Судењето, кое започна во понеделник на 24 јули, вклучуваше 17 новинари и вработени од Џумхуријет кои беа неправично обвинети дека ја поддржувале ПКК – милитантна курдска организација и ФЕТО, групата наводно одговорна за минатогодишниот неуспешен пуч.
Вработените од Џумхуријет кои беа обвинети се главниот и одговорен уредник Мурат Сабунџу, колумнистот Кадри Ѓурсел, генералниот директор Ондек Челик, адвокатот Булент Утку, карикатуристот Муса Карт, колумнистот Хакан Карасинир, адвокатот Мустафа Кемал Ѓунѓор, известувачот Ахмет Шик, уредникот Турхан Ѓунај, колумнистот Ѓурај Оз, колумнистот Хикмет Аслан Четинкаја, поранешниот главен и одговорен уредник Џан Дундар, колумнистот Ајдин Енгин, финансискиот менаџер Булент Јенер, директорот на сметковоство Ѓунсел Озалтај и колумнистот Орхан Еринч.
Други двајца обвинети, затворениот наставник познат на социјалните медиуми Ахмет Кемал Ајдогду, и поранешниот дописник од САД Илхан Танир, се вклучени во истото судење.
Седумте ослободени новинари и вработени се Муса Карт, Булент Утку, Туран Ѓунај, Ондер Челик, Кемал Ѓунѓор, Хакан Карасинир и Ѓурај Оз.
По одлуката од петокот, новинарите Кадри Ѓурсел, Ахмет Шик, Акин Аталај, Мират Сабунџу и наставникот Ахмет Кемал Ајдогду ќе останат во затвор.
Налозите за апсење на Џан Дундар и Илхан Танир се и понатаму ефективни.
„Новинарите и меѓународната заедница можат да здивнат по оваа одлука, но сепак илјадници новинари и понатаму остануваат зад решетки во Турција,“ рече Претседателот на ИФЈ Филип Лерут. „Бараме владата на претседателот Ердоган на став крај на овој прогон и криминализирање на новинарите во Турција и да ги ослободи притворените.“
„Слободата на печатот мора да биде заштитена, а не изнесена пред суд како што се случи оваа недела во Истанбул,“ рече Претседателот на ЕФЈ, Могенс Блишер Бјерегард, кој беше присутен на отворањето на рочиштето. „Ги повикуваме турските власти да ги ослободат сите новинари кои се во затвор и да им го овозможат правото на надомест и оштета.“
ИФЈ и ЕФЈ ја објавија следната Заедничка изјава во петокот заедно со други меѓународни организации кои го набљудуваа судењето:
Претставниците од меѓународни групи за слобода на изразување и професионални новинарски организации го следеа судењето во Истанбул оваа недела на 17 новинари и вработени од весникот Џумхуријет.
Го разгледавме обвинението пред почетокот на судењето и делегати беа присутни во текот на постапката во која новинарите и вработените ја презентираа својата одбрана во однос на обвиненијата дека поддржувале терористи и ги прекршиле менаџерските обврски на весникот.
Аргументите на одбраната дека предметот се темели на слаби докази а со цел да се поддржи предодредена теорија ги сметаме за кредибилни. Во најдобар случај, сведочењето на новинарите и вработените силно укажува дека властите не спровеле соодветна истрага.
Аргументите на одбраната дека обвинението се темели на фактички грешки и вклучува како докази вести кои се изобличени или извадени од контекст се причина за легитимна загриженост, како што е и повикувањето на „експерти“ со сомнителни квалификации од стана на обвинителството.
Нé загрижува фокусот на обвинителството на контакти кои се чинат безопасни и нужни – или дури на обиди за контакти на кои обвинетите не одговориле – со лица кои имале скриени апликации на нивните телефони, што укажува на обид да се докаже вина преку слаба асоцијација.
Исто така нé загрижува што обвинителот во предметот е самиот под сомнение за врски со заедницата Ѓулен. Тој обвинител, кој е на слобода, има право на пресумпција на невиност. Но такво право имаат и новинарите и вработените од Џумхуријет кои минаа речиси девет месеци зад решетки.
Во контекст на настаните во Турција во изминатите години, тешко е да се отфрлат аргументите дека овој предмет е уште еден политички мотивиран обид за криминализирање на новинарството. Загрижени сме што се чини дека тоа е засновано на теоријата на поистоветување на новинарството со насилен екстремизам.
Овој предмет и тест за Турција – исходот ќе го сигнализира местото на човековите права и владеењето на правото во иднината на земјата. Ја поздравуваме денешната одлука за ослободување на седум од обвинетите и ги повикуваме властите таа веднаш да влезе на сила. Но Турција треба да ги ослободи сите новинари и вработени од Џумхуријет, како и многуте новинари и поборници за човекови права за кои се верува дека се затворени заради нивната работа во кршењето на основното човеково право да дава и прима информации.
Покрај тоа, горе наведениот проблем, меѓу другите, нé води кон заклучокот дека овој предмет не требаше да биде изведен пред суд и треба итно да се повлече.