Со години забележуваме примери на непринципиелен однос на политичарите кон медиумите и новинарите, што нè исправило пред дилемата: дали најголем дел од политичарите знаат каква е улогата на новинарите и медиумските работници и кое е нивното значење за демократијата?
Затоа, во пресрет на изборната кампања, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) јавно им поставуваат девет, основни, прашања на политичките партии и коалиции кои ќе настапат на предвремените парламентарни избори 2020 година. Дел од нив се однесуваат на нивните ставови за реформите во медиумскиот сектор, гледиштата кон новинарството и идеите што ги имаат околу создавање услови за развој и слободно дејствување на професионалните новинари и медиумски работници, односно за точно, навремено и објективно известување на граѓаните.
Очекуваме политичките чинители во изборите кои се сериозни да дадат искрени одговори кои понатаму ќе можат и да ги спроведат, а со цел подобрување на слободата на изразување и независноста на медиумите во нашата земја. Во наредните девет дена секојдневно и јавно ќе поставуваме по едно прашање со цел подигање на свеста за тоа што значи новинарството во едно демократско општество.
Новинарството е јавно добро и заслужува да добие таков третман, бидејќи нема демократска држава без професионално новинарство и доброинформирани граѓани.
Што е за вас новинарството?
- Како планирате да го поддржите професионалното новинарство на долг рок?
- На кои принципи се заснова вашата медиумска стратегија за создавање услови за функционирање на независни медиуми?
- Што ќе направите за подобрување на независноста на финансирањето на МРТВ и како ќе придонесете кон политичката независност на јавниот сервис?
- На кој начин планирате да го поттикнувате колективното преговарање во медиумите, како еден од најдобрите начини за обезбедување на работничките права? Како планирате да обезбедите почитување на основните работнички права во медиумите?
- Каков е вашиот план за спречување на влијанието на политичките и бизнис центри врз медиумскиот пазар?
- Што ќе направите за подобрување на безбедноста на новинарите и медиумските работници? Која е вашата стратегија за прекинување на неказнивоста?
- Што ќе направите за економската одржливост на професионалните локални медиуми?
- Како ќе ја гарантирате политичката независност на медиумскиот регулатор?
- Што ќе направите за да ја поддржите медиумската саморегулација и медиумската писменост?