ССНМ е дел од СЦ „Дуња“

Датум

Извршниот одбор на ССНМ одлучи да се приклучи во формирањето на Социјалниот центар „Дуња“

dunja-znaminjaНа повик на членките на Повелбата за солидарност, левичарското движење „Солидарност“ и младинската организација „Мугра“, Извршниот одбор на ССНМ одлучи да се приклучи во формирањето на Социјалниот центар „Дуња“ во Скопје и да ја пресели својата канцеларија во објектот лоциран на улица Рајко Жинзифов бр. 22.

Со вклучувањето во заедничкиот потфат ССНМ го прифати и го споделува програмскиот документ на СЦ Дуња кој гласи:

Ние, членовите на Левичарското движење „Солидарност“, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работниоци (ССНМ), Младинската организација „Мугра“ како и групи и поединци со кои ја споделуваме вербата дека ново, подобро општество е можно и неопходно, се здруживме со цел да создадеме солидарен простор отворен за сите формални и неформални групи, иницијативи, движења и поединци кои сакаат да ја вдомат својата идеја за социјален или културен потфат, или едноставно сакаат да учествуваат во создавањето на колективен дом кој почива врз еманципаторни принципи.

Социјалниот центар „Дуња“, кој со своето име му се опира на заборавот на политички прогресивната девојка, борка за слобода – Невена Георгиева – Дуња, ќе биде простор отворен за среќавање, самоорганизирање, вмрежување, учење, споделување на знаење, креативно изразување, социјализирање и другарство. Со други зборови, СЦ „Дуња“ го основаме за да стане олицетворение на вредностите на заедништво и солидарност.

Ние, основачите на „Дуња“ правиме чекор кон создавање општество на луѓе свесни и одговорни не само за себе, туку и за останатите, за природата, животните и добробитот на сите. Општество во кое луѓето ќе ги надминат наметнатите идентитетски подеби – класни, национални, религиски, родови, расни, сексуални… и сплотено, солидарно ќе работат за заедничкото добро.

Овој центар ќе функционира со хоризонтална поставеност и непрофитна култура, односно ќе биде волонтерски одржуван од членките и членовите на организациите кои се основачи, како и од секој поединец или група кои ќе сакаат активно да дејствуваат во него. Во почетниот период, центарот ќе биде финансиски поддржан од Цивика Мобилитас, но целта е во наредните неколку години тој да развие/произведе сопствен модел на самоодржливост.

Настаните кои се организираат во социјалниот центар се непрофитни и некомерцијални. Спектарот на настани и иницијативи е широк и опфаќа: изложби, филмски проекции, дискусии, работилници, концерти, предавања, промоции, театарски претстави, состаноци…

Секој што ги споделува нашите вредности е добродојден да стане дел од иницијативата за заеднички простор насочен/устремен кон создавање подобро општество.

Останати
објави

Сподели на...