Иво Јанкоски излегува од сопствеништвото во телевизија „Алфа“ и на негово место доаѓа извесен Горан Балаќ од Земун, Србија, јави БИРН врз основа на податоци во Централниот регистар.
Иво Јанкоски од август минатата година беше сопственик на ЦХС Инвест Груп, доминантен сопственик на фирмата „Алфа Скоп“, која пак е газда на телевизијата „Алфа“. Тој е познат и како прв човек на продуцентската куќа „Трето уво“.
Пред да ја купи Јанкоски, „ЦХС Инвест груп“ беше во сопственост на фирмата „ЦНС Медиа технолоџи“ од Белград, која се поврзуваше со српскиот бизнисмен Веселин Јевросимовиќ.
Претставник на неговиот капитал во Македонија беше Симонида Кажиќ, која беше директор на фирмата „Алфа Скоп“, сопственикот на телевизијата „Алфа“, а подоцна ја замени Харалампи Михајлоски.
Освен ЦХС Инвест Груп, многу помали удели во „Алфа Скоп“имаат и АД „Европа“ Скопје, „Технометал Вардар“ и „Макошпед“ АД.
Фирмата на Јанкоски, која сега преминува во рацете на Горан Балаќ, во минатата година има остварено приходи од само 135 денари.
Во последниве неколку месеци во јавноста се шпекулираше дека телевизијата ќе се затвора или пак дека ќе се продава, а новинарите често се соочуваа со доцнење на платите.