ССНМ и ЗНМ бараат конечно да престане оваа рашомонијада околу преговорите за медиумите. Време е да се каже јасно и гласно кој за што се залага. Одбиваме да бидеме ставени во ситуација да коментираме и да валоризираме предлози кои до нас доаѓаат посредувани од партиски спинери.
Ги повикувам СДСМ да ни го достават нивниот предлог. Во спротивно, апелираме до ВМРО ДПМНЕ да ни го достават предлогот на СДСМ, во име на рамноправна транспарентност на преговарачките страни.
Според информациите од медиумите се стекнува впечаток дека СДСМ бара санкционирање на новинари и на медиуми за непочитување на професионални стандарди. Да нагласиме дека ЗНМ и ССНМ се апсолутно против задирање во саморегулација на медиумите која е предмет и надлежност само на професијата.
Ние цврсто го поддржуваме секој предлог што е во насока на департизацијата на регулаторот и на јавниот сервис и на почитување на општите стандарди во новинарството и во етиката во професијата.
Сметаме дека принципиелните насоки презентирани од посредникот Питер Ван Хауте беа во тој дух и затоа ги поддржуваме. Но, сега е време да се видат конкретните амандмани за да можеме како медиумска заедница да се изјасниме за нив.