„Не може да има слобода на печатот доколку новинарите егзистираат во услови на корупција, сиромаштија или страв“… На овој Ден на работниците, Европската федерација на новинари (ЕФЈ) ги повикува новинарите да го споделат мотото на Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ). Гарантирањето на фер и пристојни услови за работи на новинарите е предуслов за слобода на медиумите.
Студијата “Новинарите под притисок” објавена на 20-ти април, базирана на примерок од 940 новинари од 48 земји, покажува дека новинарите во Европа се често изложени на сериозен притисок во нивната работа, вклучувајќи и на заплашување и насилство. Како последица, многу од нив страдаат од страв, кој често води кон самоцензура.
Речиси 70% од новинарите кои учествуваа во анкетата, спроведена помеѓу април и јули 2016 година, биле жртви на психолошко насилство (вклучувајќи заплашување, закани, клевета и понижување) во период од три години.
- 19% од анкетираните новинари пријавиле заплашување од страна на нивното раководство.
- 24% од анкетираните новинари пријавиле омаловажување и понижување од страна на нивното раководство.
Студијата покажува дека заканите имаат различни форми: „Тие може да се физички, но може да призлегуваат и од правен, политички, културен и економски притисок. (…) Пазарната политика и олигархиското сопствеништво на медиумските редакции исто така игра улога. Медимите се неволни да ги навредат рекламирачите или други влијателни страни. Најчесто тоа резултира со самоцензура.
Пред неколу години, една швајцарска студија докажала дека влошувањето на условите за работа на новинарите има негативно влијание врз слободата на печатот и квалитетот на новинарството. Резултатите укажуваат дека економскиот притисок од рекламирачите и сопствениците на медиумите ја загрозува уредувачката слобода на медиумите.
Слободниот и независен печат е витална компонента на секое демократско општество. Европската федерација на новинари (ЕФЈ) ги повикува земјите-членки на Советот неодложно да ги спроведат насоките на Препораката за заштита на новинарството на СЕ: „Земјите-членки треба да усвојат сеопфатна законодавна рамка која им овозможува на новинарите и другите медиумски актери да придонесат кон јавната дебата на ефикасен начин и без страв. (…) Треба да се посвети потребното внимание на важноста на соодветни закони за труд и вработување кои ќе ги заштитат новинарите и другите медиумски актери од произволни отпуштања од работа и казни, како и од прекарни услови за работа кои можат да ги изложат на непотребен притисок да скршнат од прифатените новинарски етики и стандарди.“