Бред Еткинс
Минатата недела, Џон Оливер ја искористи својата плаформа на шоуто Last Week Tonight на HBO да ја оплакува моменталната состојба во новинарството. Тој зборуваше за падот на локалните и државните весници и ги исмеваше новинарските организации кои го заменија суштинското новинарство со лефтерен сензационализам. Но Оливер вината целосно ја лоцираше во читателите како јас и ти, ненавикнати и неволни да плаќаме за нашите вести.
Оливер е во право дека весниците, особено локалните и државните, доживеаја огромни загуби во изминатите години. Како што тој забележа, помеѓу 2004 и 2014 година весниците заработиле 2 милијарди од рекламирање на интернет, но загубиле 30 милијарди од печатени изданија. Само во 2015 година, делничниот тираж на весниците опаднал за 7%. Читателите, особено младите читатели, сè повеќе се вртат кон социјалните медиуми и други интернет извори на вести. Само 20% од американците „често се информираат“ од печатени весници, пад од 7% за три години. Таквиот тренд ќе продолжи и во годините кои доаѓаат. Само 5% од 18 до 29 годишната популација „често се информира“ од печатени весници.
Како резултат, весниците почнаа масовно да отпуштаат. Меѓу отпуштените од локалните весници во 2016 година се десетици вработени во Kansas City Star, 11 од The Post Bulletin од Илионоис и 130 од најголемиот весник на Оклахома, The Oklahoman.
Сепак, Оливер ги исмеваше напорите на медиумските компании да го зголемат приходот. Тој се подбиваше со нивното користење на сензационалистички наслови за да привлечат читатели и ги стави на тапет Tribune Publishing, кои се сопственици на Los Angeles Times, Orlando Sentinel и Chicago Tribune поради нивното ребрендирање во Tronc (скратено од “tribune online content” („онлајн содржина на трибјун“)).
Здружението на весници на Америка му одговори на Оливер со остра критика: „Освен што ги поттикнува луѓето да „плаќаат“ за повеќе вести, [Оливер] не нуди одговори… Поголемиот дел од времето се потсмева со издавачите кои се обидуваат да најдат решение.“
Навистина, Оливер го заврши сегментот обвинувајќи ја „неволноста на јавноста да плати за производот на новинарската работа“. Навикнати да ги добиваме вестите бесплатно, повеќе не сакаме да плаќаме за нив. „Вам ви зборувам,“ рече Оливер, „кои го гледате овој сегмент на YouTube поврзани на Wi-Fi од кафулето под вашиот стан. Вие нè убивате.“
Долгорочно решение за проблемот со профитабилноста на медиумите останува недостижно. Некои весници бараат претплата за нивната содржина (пр. NYTimes.com). Други им нудат дополнителна содржина на членовите (пр. Slate.com). Ендрју Саливан направи кус експеримент со модел на членство со ниска претплата кој нуди проширена содржина на неговиот блог The Dish, но побарувачката се покажа како неодржлива. Ниту пак интернет рекламите ќе го решат проблемот – приходот од дигитално рекламирање опадна за 2% минатата година.
Ефектите врз политичкото информирање се јасни: државните и локалните медиуми можат да си дозволат само ограничено покривање на значајни настани во законодавните тела и градските собранија, па националните вести остануваат доминантни вести. Поплитките стории кои се забавни и лесни за објавување се лепат на почетните страници, додека суштинските вести стануваат споредни. Изјавите на Доналд Трамп се покриваат не само затоа што се контроверзни, туку и поради фактот што на новинарите не им треба ништо освен twitter за да ги преземат. Долгите истражувачки текстови се ограничени на националните весници како што се New York Times или Washington Post со посветени истражувачки новинари.
Во меѓувреме, политичките кампањи ги следат читателите на Facebook, Twitter и Instagram, пренесувајќи им ги своите пораки директно на гласачите без филтри на новинарска анализа или проверка на факти.
„Порано или подоцна или ќе мора да плаќаме за новинарството,“ рече Оливер. „Или сите ќе ја платиме цената.“ Како што расте интересот на јавноста за вести во очекување на изборите во ноември, медиумските компании имаат можност оваа година да експериментираат со различни модели на плаќање. Можеби наскоро ќе видиме ветувачки опции.
Преземено од ФОРБС