Ажурирано (20-07-16). Нападите против медиумите во Турција беа причина Европската и Меѓународната федерација на новинари (ЕФЈ и ИФЈ) да реагираат до Советот на Европа за низата нови нарушувања на слободата на печатот.
Федерациите бараат од меѓународната и европската заедница да преземат конкретни чекори против нападите на турската влада врз основните човекови права што е спротивно на меѓународните и европските конвенции.
Мустафа Џамбаз, фоторепортер од турскиот дневен весник „ Yeni Safak“ беше убиен за време на обидот за пуч во Турција на 15 јули.
Во раните утрински часови во сабота, 16 јули, турските војници кои се обидоа да извршат државен удар презедоа контрола врз неколку редакции, вклучувајќи ги и студијата на државниот радиодифузен сервис – Турската радиотелевизија (ТРТ) во Анкара. Тие исто така ја принудија водителката на вестите, Тижен Караш, да прочита изјава држејќи ја на нишан. Тижен Караш рече дека членовите на редакцијата со часови биле држени како заложници под закана.
Војниците исто така ги презедоа и канцеларите на Doğan Media Center во Истанбул, во кој се лоцирани неколку медиумски куќи, вклучувајќи ги и дневниот весник „Hurriyet“, дневниот весник на англиски јазик „ Hurriyet Daily News“ и приватните ТВ станици CNN Türk и Kanal D, држејќи неколку новинари и други членови на персоналот во зградата како заложници дел од ноќта. ТРТ успеа да продолжи со емитувањето во околу 10:00 часот BST, но SNN Turk беше исклучена до околу 03:30 BST кога војниците во нејзиното студио беа уапсени. Неколку новинари беа нападнати за време на судирите.
Во Истанбул, Селчук Шамилоглу, фоторепортер во „Hurriyet“ и „Associated Press“, беше нападнат и повреден од граѓани кои протестираат против пучот.
Федерациите исто така известууваат дека во последните 72 часа, Агенцијата за технологии и комуникации (BTK, државен регулатор) затворила 20 независни интернет портали, вклучувајќи ги Haberdar, Meydan, Medyascope, Gazeteport, Rotahaber, ABC и Karşı. Посетителите на овие интернет портали ја добиваат следната порака: „По техничка и правна анализа согласно законот бр. 5651, преземена е административна мерка за страницата во согласност со одлуката бр. Xxxx од 17/07/2016 на Претседателството на Агенцијата за технологии и комуникации.“ Затворањето е жестоко критикувано од Турскиот синдикат на новинари (TGS), партнерска организација на ИФЈ/ЕФЈ.
Според известувањата во медиумите, на 18 јули Азербејџан, сојузник на Турција, ја затвори приватната телевизиска станица ANS TV поради најавата за емитување на интервју со исламскиот проповедик Фетулах Ѓулен, обвинет од турската влада дека стои зад неуспешниот пуч.
На 17 јули, Претседателот Ердоган објави дека е подготвен да ја врати смртната казна.
На 19 јули, Турскиот врховен совет за радио и телевизија (Radyo ve Televizyon Üst Kurulu, RTÜK) одржа вонреден состанок и реши да ја откаже лиценцата за емитување на 24 ТВ канали и радио станици поради нивните наводни врски со Ѓулен. Мерката се однесува на STV, Samanyolu Haber, Samanyolu Haber Radyo, Can Erzincan TV, Kanal 124, Yumurcak TV, Hira TV, MC TV, Dünya TV, Kanal Türk, Bugün TV, Mehtap TV, Berfin FM, Kanal Türk Radyo, Burç FM, Samanyolu Haber Radyosu, Radyo Mehtap, Haber Radyo Ege, Dünya Radyo, Radyo Küre, Merkür TV, Esra Radyo, Tuna Shoping TV, и Samanyolu Haber Radyo Anadolu. RTÜK не даде дополнителни детали за одлуката.
Претседателот на ИФЈ, Филип Лерут, рече: „Во Турција се случуваат бесрамни прекршувања на слободата на печатот и човековите права кои се спротивни на член 19 од Меѓународната конвенција за човекови права и член 10 од Европската конвенција за човекови права. Ситуацијата ескалира кон повеќе апсења и поголема цензура. Меѓународната заедница не може да молчи и да не презема конкретни мерки додека било каква форма на критика на терен се замолчува, што е сериозно загрозување на демократските вредности на Турција“.
На 20 јули, претседателот на ИФЈ додаде: „Суспендирањето на медиумите и зголемената репресија во Турција е загрижувачка бидејќи додека Претседателот Ердоган и владата ги имаат зад себе гласовите на народот кој ги избрал, тие не смеат да заборават дека демократијата се темели на слобода на мисла, слобода на изразување, слобода на здружување и слобода на печат и дека цензурата од каков било вид е несообразна на демократијата.“
Федерациите се загрижени и за известувањата на социјалните медиуми дека новинарите обвинети дека се „про-Ѓулен“ се помеѓу оние кои ќе бидат апсени.
Претседателот на ЕФЈ, Могенс Блишер Бјерегард додаде: „Ние сме во контакт со нашите членови во Турција, Турскиот синдикат на новинари (TGS) и Здружението на новинари на Турција (TGC) и подготвени сме со нив да известуваме за какви било нови нарушувања на слободата на печатот. Не е доволно само да се осуди влошувањето на ситуацијата. Сега меѓународната заедница мора да делува.“