Солидарност со колегите од МПМ

Датум

Денеска во Клубот на новинари ССНМ и ЗНМ одржаа заедничка прес конференција посветена на случувањата во изданијата на Медиа принт Македонија.

„Ја свикавме оваа прес конференција за јавно да проговориме за случувањата на македонската медиумска сцена и отворената закана од згаснување на еден од највлијателните дневни весници – Утрински весник, но и продолжување на неизвесноста и за другите изданија на Медиа принт Македонија“ изјави претстедателката на ССНМ Тамара Чаусидис.
Таа рече дека „ компанијата веќе во континуитет тврди дека има финансиски проблеми и тоа го ефектуира со постојани намалувања на плати, откази и технолошки вишоци. ССНМ жали што се покажа дека еден од најбогатите македонски бизнисмени како еден сопствениците на МПМ за разлика од другите негови бизниси така маестрално потфрли во водењето на медимскиот бизнис, но должни сме да кажеме дека финансиската состојба не е резултат на работењето на новинарите. А тие го плаќаат и треба да го платат туѓиот менаџерски неуспех и поради тоа ние јавно протестираме.
Ние сме цврсто уверени дека актуелната лоша економска состојба во компанијата и намалените тиражи на весниците најмногу, потенцираме најмногу, се последица на слугински однос на сопствениците кон власта. Таквиот однос продуцира лоши деловни одлуки, мешање во уредувачката политика и на крај производ – весник, кој не е интересен за публиката.
Ете затоа паѓаат тиражите. Затоа што сопствениците, за да бидат ценети кај властите, се дрзнуваат да запираат затворен весник во печатница и да менуваат насловни страници или пак да менуваат цели уредувачки тимови во тиражно успешни весници и за 6 месеци да ги сведат тие весници на безвреден и неинтересен медиумски производ. Оттука, секое фрлање вина на некој друг е неприфатливо, а прогласување на новинари за непотребен вишок е бесчуствителна одлука и срам за сопствениците на компанијата.
Сето ова проследено со еден целосно неискрен и арогантен однос кон вработените . Тие свесно во континуитет се доведувани во неизвесност, забуна и страв. За ова можеби е илустративен фактот дека од менаџментот ниту еден договор не е испочитуван. Намалија плати за да нема бркање на одреден период.Платите останаа намалени, откази се поделија. Од изданијата на МПМ милом или силом се отсранети повеќе десетици новинари. Сега на луѓето прогласени за технолошки вишок не им се исплаќа законски гарантираната отпремнина што ќе мора да се бара на суд.
Само четири дена пред последната непристојна понуда на Утрински од раководството синдикалните претставниците беа уверувани дека нема да има отпуштања ниту намалувања на плати. Три недели претходно бевме уверувани дека нема да има ниту доцнење на плати. И да не набројувам. Но сето тоа е само израз на една хаотична и несеериозна политика која за свој заеднички именител ја има тезата дека новинарството е вишок и луксуз кој треба да биде уништен. Ова се само фази во таа операција која не започна од вчера, ама вчера доживеа отворена кулминација.
Последиците од ваквиот однос се повеќе слојни и ги засегаат не само новинарите во МПМ, не само членовите на медиумската заедница туку сите граѓани. Прво нарушени права и слободи поради економски притисок што го прават врз новинари. Второ, нарушени демократски слободи, бидејќи намерно или ненамерно се загрозени четири дневни весника и еден неделник, најмалку. Трето, ја уриваат цената на новинарскиот труд, која и без тоа е најниска во регионот.
ССНМ останува посветен на случувањата во МПМ – ве уверувам дека нема да оставиме да помине неказнето ниту една незаконска постапка или процесно дејство, а моралната осуда е веќе испорачана и од читателите и од целата слободномислечка јавност“ изјави Чаусидис.
Синдикалниот претсtавник на Утрински и член на ИЗвршниот одбор на ССНМ Љубиша Станковиќ рече дека ставот на вработените е да „не дозволи ниту едно отпуштање повеќе“ .

Останати
објави

Сподели на...