„Скок“ на Македонија за 33 позиции, врвот за скандинавските земји

Датум

Македонија се најде на 57-то место на најновиот извештај на „Репортери без граници“ што го мери индексот на слобода на медиуми во светот. Националното позиционирање за 2022 година претставува „скок“ за 33 места во споредба со лани. На листата на организацијата, која оваа година користи нова методологија, се рангирани 180 држави. 

Слободата на медиумите, согласно новата методологија на „Репортери без граници“, се дефинира како „ефикасна можност за новинарите, како поединци, така и групи, да прават селекција и да произведуваат и шират вести и информации од јавен интерес, како и без закани по нивната физичка и ментална безбедност“. Таа опфаќа пет нови индикатори: политички контекст, правна рамка, економски контекст, социо-културен контекст и безбедност.

„Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади“, се наведува во извештајот.

Иако телевизијата останува доминантен извор на информации, во него се наведува дека онлајн медиумите, сепак, играат важна улога.

„Мора да се направи разлика меѓу професионални онлајн редакции кои вработуваат професионални новинари и објавуваат оригинална содржина, и поединечни портали кои вршат плагијат и препишуваат таква содржина. Исто така, постои голем јаз меѓу гледаноста и довербата, најгледаните ТВ станици имаат низок индекс на доверба“, се посочува во извештајот на „Репортери без граници“. 

Во извештајот се нагласува дека судската злоупотреба на Законот за граѓанска одговорност за клевета поттикнува самоцензура во медиумите. Тужбите се користат како алатка за заплашување и притисок врз независните медиуми.

„Иако одредени видови медиумска концентрација се забранети со закон, редакциите на некои од главните ТВ канали се изложени на економски притисоци од нивните сопственици. Државното финансирање е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми во голема мера се потпираат на донаторите. Странските грантови засновани на проекти придонесуваат само за опстанок, но не и за натамошен развој. Има тргување со влијанија помеѓу маркетиншките агенции и одредени медиумски куќи“, се вели во извештајот.

Најголем напредок во регионот има Црна Гора за 41 место, Бугарија за 21, Косово за 17 и Србија за 14 места, а најголем пад бележи Грција за 38, Албанија за 20, Словенија за 18 места. На врвот се Норвешка, Данска и Шведска, кои служат како демократски модел каде има слобода на изразување.

Рекордни 28 земји со оценка „многу лошо“

Мјанмар и Хонг Конг се при дното на извештајот на „Репортери без граници“ во кој дури 28 земји се оценети како „многу лоши“ места за новинарство во светот и се предупредува дека автократските режими се сè поподготвени да ги „убијат“ независните медиуми.

Милијарди луѓе во земјите како Кина, Русија, Саудиска Арабија и Пакистан се борат да пристапат до новинарство без интервенција од политичарите, при што новинарите во тие држави често пати се соочуваат со закани за нивната благосостојба.

Годишниот список за слобода на печатот изработен од „Репортери без граници“ ја истражува состојбата на медиумите во 180 земји и територии. За влошување на ситуацијата во многу земји, тој го обвинува „глобализираниот и нерегулиран онлајн информативен простор кој поттикнува лажни вести и пропаганда“.

Еден од најголемите падови на листата го има Мјанмар, каде што десетици новинари беа ставени во затвор по минатогодишниот воен удар. „Репортери без граници“ соопштија дека слободата на печатот во земјата е заостаната за 10 години.

Шефот на кампањата на организацијата, Ребека Винсент, рече дека, иако Велика Британија се рангираше на релативно доброто 24-то место на листата, сепак загриженоста останува. Меѓу клучните прашања се и оние за тековните закани за новинарите во Северна Ирска по убиството на Лајра МекКи, обидите на владата да постави политички сојузник како претседател на набљудувачот на медиумите ОФКОМ и тековниот процес на екстрадиција во кој е вклучен основачот на Викиликс, Џулијан Асанж.

„Случајот Асанж е глобално важен и владата на Велика Британија ѝ овозможува на американската влада да го спроведе овој случај против него. Исто така, станува сè потешко за новинарите од сите слоеви да пристапат до информации од оваа влада“, рече таа.

Винсент додаде дека слабата слобода на печатот ги остави граѓаните неинформирани и помалку способни да бараат одговорност од нивните влади. Таа предупреди дека авторитарните ставови кон медиумите често може да се прелеат и во други соседни земји, додавајќи: „Војната во Украина е екстремен пример за ова. Тоа беше однапред смислена информативна војна која се претвори во конфликт што ја загрозува глобалната безбедност“.

Европа е поделена на два дела во рангирањето, а нордиските земји како Норвешка, Данска и Шведска повторно се наоѓаат на врвот на листата и добија пофалби за следењето на „демократскиот модел во кој слободата на изразување цвета“.

Ситуацијата во источна Европа е многу полоша, а Полска, Унгарија и Албанија имаат релативно лоши резултати. Најслабо рангирана европска земја за слобода на печатот е Грција, која се спушта на 108-то место на рангирањето откако новинарот за криминал Јоргос Караиваз беше убиен на улица во Атина.

Годишните рангирања се создаваат со проценка на директните закани кон новинарите ширум светот и комбинирање со резултатите од истражувањето на стотици новинари, академици и активисти за човекови права.

Меѓу најлошите резултати е Хонг Конг, кој падна на 148-то место по воведувањето на законот за национална безбедност кој ги таргетира новинарите кои ја критикуваат кинеската влада.

Русија го има едно од најниските рангирања досега, откако Кремљ воспостави „целосна контрола на вестите и информациите преку воспоставување обемна цензура за време на војната, блокирање на медиумите и прогон на новинари кои не се усогласени, принудувајќи многу од нив на егзил“.

Топ 5 земји за слобода на печатот

1. Норвешка

2. Данска

3. Шведска

4. Естонија

5. Финска

24. ОК

39. Австралија

42. САД

Најлоши земји за слободата на печатот

176. Мјанмар

177. Туркменистан

178. Иран

179. Еритреја

180. Северна Кореја

Фото: Pixabay

Оваа сторија е дел од публикацијата „Новинарството како јавно добро“, дел од проектот „Синдикатите за фер закрепнување“ финансиран од Европската Унија, а во партнерство со Европската федерација на новинари.Ставовите и коментарите во публикацијата се одговорност на ССНМ и не ги изразуваат ставовите и мислењата на Европската Унија и на Европската федерација на новинари.

Останати
објави

Сподели на...