Саша Лековиќ, претседател на Хрватското новинарско здружение, сосема случајно во четвртокот избегна фатална сообраќајна незгода за која, судејќи по доказите, одговорен е засега непознат сторитело кој олабавил два шрафа на тркалата на неговото возило. „Патував службено во Нови Сад и додека возев почувствува дека тешко го контролирам возилото. Некои десет километри откако влегов во Србија морав да застанам и да повикам влечна служба. Тогаш веќе видов дека предното десно тркало е искривено и дека недостасуваат шрафови, но ги најдов и му ги предадов на механичарот на кој влечната служба му го однесе возилото. Тој ми потврди дека двата шрафа биле до пола ошрафени и пукнале на половина пат“, рече Лековиќ за Dnevnik.hr, додавајќи дека тоа се случило во четвртокот вечерта. Сигурен е дека шрафовите му се разлабавени во Хрватска, но не може да потврди кога, бидејќи автомобилот ретко го користи во Загреб, каде најчесто патува со велосипед или со јавен превоз. „Ќе го пријавам случајот во полиција кога ќе се вратам, но не очекувам дека ќе го најдат сторителот. Можно е штрафовите да се разлабавени месеци претходно“, вели Лековиќ.
Ова не е прв ваков случај за Лековиќ. Пред неколку години, додека патувал за Осјек, исто така почувствувал дека автомобилот необично се однесува. Застанал на бензиска станица и видел дека се разлабавени дури четири шрафа на тркалото. Извршниот одбор на ХНЗ ги повика надлежните институции на истрага и соодветн ареакција. „Вчерашната случка е само кулминација на вербалните напади и најлошите навреди на сметка на претседателот на ХНЗ.
Колегата Саша Лековиќ, од денот кога го презеде мандатот на претседател на ХНЗ е константно изложен на јавен линч на одредени портали на кои постојано е изложен на навреди и закани, додека во коментарите на читателите отворено се повикува на негово убиство“, се вели во соопштението на ИО, потпишано од Елизабета Гојан, членка на тоа тело, додавајќи дека и овој случај докажува дека е мал чекорот од закани до физичко насилство.
„Затоа бараме најитно постапување на надлежните институции во сите случаи на закани по новинарите. Ја повикуваме Комисијата за информирање, информатизација и медиуми на хрватскиот парламент веднаш да започне расправа за оваа крајно опасна општествена појава“, се вели во соопштението во кое се изразува длабока загриженост што сè уште не е решен ниту еден случај на закани по новинарите во Хрватска и што бројот на навредите кои вклучуваат говор на омраза како и директните закани по новинарите деновиве се драстично зголемени.