Трендовите во новинарството се важни за анализа на издавачите и на новинарите со цел за што ефективно да се подготват за иднината која може да изгледа многу поинаква од сегашноста
За време на неодамнешниот вебинар на ICFJ (Интернационален Центар за новинари) – Форум Памела Хауард за глобално известување за кризи, Сем Гузик од Институтот „Иднина денес“ и Ник Њуман од Институтот на „Ројтерс“ за проучување на новинарството, ги споделија своите сознанија за факторите кои ја обликуваат индустријата за вести денес и како тие ќе сигнализираат што е следно за редакциите и за публиката.
„Нашите избори ќе одредат дали иднината на новинарството е надежна или мрачна. Иднината не е предодредена. Ако можеме да идентификуваме закана во иднина, истата можеме да ја претвориме и во можност, но само ако ја планираме денес“, рече Гузик.
Тековни трендови
Њуман презентира годишен истражувачки извештај за Институтот „Ројтерс“ во кој ја анализира појавата на нотирани трендови и нуди предвидувања за медиумите и технологијата. Тој говореше за подемот на подкасти и за аудио известување, за зголемување на приходите за редакциите, особено преку претплати, за преземање и здружување на компании, за таргетирање на младите преку визуелни содржини, за хибридни редакции и за популарноста на публикациите и стартапите водени од билтени. Издавачите, вели тој, сè повеќе инвестираат во овие трендови, иако севкупната читателска публика опадна.
„Дел од нив се циклични по ова извонредно време за вести. Но, тоа, исто така, претставува и основен предизвик за издавачите додека консумацијата на содржини се движи онлајн, како и губење на интерес за вести и политика од одредени групи“, рече Њуман.
Публиката и издавачите, исто така, сè повеќе се загрижени за нееднаквоста во дистрибуцијата на информации и за поефективното известување за важни прашања како што се климатските промени. Има зголемена потреба од новинари и редакции да градат вештини за потребите на денешната индустрија и за потребите на иднината, бидејќи медиумските организации сè повеќе ги инкорпорираат случувањата како вештачката интелигенција“, објасни тој.
„Да се биде суштински, не е гаранција за иднината на новинарството. Нашата индустрија е премногу важна за да претпоставиме дека ќе бидеme добро“, рече Гузик.
„Каков ќе биде одговорот и како да се користат информациите за трендовите е критично за индустријата. Треба да размислуваме за задржување, но и за раст. Индустријата се обидува да се фокусира на оние карактеристики што може да ги испорача денес и обрнува внимание на суштинските прашања“, вели Гузик.
Нарушувања
Историјата на новинарството е втемелена на нарушување. Ова не е нов развој на настаните, објасни Гузик, додавајќи дека таквиот тренд датира од пронаоѓањето на печатарската машина во 1400-тите години. Радиото, телевизијата и интернетот го нарушија медиумскиот пазар во изминатиот век. Затоа е важно, порача тој, да се погледне во индустријата, но и во трендовите надвор од неа за подобро да се подготвите за променливите времиња.
Гузик и Њуман истакнаа неколку нови трендови на кои треба да се внимава, како што е порастот на синтетичките медиуми, како што се длабински лажирани содржини или deepfakes, алгоритмите за вештачка интелигенција кои можат да преведуваат и да транскрибираат, како и метаверзумот. Овие трендови ќе влијаат не само на начинот како публиката ги користи вестите, туку и на тоа како се собира и дистрибуира известувањето.
Њуман предвидува дека крајната битка ќе биде меѓу платформите и издавачите.
„Предизвикот е каде да се инвестира и како да се истакнете. Потешко е да се создаде вредност, а бизнис моделот станува уште потежок за одржување“, смета тој.
Планирање за иднината
Анализата на историјата, актуелните трендови и истражувањата можат да им помогнат на медиумските лидери да проектираат предвидувања за подобро да ги подготват редакциите за новите случувања, рече Гузик.
Тој предвидува дека новите трендови како пребарување на природен јазик, различни видови на вештачка интелигенција и уредите погодни за носење и агрегација ќе влијаат не само на редакциите, туку и на секој дел од синџирот на вредност, од тоа како луѓето бараат информации до рекламирањето.
„Не е доволно само да се набљудува што се случува. Верувам дека е можно да се искористи овој вид на анализа за да се направат подобри избори денес, но почетокот е со следење на трендови и актерство“, додаде тој.
Њуман истакна дека одговорот на промените бара користење на достапни алатки и развивање на вештини за да може подобро во иднина да се подготват деловни модели и производи за потрошувачите и за издавачите. Привлекување на публиката на нови, поперсонализирани начини, развојот на креирањето и потрошувачката на содржина и новите уреди и платформи ќе го променат нашиот свет. Тие ќе ги спуштат бариерите, но, исто така, ќе бидат и непозната територија“, истакна Гузик.
„Другите индустрии дефинираат какви ќе бидат очекувањата на консументот и тоа е реален ризик. Ние не сме одговорни само да ги користиме овие технологии за да ги пропагираме нашите бизниси, туку, исто така, е од суштинско значење да го користиме нашето знаење како новинари за да ги предизвикаме овие технологии и да размислиме какви импликации имаат врз општеството“, додаде Гузик.
Извор: Iijnet.org
Фото: Pixabay
Оваа сторија е дел од публикацијата „Новинарството како јавно добро“, дел од проектот „Синдикатите за фер закрепнување“ финансиран од Европската Унија, а во партнерство со Европската федерација на новинари.Ставовите и коментарите во публикацијата се одговорност на ССНМ и не ги изразуваат ставовите и мислењата на Европската Унија и на Европската федерација на новинари.
