Претворање на новинарството во кривично дело

Датум

Новиот предлог закон за шпионажа во Велика Британија може да биде погубен за слободата на печатот

Новинарите и информаторите во Британија може да се третираат како шпиони и да бидат казнети со повеќегодишна затворска казна според новиот предлог закон за шпионажа. Register објави во петокот дека последните препораки на Комисијата за закони на Велика Британија до владата вклучуваат третман на новинарите и информаторите како странски агенти, во обид да се забрани масовно обелоденување на податоци, како во случајот на Едвард Сноуден.

Извештајот од 326 страници под наслов Заштита на службени податоци, предлага “ревидираниот прекршок“ за шпионажа да ги опфаќа не само оние кои пренесуваат информации, туку и оние кои ги добиваат и собираат. Извештајот предлага да нема ограничувања во однос на тоа кој го извршил прекршокот. Доколку овој предлог закон беше на сила во 2013 година, ќе доведеше до затворска казна за Алан Русбриџер, тогашниот уредник на Guardian, кој ги објави обелоденетите податоци на Сноуден, поради поседување на податоци кои неговите новинари ги добиле од Сноуден.

Како слободата на печатот во Британија да не е во доволно лоша состојба. Додека работеше на сторијата на Сноуден, владата, во обид да ја запре сторијата, му се закануваше на Русбриџер со затвор и забрана за известување. Новите предлози ќе резултираат со дополнително влошување на слободата на печатот, влевајќи страв кај новинарите соодветно да си ја вршат својата работа.

Според новите предлози, одредени владини агенции ќе станат целосно недостапни за известувачите и информаторите. Register забележа: „Британските амбасади во странство, разузнавачките и безбедносните агенции и центрите за податоци кои владата ги нема официјално објавено ќе бидат назначени како „забранети места“ или „заштитени локации“, со што објавувањето информации за нив или каков било акт на „приближување, истражување, пренесување или влез“ за каква било „цел која е штетна“ по националната безбедност ќе претставува прекршок. Со тоа им даваат одврзани раце на одредени државни агенции, кои никогаш нема да мора да се грижат дека ќе бидат повикани на одговорност. Тие ќе бидат заштитени од истрага.

Предлозите ќе ги заменат четирите Закони за службени тајни и ќе го остранат „јавниот интерес“ како одбрана на обвинетите за прекршок. Тоа е подмолно. Јавниот интерес како одбрана при обелоденување на податоци е единствената правна алатка која обезбедува заштита за скромните новинари соочени со полната сила на државната моќ.

Извештајот предлага блокирање на едно од фундаменталните начела на новинарството: повикување на моќниците на одговорност. Доколку одредени области од државата се заштитени, и влезот во нив стане казнив со долга затворска казна, тогаш кој ќе се осмели да ги критикува и кој ќе се обиде да известува за она што државата го прави далеку од очите на јавноста? За да ја исполнат својата улога во демократското општество, новинарите мора да имаат слобода да навлезат во најмрачните нишки на владиното влијание.

Покрај содржината на извештајот, методите кои се користат тој да се спроведе се несомнено подли. Како што призна и самата Комисија, извештајот е составен без вклученост на новинарите или групите за заштита на правата. Тоа е спротивно на она што комесарот за Дејвид Ормерод го изјави за Telegraph дека, „Го анализиравме законот и се консултиравме со …медиумски организации и организации за човекови права“. Open Rights Group (ORG) беше една од невладините организации кои беа наведени во извештајот како консултирани, но претседателот на организацијата Џим Килок изјави за Register: „Немаше консултации. Имаше само електронска преписка со нашиот правен советник за состанок, која замре без каква било дискусија или детали.“ Слично, Guardian рече дека присуствувале на „општ разговор на високо ниво“ за извештајот мината година, и потоа ништо повеќе не слушнале.

Неволноста да се консултираат обете страни во дебатата, и пропустите во извештајот, истакнуваат колку всушност предлозите се еднострани. Документот предлага отстранување на историската одбрана со јавен интерес наводно заради заштита на националната безбедност, но не дефинира што подразбира под национална безбедност.

Едностраноста на документот дава една поширока слика за оние на власт, кои стануваат многу комотни во нивната надменост врз медиумите. Тоа се гледа и во наводите дека Дејвид Камерон се обидел да издејствува отказ за уредникот на Daily Mail Пол Дакре во пресрет на референдумот за ЕУ, како и во последната Кралска повелба за регулација на печатот.

Доколку овие предлози се усвојат, истражувачкото новинарство какво што го знаеме ќе биде уништено. Leveson Inquiry веќе предложи повеќе мерки за задушување на слободата на печатот и истражувачкото новинарство; овие предлози одат и чекор понатаму, правејќи го истражувањето на моќниците речиси невозможно за новинарите. Истражувачкото новинарство се потпира на деликатна рамнотежа на односи со контакти и извори. Изворите зборуваат со медиумите тогаш кога се сигурни дека новинарите ќе ги заштитат своите извори. Но новинарите можат да понудат таква заштита само кога се сигурни за нивната сопствена заштита со одбраната на јавниот интерес. Доколку државата е таа која ќе одлучува што претставува јавен интерес, или дури и дека не постои такво нешто, што ги спречува да ги блокираат сите стории за државните агенции? Додека, за сега, зборуваме за стории на ниво на „национална безбедност“, нема причина да се претпостави дека владата нема да најде начин да го прошири овој недефиниран термин за да ги опфати сите државни гревови. Тоа би значело крај за информаторите на NHS, на пример, кој со право го потенцираат лошото здравство и понекогаш дури и насилниот третман.

Предлозите на Комисијата за закони треба да ги загрижи оние кои веруваат во слободно и демократско општество. Доколку овие предлози станат закон, во ефект ќе предадеме огромен дел од новинарството во рацете на државата, при што ќе изгуби јавноста. Знаењето е моќ, и преку обидот да се криминализираат одредени видови новинарство, владата сака да има контрола врз тоа колку британската јавност може да знае за државата во која живее. Овие предлози, доколку се усвојат, ќе ја донесат Британија чекор поблиску до диктаторско владеење.

Наоми Фиршт пишува за spiked и е коавтор на The Parisians’ Guide to Cafés, Bars and Restaurants. Следете ја на Twitter: @Naomi_theFirsht

Останати
објави

Сподели на...