат за информациите што ги консумираат, вложувајќи напор да ги доведат во прашање и да ги отворат нивните умови за спротивставени ставови. Само кога сте добро информирани, можете да донесете одлуки за тоа во што верувате и за тоа во што не верувате. И владите треба да изградат средина во која фактичките вести се охрабруваат и имаат иста шанса да допрат до луѓето, како и погрешните информации или дезинформации.
Создавањето на таква околина мора да се направи внимателно за никому да не му се наруши слободата на говор. Но, тоа е неопходно и за да се осигура дека слободните и демократски општества може да процветаат.