СЕММ: Најчесто се кршат основните правила на новинарството

Датум

Показателите за бројот и видот на поплаките упатени до Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) во минатите три години (2014 – 2017) покажуваат дека етичките и професионалните стандарди на новинарството најмногу се прекршуваат од онлајн медиумите (79%), а потоа од телевизиите (12,6%) и од печатените весници и неделниците (8%).

Од вкупно 214 поплаки поднесени до Комисијата во период од три години, најголем број се од организациите од граѓанскиот сектор (27,5%), потоа од медиуми и новинари (25,7%), од носители на јавни функции, институции и политички партии (23,8%) и од други субјекти (22,9%).  Во 175 случаи Комисијата утврдила прекршување на Кодексот на новинарите и изрекла морална санкција, 28 жалби биле неосновани или надвор од надлежноста на Комисијата, а 11 жалби биле решени по пат на медијација.

За СЕММ е најзагрижувачки фактот што најголем дел од прекршувањата се однесуваат на основните правила на етичкото новинарство: објавување точни, проверени и сеопфатни информации и разграничувањето на фактите од мислењето на новинарот. Особено загрижува и тоа што 49 или 28,8% од вкупниот број поплаки се однесувале на медиуми кои во јавноста ширеле говор на омраза, употребувале дискриминирачки искази или поттикнувале стереотипи, и на тој начин им нанесувале сериозна штета на припадниците на одделни групи.

Публиката, која се информира главно од онлајн порталите или од други медиуми кои не ги почитуваат правилата на етичкото новинарство, станува лесен предмет на манипулација поради големиот број фабрикувани или полувистинити информации. Ефектот на манипулација со јавното мислење уште повеќе се зголемува со тоа што таквите дезинформации и фабрикувани приказни потоа се споделуваат и коментираат на јавните мрежи.

Имајќи ја превид огромната манипулативна моќ на дезинформациите и на фабрикуваните или лажните вести што се шират под маската на „сериозно новинарство“, СЕММ, во насока на поголема афирмација на саморегулацијата, воведе посебни правила за интернет порталите (http://semm.mk/sovet-za-etika-4/pravila-za-chlenstvo) кои се членови или кои сакаат да пристапат кон СЕММ.

Но, покрај воведувањето на овие правила, СЕММ ги повикува сите медиуми да работат со професионален интегритет и да се заложат за доследна примена на основните принципи на етичкото новинарство. Советот ќе продолжи да го набљудува начинот на информирање на медиумите, како на оние кои се дел од членството, така и на оние кои се’ уште не се негови членки и ќе повикува на доследно почитување на Кодексот на новинарите, како предуслов за припадност кон ова наше, заедничко, професионално тело за саморегулација во медиумите.

Останати
објави

Сподели на...