Украинска организација која работи на националната безбедност на својата веб страница на 7 мај објави илјадници лични податоци на новинари тврдејќи дека новинарите се акредитирани од про-руски сепаратисти во источна Украина. Таа понатаму ги обвини за работење со терористички организации и кршење на украинските закони.
Меѓународната и Европската федерација на новинари (ИФЈ/ЕФЈ) ги поддржуваат нивните партнерски организации во Украина, Националниот синдикат на новинари на Украина (NUJU) и Независниот синдикат на новинари на Украина (IMTUU) во осудата на ваквата објава која ја загрозува безбедноста на новинарите, и бараат од украинската влада да преземе соодветни правни мерки против одговорните лица.
Личните контакт податоци објавени од страна на Myrotvorets вклучуваат имиња, работодавци, е-маил адреси и телефонски броеви на повеќе од 4000 новинари и медиумски работници лоцирани во Украина. Тие вклучуваат и локални и странски медиуми како што се AFP, Al Jazeera, BBC, CNN, Gazeta Wyborcza, Kyiv Post, New York Times и Reuters. Се верува дека Myrotvorets, „Центар за истражување на елементи на кривични дела против националната безбедност“, има блиски врски со украинските безбедносни служби.
Украинските новинари се шокирани од објавата на податоците и ја сметаат за обид да се заплашат новинарите кои бараат пристап да известуваат за областите кои ги држат бунтовниците во земјата. Новинарите стравуваат дека ќе бидат обвинети за предавство или ќе бидат жртви на насилство од толпите.
Канцеларијата на Главниот обвинител на Украина објави на 11 мај дека започнала истрага за објавувањето на податоците.
Медиумите известуваат дека заменик шефот на Министерството за информации на Украина побарал од одговорните да ја затворат интернет страницата, но без успех.
Претседателот на ИФЈ, Џим Бумела рече: „Објавувањето на личните податоци ги загрозува не само новинарите, туку и нивните семејства. Ваквото заплашување ги спречува новинарите слободно да известуваат од зоните на конфликт.“
Могенс Блишер Бјерегард, Претседател на ЕФЈ, рече: „Знаеме дека некои новинари на листата веќе примиле закани. Ги повикуваме украинските власти да ја гарантираат безбедноста на сите новинари во Украина. Тие не смеат да бидат малтретирани само затоа што си ја вршат својата работа.“
Меѓународната и Европската федерација на новинари го доставија предметот до Советот на Европската платформа за унапредување на заштитата на новинарството и безбедноста на новинарите.