Фото: МИА
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници денеска учествуваше на тркалезната маса во Скопје организирана од Синдикатот на вработените во Клиничкиот центар, а на која се појавија претставници на сите валидни синдикални организации во Македонија, и се прикличи на своевидната декларација која содржеше неколку јасни ставови околу актуелниот предлог на Нацрт законот за систем на плати во јавниот сектор.
Оваа форма на законот е неприфатлива и за ССНМ, но и за сите денеска присутни претставници кои бараат истиот да биде повлечен. Во исто време на подготвувачите на законот им се препорачува во изработката на актот, во следниот период, задолжително да бидат вклучени претставници на синдикатите кои отворено се загрижени дека може да дојде до намалување на платите во одредени сектори, дека нивниот раст нема да биде пропорционален и дека сегашните колективни договори можат да бидат суспендирани.
На денешниот форум во хотелот Хилидеј Ин претставниците на десетина синдикати се согласија дека околу клучните проекти во иднина, во интерес на работниците, ќе настапуваат заедно, а едногласно се сложија и околу заклучокот дека во случај на инсистирање, овој и ваков Нацрт закон за платите во јавниот сектор да мине, ќе бидат преземени други чекори како што е генерален штрајк.