Резултатот од пржинскиот процес за новинарите е следниов:
Дополнително исплашени и малодушни новинари. Уште посилна офанзива за отстранување на неподобните кои досега успеваа да се одржат и покрај притисоците. Нови прегрупирања и поделби.
Методот е веќе испробан и доведен до совршенство. Ситуацијата е таква што луѓето дури и да не се таргетирани се обидуваат по секоја цена да заминат од редакциите неможејќи да го издржат понижувањето на професијата на која и го посветија животот. Но, не можат сите да заминат. Пазарот не функционира, тоа е партиски пазар, во кој луѓето со интегритет имаат најниска цена.
Блокирана сметка на МРТВ, за која се сомнеавме дека е дел од партиските игри во пазарењата кој ќе го преземе јавниот сервис, а цехот за тоа да го плаќаат вработените. Наместо финансиска независност која ќе беше можна со зголемување на буџетот на МРТВ, како што бараа медиумските организации, а тоа е 1 процент од буџетот и укинување на радиодифузната такса, јавниот сервис се држи во состојба на економско заложништво.
Не очекувајте слободна и професионална информација во такви услови, но колеги новинари од МРТВ не очекувајте партиите доброволно да се откажат од можноста да ве држат во економска условеност.
- директна државна интервенција врз медиумските организации и она малку новинарство што успеа да преживее досега.
ССНМ е соочен со медиумска хајка и оцрнување и со акција за формирање контрасиндикат кој по теркот на МАН не се формира да брани туку да урива. Конкретно како што МАН постои за да контрира на барањата на ЗНМ, сега се формира синдикат, по директива, за да контрира на ставовите на ССНМ.
Зад оваа иницијатива, ако се точни информациите до кои дојдовме, стојат истите луѓе кои по потреба се претставници на МАН, а по потреба претставници на Здружението на националните телевизии. Им остана синдикатот уште непокриен, па еве гледаме тргнале и тоа да го решат.
Бидејќи станува збор за директна државна интервенција, која во некои медиуми е тивка и дискретна со ветување дека газдите ќе им ја плаќаат членарината, а некаде е јасно условена со намалување на плати или бркање од работа од позиција на сила, сосема е јасно дека имаме работа со однапред смислена и поддржана офанзива која не се базира врз принципи и вредности туку амбиција само да се прикаже бројност, ССНМ донесе одлука да влезе во кампања за членство и сите нови зачленувања во следниве три месеци да бидат со симболична членарина.
Резултат на пржинскиот процес во кој, како што знаете, медиумите и новинарските организации беа држани со информации давани на лажиче, е неверојатната и арогнатна кампања за поистоветување на пропагандата со новинарството, капмања која под лажната слика за балансираност брои секунди и минути и напаѓа сѐ што е професионално и критичко новинарство.
За жал, секој ден преку соопштенија на партиите можеме да видиме како една исклучително сериозна тема како што е саморегулација се банализира, претвора во своја спротивност. Заради тоа ССНМ од денеска не само вербално туку и со акции и со сиот свој капацитет влегува со поддршка на Советот за етика и на сите медиумски организации кои сѐ уште говорат за професионалното наспроти пропагандата како што е процесот на мониторирање на медиумите МОДЕМ , како и сите медиуми чија што уредувачка политика не го напуштила новинарскиот кодекс, се со цел конечно прашањето на новинарски стандарди и принципи да им се одземе на партиите и да се врати таму каде што припаѓа – во еснафот.
Не дозволуваме ниту еден партиски центар да ни држи лекции по новинарска етика.
Воедно, Извршниот одбор на ССНМ констатира дека веќе нема простор за никакви дијалози и обиди за аргументирана дебата со оние кои не само што не ги почитуваат туку и работат против стандардите и принципите на професијата. Немаме намера да губиме време и енергија. На сметка на тоа – тргнуваме во кампања да изградиме широк фронт за враќање на новинарството на новинарите, а медиумите на граѓаните.
Нашите принципи се јавни и јасни:
ССНМ се залага за колективни договори во медиумската индустрија, за гарантирана минимална плата, за напредување во кариера според вредности, а не според партиска припадност, за враќање на достоинството на позицијата уредник како прв во редакцијата, а не последен извршител на менаџментот.
ССНМ се залага за слободно, непристрасно новинарство кое не е само пренесувач на пораки на политичките и на бизнис елитите, туку глас на безгласните, чувар на демократијата и на правото на граѓаните да знаат што навистина се случува.
Никакви козметички измени, никакви пазарења под маса и ишарети од меѓународната заедница нема да поминат безгласно. Бараме системски решенија:
– финасиска независност на МРТВ
– забрана за државни реклами во медиумите
– непартиски регулаторни тела
Зад нас не стојат силни медиуми, ниту газди, ниту политичари, зад нас стои само вистината и принципите на професијата и тоа е сосема доволно да бидеме оптимисти и да не ја запреме борбата.