Пишува: Сашко Димовски
Фриленсерството доживува планетарна ескпанзија, но секаде не се доживува исто, како на пример во Македонија. Статусот на фриленсерите или слободните соработници или, ако сакате, независните професионалци е незавиден и безличен од аспект на нивните права и обврски. Терминот фриленсер честопати се поистоветува со хонорарец, меѓутоа колку се слични толку се и различни. И тоа најдобро го знаат и го чувствуваат на своја кожа оние во пракса. Но, најдобар опис за обете категории во суштина, на крајот на краиштата, дава фоторепортерот Боро Грданоски кој ќе рече „како пензионери ќе бидат социјални случаи“. Ова, се разбира, доколку не искористат некоја од опциите во текот на нивниот работен век за пензиско осигурување, а ништо помалку важно не е ниту здравственото. Оттука е важно, конечно, да почне да се размислува за решавање на статусот на тие лица.
Фриленсери најмногу се разликуваат од хонорарците по однос на работното време, средината од која можат да ги испорачуваат своите обврски и слободата. Фриленсерите извршуваат работа по договор за одредена компанија, во нашиот случај медиум, но не се вработени во него. За разлика од хонорарците, фриленсерите немаат фиксно работно време, но имаат рокови за реализација на тема, анализа или истражување. Главно работат од дома и бираат на кои проекти ќе се „закачат“. Таква категорија на лица има меѓу програмерите, дизајнери и други ИТ стручњаци, онлајн наставници и професори, уметници, креативци, писатели, меѓутоа незанемарлив е нивниот број меѓу новинарите, фоторепортерите, снимателите, поточно во индуструјата на вести. Своите услуги ги нудат преку посредници, претходно стекнати познанства и контакти или преку дигитални платформи со милиони регистрирани корисници од целиот свет.
Во насока на експанзијата на фриленсерството беше и пандемијата на ковид-19 која две години го блокира светот. Мерките што беа донесени од Светската здравствена организација (СЗО) и широко прифатени од владите покажаа дека и работата од далечина е можна и ништо помалку ефективна и ефикасна како и осумчасовниот дневен престој во канцеларија. И таквиот модел се очекува да биде уште пораспространет и поприфатен во иднина во медиумите, со технолошкиот развој и нивната трансформација во дигиталниот свет која е длабоко навлезена.
Искуствата на фрилсенсерите во медиумскиот сектор се различни и зависат од позицијата. Заеднички е, сепак, дека државата не посветува внимание на нив.
Несигурност и отсуство на заштита
Боро Грданоски е професионален фоторепортер со децениско искуство и присутност на медиумската сцена. Работел и сè уште работи за македонски медиуми, но долги години соработува и со водечките светски агенции. Разликата меѓу фриленсерството во Македонија и во светот, вели тој, е неспоредлива. Според него, има колеги кои се фокусирани само на фриленсерство, меѓутоа ја нагласува несигурноста и отсуството на заштита за таквите лица.
„Многу често луѓето немаат здравствено осигурување. Ако не дај боже им затреба за било што, мораат самите да ги поднесат трошоците. За да се избегнат такви ситуации, некои бараат разноразни начини за решавање на тој тој со фиктивни вработувања кај блиски лица со правни субјекти за да можат да го остварат тоа право. За пензиско осигурување да не говорам. Како пензионери, би биле социјални случаи“, вели Грданоски.
Грданоски, докрај, не се согласува со флексилноста на работното време и слободата што фриленсерите честопати ги истакнуваат како адути.
„Ја разбирам флексибилноста на фриленсерите кои можат да работат повеќе работи одеднаш, да работат на повеќе проекти или за повеќе работодавачи, ако тие немаат против тоа. Но, флексибилноста може да се постигне и во една работна средина, со заснован работен однос, со добра организација и одлично познавање на медиумската сфера. Затоа работодавачите треба добро да ја познаваат медиумската фела за нашата работа. Не е само она „дојди во 07 часот, оди си во 15 часот“ и завршил денот. Да, така денот ќе заврши во други сфери, но не и во медиумите, бидејќи настан може да се јави и попладне и навечер. Што правиме тогаш?“, коментира Грданоски.
Тој смета дека од фриленсерство, само по себе, тешко може да се живее само од тоа, има малкумина кои можат да имаат две или три, финансиски, квалитетни „тезги“, па затоа честопати фоторепортерите се принудени да сликаат свадби, крштевки, натпревари и настани од секаков карактер. Апелира да се регулира нивниот статус и да има бенефиции, како што е случај во дејностите култура и уметност, на пример, во кои лицата имаат уживања во делот на оданочување и плаќање на данок.
„Да не говорам за кражбите на авторски права. Ги има многу, особено во делот на фоторгафиите, но, за жал, малкумина се решаваат за судски спорови поради цената на чинење на процесот. Мене, лично, ме плаши денот кога ќе дојдат странци и ќе речат „ајде повелете да платите или казна“. Има такви софтверски куќи, пред сè, во Швајцарија кои следат кои и чии фотографии завршуваат по разни медиуми од кои, барем кај нас, малкумина се претплатници на странските фото сервиси“, заклучува Грданоски кој се надева дека фелата, од овие и други причини, ќе најде сили да се саморегулира оти, како што вели, ако тоа го преземе државата „ќе биде масакр“.
Фриленсерство е вносно во странство, во Македонија не
Бојан Стојковски со години е новинар фриленсер и добро „плива“ во тие води. Фокусиран е на странскиот пазар, пред сè, кон медиуми во САД и во Велика Британија, меѓутоа и во други европски земји и задоволен е од неговиот ангажман и примања. Насочен е на областите бизнис и технологија во регионот на Западен Балкан, а ја покрива и Југоисточна Европа.
„Дефинитивно може да се живее од фриленсерство. Ако добро го владеете англискиот јазик, може и добро да заработите. Ми одговара, бидејќи не зависам од стриктни рокови. На пример, имате идеја, ја нудите на работодавач кој доколку ја прифати, имате рок од, не знам, една или две недели и работите од дистанца, од дома, од било каде. Го имате времето, ја имате слободата, ја имате флексибилноста, сами го организирате денот до испорака на сторијата“, вели Стојковски.
Според него, осум часа работа во канцеларија е застарен модел на организација на работа во медиумите и сè потешко ќе функционира во иднина.
„Пандемија, впрочем, покажа дека може да се работи од секаде. И тоа, исто толку, ефикасно како од канцеларија, ако не и подобро“, укажува тој.
И тој се соочил со негативната страна на фриленсерството, во делот на здравствено осигурување, па затоа бил принуден да се снаоѓа на разни начини. Потоа нема годишен одмор, што е загарантиран според Законот за работни односи, нема боледување, нема патни трошоци и К15 и она што е најважно – нема загарантирана заработувачка на крај на месецот. Од друга страна, пак, има „сам свој газда“, „работа кога сакате“, „слобода“ и „нема притисоци и стресови“.
Стојковски е задоволен и од можноста за заработувачка за што направи паралела меѓу фриленсерство за странски медиуми и хонорарна работа во македонски медиум.
„Хонорарец во македонски медиум може да добива и до 500 ева месечно. Како фриленсер во странски медиум, тие пари можете да ги наплатите за една сторија и ако, згора на тоа, „фатите“ две или три стории во месецот, се стигнува до добар износ. Се е работа на договор. Јас навлегов во ова преку посети на конференции на кои запознав многу луѓе кои спонтано ме воведоа во целата приказна, иако работа можете да понудите или побарате на разни платформи како Upwork и слични на неа“, објаснува Стојковски.
Србија
Србија лани донесе Закон за фриленсерите, кој стапи на сила од 1 јануарио 2022 година со кои се обликуваат нивните обврски кон државата. Според него, фриленсерите кои месечно приходуваат до 570 евра (64.000 динари), односно до 768.000 динари годишно, ќе немаат обврска за покривање на даноци и придонеси кои не ги платиле.
Договорот дојде по шест месеци протести на работниците на интернет кои влегоа во спор со државата, откако на нивна адреса во октомври почнаа да стигнуваат решенија на Даночната управа за наплата на долгови од 2015 година.
Според договорот меѓу Владата и претставници на фриленсерите од април во минатата година, оние кои заработуваат нешто повеќе од 500 евра месечно – немаат даночни обврски, оние кои заработуваат околу 1.000 евра месечно – треба да издвојат 13 отсто, додека оние кои заработуваат околу 2.000 евра – 20 отсто за плаќање на данок.
Црна Гора
Фриленсерите во Црна Гора, според тамошното Министерство за економија, спаѓаат во групата на физички лица кои остваруваат приходи од самостојна дејност и за нив се применуваат одредбите од Законот за данок на доход на физички лица, иако Ивана Михаиловиќ од Унијата на слободни синдикати тврди дека тој закон не ги препознава.
Од таму додаваат дека не се знае колку фриленсери има во Црна Гора, ниту дали се и колку од нив регистрирани како претприемачи.
Данокот на доход се плаќа врз основа на самостојна дејност од авторски и сродни права и на приходи од странство.
Севена Македонија
Северна Македонија, според податоци од 2018 година, е прва во светот по бројот на фриленсери на 1.000 жители. Во земјава се наплатува само данок на доход во висина од 10 отсто, максимално 1.500 евра месечно, и тоа е тоа што се однесува до обврските кон државата.
Романија и Бугарија
Во Романија се плаќа 16 отсто данок на доход и 26,3 отсто придонеси за пензија, иако постои можност за помали придонеси од 10,5 отсто што по автоматизам ќе повлече и помали пензии. Минимумот е 64 евра, а максимумот е 915 евра. За приходи помали од 300 евра не се плаќаат пензиски придонеси, додека придонесите за здравствено осигурување се 5,5 отсто на нето приходот. Постојат и опционални придонеси за осигурување за време на боледување или породилно отсуство, за невработеност и за осигурување од незгода на работа. Данокот на доход во Бугарија е 10 отсто, меѓутоа со одбитоци е ефективно 7,5 отсто. За придонеси се плаќа 27,8 отсто, максимално 1.000 евра месечно.
Оваа сторија е дел од публикацијата „Новинарството како јавно добро“, дел од проектот „Синдикатите за фер закрепнување“ финансиран од Европската Унија, а во партнерство со Европската федерација на новинари.Ставовите и коментарите во публикацијата се одговорност на ССНМ и не ги изразуваат ставовите и мислењата на Европската Унија и на Европската федерација на новинари.