Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) се приклучи на Мрежата за борба против говорот на омраза во медиумите во која засега членуваат 16 граѓански организации, министерства и други државни институции. Мрежата беше формирана на иницијатива на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), а нејзиното формирање беше означено со денешното потпишување на Декларацијата против говор на омраза во медиумите, која во име на ССНМ ја потпиша Тамара Грнчароска, член на Извршниот одбор.
Во формирање на Мрежата учествуваа професионалните медиумски и новинарски здруженија, доносители на одлуки, државните и регулаторните тела надлежни за заштита на човековите права, организации од граѓанскиот сектор и други субјекти од сферата на медиумите и заштитата на слободата на изразувањето и човековите права.
Извршната директорка на СЕММ, Марина Тунева истакна дека во борбата со говорот на омразата најзначајни се заедничките обиди и делување и меѓусекторската соработка.
„Само преку координацијата на нашите дејствија ќе биде возможно да се изгради и сеопфатна стратегија против говорот на омраза“, рече таа.
Процесот на формирање на Мрежата беше поддржан од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
„Убеден сум дека воспоставувањето на оваа Мрежа ќе има влијание врз јавното мислење и ќе го спречува говорот на омраза во медиумите. Меѓу 2017 и 2018 година Харлем Дезир, претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, поздрави некои позитивни реформи во медиумите, притоа подвлекувајќи ја потребата од подобрување на општата ситуација со медиумите во земјата“, истакна амбасадорот Клеменс Која, Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Процесот за пристапување кон иницијативата е отворен за сите заинтересирани организации, здруженија, институции и медиуми.
Список на организации кои пристапија кон Мрежата за борба против говорот на омраза во медиумите:
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија – МВР
Министерство за информатичко општество и администрација – МИОА
Кабинет на министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност
Народен правобранител на Република Македонија
Академија за судии и јавни обвинители
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги – АВМУ
Здружение на новинари на Македонија – ЗНМ
Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници – ССНМ
Институт за комуникациски студии – ИКС
Македонски институт за медиуми – МИМ
Центар за развој на медиуми – ЦРМ
Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија
Коалиција Маргини
Фондација Метаморфозис
Институтот за истражување на општествениот развој – РЕСИС
Центар за интеркултурен дијалог – ЦИД