Хрватските новинари протестираа за смртта на колегата Матијаниќ

Датум

Со свирежи до министерот Берош и премиерот Пленковиќ и извици „Вили оди си“, демонстрантите на Марковиот плоштад на протестот „Извинете што сметам, не можам да дишам“ побараа оставка од министерот за здравство  Вили Берош и одговорност на премиерот Андреј Пленковиќ. На протестот организиран од Хрватското новинарско здружение беше објавено ново предупредување за молкот и прикривањето, кое трае цели шест месеци за околностите на смртта на новинарот Владимир Матијаниќ.

Голем број демонстранти беа собрани пред Домот на печатот во Загреб и со голема поддршка одржаа протестна прошетка до плоштадот. ,,Ќе одиме на плоштадот да им кажеме на Вили Берош и на премиерот Андреј Пленковиќ што мислиме за тоа како, и на кој начин, бесчувствително го прикриваат целиот овој случај“, рече претседателот на Хрватското здружение на новинари Хрвоје Зовко на почетокот на протестот. Од транспарентите на кои беа напишани делови од разговорот на Владимир Матијаниќ со лекарите пред неговата смрт, до одговорните се испратени пораките: „Извинете што сметам, не можам да дишам“, „Кој го уби Владимир Матијаниќ?!“, „Менуваме Влада за Матијаниќ“.

На протестот со автобуси присуствувале многу луѓе од Сплит, Шибеник, Винковци, Вуковар, Дарувар, Вировитица, Осијек, Славонски Брод, Пула, Риека.. а меѓу толпата имаше многу новинари, политичари, писатели, актери. Демонстрантите во движење изјавуваа дека дошле да го поддржат протестот за во иднина да има подобра грижа за сите нив. Тие кажаа дека состојбата во здравството е катастрофална и дека се дојдени да дадат поддршка, и посочија дека треба да се промени свеста кај граѓаните  кои треба да излезат на улица и да протестираат.

На Марковиот плоштад биле објавени шокантни снимки од разговорот на Владо Матијаниќ со луѓето од сплитската итна служба, кои не му помогнале. Хрватското здружение на новинари продолжува да бара независна истрага за околностите на смртта на Матијаниќ и оставка на министерот за здравство Вили Берош. Претседателот на Хрватското новинарско здружение Хрвоје Зовко изјавил дека овој протест ги засега сите граѓани бидејќи смртта на Владо Матијаниќ не е единствена. Тој вели дека министерот за здравство Вили Берош е одговорен за системот што го убил колегата и тоа заедно со лицемерната комисија која сака да ги убеди дека сè било во ред. Хрвоје вели дека сите сакаат подобар здравствен систем во кој пациентите нема да бидат жртви и додава дека овој протест не е за здравствените работници, туку за системот кој не функционира и во кој сите се жртви.

Зовко им се заблагодарил на сите за поддршката и доаѓањето на протестот, од здравствените работници до партнерските организации кои го поддржале Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) и организацијата Нов оптимизам од Белград.

Андреа Топиќ, новинарка и животна сопатничка на Владимир Матијаниќ, истакна дека веќе кажала сè што мисли за здравствениот систем, повторувајќи дека ова е протест за подобра здравствена заштита и дека прочитала неколку пораки на Фејсбук од Владимир Матијаниќ за хрватското здравство вклучително и порака од 4. февруари 2014 година во која тој изјавува: „Лежам во болница изградена пред многу години, на кревет кој одамна го помина својот цут, со постелнина што веќе никој ја нема дома и слушам на Дневник за потребата да се намалат вртоглавите трошоци за здравствена заштита“.

Потпретседателот на Хрватското новинарско здружение, Бранко Мијиќ, изјави дека поминале шест месеци од медицински потпомогнатото убиство на Владимир Матијаниќ. Тој вели дека поради тоа се дојдени на протест и го креваат гласот, и ќе го прават тоа и во иднина.  Потпретседателот во името на Хрватското новинарско здружение ги повикува сите да не се откажуваат и да не молчат додека имаат здив, бидејќи тоа што му се случи на Владимир Матијаниќ може да му се случи на кој било додавајќи дека тоа веќе им се случило на многумина.

Новинарот Илко Чимиќ на протестот ги потсетил присутните на текот на настаните кои се случувале во последните часови од агонијата на Матијаниќ која завршила со смрт. Пријателката на Владимир, а воедно и новинарка Габриела Радановиќ во својот говор се обрати до министерот и изјави: ,,Министре Берош како се осудивте со лаги да ја коментирате смртта на Владимир Матијаниќ. Толку долго слушавме како не може да земе воздух, звук кој никогаш нема да го заборавиме’’. На крајот, претседателот на Хрватското новинарско здружение, Хрвоје Зовко и Андреа Топиќ до Владата на Република Хрватска ги доставија барањата од петицијата потпишана од речиси пет илјади луѓе во која се бара нова, независна истрага за смртта на Матијаниќ и оставка за министерот за здравство Вили Берош.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници безрезервно го поддржа протестот на хрватските колеги

https://www.snh.hr/ap-ovo-je-tema-koju-nikad-necemo-zaboraviti/

Foto: Nikola Šolić

Останати
објави

Сподели на...