Психолошката поддршка на новинарите не смее да биде табу тема

Со порака дека новинарите, снимателите, фоторепортерите треба отворено да говорат, но и да побараат помош за психолошките последици што ги трпат од доживеани стресни, кризни и трауматски искуства при нивното работење, се одржа дводневната онлајн работилница „Психолошка поддршка на новинарите во кризни ситуации”, организирана од Македонскиот институт за медуми (МИМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Во отуство на институционална психолошка поддршка за медимските работници, препораката на Гевин Рис, директор и обучувач во Дарт Центар – Европа, експерт на ова поле, е дека претпоставените, а пред се колегите во редакциите, треба да бидат тие кои ќе ја препознаат и ќе има ја дадат потребната помош на колегите да се справат со последиците од стресот и траумата. Начинот за тоа, вели Рис, е искрена грижа и внимателно слушање на колегите кога зборуваат за доживеаното, без осуда и забелешки.

Психологот д-р Ана Блажева, пак, посочи дека освен помошта од средината во која работат и живеат новинарите, тие треба да побараат и стручна помош доколку им се повторуваат симптомите на преживеана траума, што десега се покажало како многу успешно во надминување на последиците. Според д-р Блажева емоциите и нивното препознавање и прифаќање од страна на личноста кога ќе се најде во кризна ситуации, во овој случај медиумските работници, е клучот за полесно справување со последиците.

Во рамки на работилницата пет новинари и фоторепортери ги раскажаа личните искуства, но и последиците од доживеани кризи и трауми додека биле на работна задача, како војната во Косово, конфликтот во 2001, бегалската и мигрантската криза, соочување со зарази и епидемии како што се еболата и Ковид-19, но и известување за лични човечки судбини, социјално загрозени луѓе и други кризни ситуации.

На работилницата се зборуваше и за психолошките последици од трпење закани и навреди кон новинарите, но и за она што на голем дел од новинарите денес им прави дополнителен стрес и траума – работењето од дома и работа во услови на пандемија. Досегашните истражувања покажале дека дури 70 проценти од новинарите пријавиле психолошки промени поврзани со влијанието на пандемијата и работата од дома.

Инаку светската статистика покажува дека од 80 до 100 проценти од новинарите биле изложени на трауматско искуство поврзано со нивната работа, а дури 92 проценти доживеале четири трауматски искуства во текот на работниот век.