Европските ревизори рекоа дека Европската комисија обезбедила релативно малку средства за финансирање на проекти во полето на слободата на медиумите и борбата против организираниот криминал и корупцијата во земјите од Западен Балкан, пишува Балкан Инсајт.
Европскиот суд на ревизори соопшти дека во споредба со проекти во полето на владеењето на правото, релативно малку пари се доделени за финансирање на проекти во полето на слободата на медиумите, обвинитителствата и борбата против организираниот криминал и корупција.
Ревизорите ревидираа 52 проекти во земјите од регионот, како и три регионални проекти, и заклучија дека целите на Европската комисија не се секогаш „дефинирани и мерливи“.
Тие исто така рекоа дека Европската комисија не била доследна во примената на условите за доделување проекти.
„Отсуството на политичка воља за институционални реформи во земјите-корисници, недоволниот буџет и човечки ресурси, како и лошата координација, исто така влијаеле врз одржливоста на проектите,“ тврди Европскиот суд на ревизори во својот извештај.
Беше исто така заклучено дека проектите биле ефикасни и ги зајакнале капацитети во регионот до одреден степен, но и понатаму биле неодржливи.
Помеѓу 15-те проекти поврзани со владеењето на правото кои биле ревидирани од страна на ревизорите во Босна и Херцеговина, само еден бил со фокус на медиумите – имено обука на 40 новинари за известување за корупција.
Другите опфаќале разни институции, како Високиот судски и обвинителски совет, Државниот суд на Босна и Херцеговина и Управата за координација на полициски органи.
Медиумските проекти биле финансирани со околу 100.000 евра, додека проектите фокусирани на институтциите биле финансирани со повеќе од четири милиони евра.
Во Босна и Херцеговина, доцнењето на усвојувањето на Стратегијата за реформи во судскиот сектор беше исто така споменато како проблем кој довел до доценење на распределбата на одредени европски фондови.
Во својот извештај, ревизорите го користеле истражувањето на БИРН за трошоците за изградба на споменици во Скопје.
Извештајот за проекти за претпристапна помош помеѓу 2007 и 2013 беше издаден од Европскиот суд на ревизори и ги опфаќа Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Македонија и Косово.