Нобеловата награда за мир во 2021 година заврши кај двајца новинари, што претставува ретка појава во историјата на доделување на престижната награда.
Во центарот на светското внимание беа Марија Реса, новинарка со филипинско-американско потекло и нејзиниот руски колега Дмитриј Муратов, но неколку месеци подоцна се чини дека светската слава што ја стекнаа е недоволна за да ги заштити во нивната секојдневна работа, пишуваат Монг Палатино и Роман Шемаков за „Global voice“.
Марија Реса е решена да ја „задржи линијата“
Против Реса и „Раплер“, новинска компанија што таа ја основаше во истиот месец кога стана Нобеловка, беа поднесени нови случаи за клевета и за сајбер клевета. Но, наместо да бидат заплашени, Реса и другите критички новинари ги оспорија случаите за вознемирување пред судовите.
Секретарот за енергетика во филипинската влада, во декември во 2021 година, поднесе жалба за клевета против уредници и медиумски куќи кои известуваа за случај на мито поврзан со контроверзен проект за гас. Реса беше меѓу оние кои беа вклучени во документот. По објавата на веста, глобалниот управен комитет на Коалицијата Hold the Line, кој се залага за отфрлање на кривичните случаи поднесени од филипинските власти против Реса, издаде соопштение во кое го осудува новото обвинение.
„Најостро го осудуваме овој последен законски чин против Марија Реса и „Раплер“. Жалбата е јасно поврзана со државата, политички е мотивирана и се надеваме дека обвинителот нема да ја претвори оваа жалба во уште едно кривично обвинение за клевета против Реса и нејзините колеги“.
Членови на црковна група во март поднесоа 14 жалби за сајбер клевета против Реса и „Раплер“ за известување за сексуална трговија и други контроверзии во кои е вклучен и нивниот водач кој има блиски врски со филипинскиот претседател Родриго Дутерте. Некои од жалбите се веќе се отфрлени.
„Кога „Раплер“ соработуваше со Комисијата за избори (Комелек) во спроведувањето на информативни активности во врска со изборите, а за да се спротивстави на дезинформациите, владиниот генерален правобранител жестоко се спротивстави на ова и иницираше петиција против оваа соработка. Поради политички притисок, договорот беше раскинат, иако „Раплер“ е партнер на „Комелек“ од 2013 година, а Реса ја повика Комисијата за избори да остане независна“, беше наведено во реакцијата на Реса и „Раплер“.
Реса во април се придружи на другите загрижени граѓани во поднесувањето на жалба против портпаролот на владината антикомунистичка оперативна група за постојано означување на новинари, опозициски лидери и активисти. Во случајот, Реса постојано беше означувана како „државен непријател“, додека „Раплер“ беше означена како „сојузник и гласноговорник“ на вооружените комунистички бунтовници (CPP-NPA). Етикетирањето наиде на осуда од групите за човекови права, затоа што официјални лица го користат за произволни обвинувања на нивните критичари дека ја поддржуваат работата на комунистите и терористите.
Муратов го затвора својот весник и го нападнаа со црвена боја
Муратов, исто како Реса, буквално беше претставен како непријател на руската нација во последните неколку месеци. „Новаја Газета“, весникот каде што работи како уредник, беше еден од ретките преостанати независни медиуми во земјата, заедно со интернет телевизијата „Дожд“ и радио станицата „Ехо Москва“. Откако Русија ја започна својата инвазија на Украина на 24 февруари во 2022 година, повеќето критични медиуми донесоа одлука да престанат со работа и да го евакуираат својот персонал, бидејќи не сакаа да работат под уште построги закони за цензура. „Новаја Газета“, во меѓувреме, донесе одлука да се прилагоди на новонастанатите услови и да продолжи да известува за војната од еден поинаков агол за домашната публика.
Рускиот парламент на 4 март донесе закон за „лажни информации“ во медиумите и го искористи за блокирање на веб-страниците на „Би-Би-Си“, „Гласот на Америка“ и Радио Слободна Европа, дефинирајќи што е соодветно покривање на војната: Во него се инсистира на користење на терминот „специјална воена операција“, а за „несоодветно информирање“ е предвидена и потенцијална казна затвор до 15 години.
„Новаја Газета“, сепак, продолжи да известува за војната повеќе од еден месец по инвазијата, избегнувајќи одреден наратив и правејќи креативна употреба на слики, хумор и алузии што се јасни за повеќето руски читатели. Сепак, откако новинарите на весникот објавија интервју со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, публикацијата на 28 март доби заканувачко предупредување од „Роскомнадзор“, федерален регулатор за медиуми на Русија. Во исчекување на парични и затворски казни, „Новаја Газета“ на крајот го прекина целото известување и ги избриша сите содржини за конфликтот.
Но, нападите врз Муратов не застанаа тука. Тој се изложи на уште посилни напади, откако добиената Нобелова награда ја посвети на новинарите на весникот кои беа убиени за нивната работа – Јуриј Шчекочихин, Игор Домников, Ана Политковскаја, Анастасија Бабурова, Станислав Маркелов и Наталија Естемирова. Покрај тоа, сумата од еден милион американски долари што доаѓа со наградата, уредничкиот колегиум на „Новаја газета“ ја подели со Фондацијата „Круг на добрина“, група која им помага на деца со ретки болести и други филантропски и новинарски цели. Муратов го даде својот медал за Нобеловата награда на аукција за да ги поддржи Украинците кои се раселени по руската инвазија.
Работите ескалираа на 7 април, кога Муратов беше нападнат во воз, со црвена боја со ацетон. Снимката од нападот по неколку часа беше објавена на каналот Сојуз З на Телеграм во која се наведува следново:
„Како што ветивме, нашите ветерани во блиска иднина ќе ги потсетуваат нашите „големи патриоти“ дека крвта на нашите славни синови нема да остане без одговор. Гледате копилиња како Украинците ја смислија „трагедијата Буча“ и во исто време ја поддржувате оваа лага, но не забележувате како на нашите момци им се сечат грлата! Ќе дојдеме кај секој од вас, само почекајте!!!“.
Додека основачите на групата негираа дека стојат зад инцидентот, истрагата на „Новаја Газета“ поврза две лица со нападот – Илја Марковец и Николај Трифонов и посочи дека постои загриженост за начинот на кој руската држава го разгледува случајот:
„Повреда на наредбата на МВР која го регулира постапувањето на полицијата на местото на противправното дејствие, не е извршен увид на местото на настанот, не се земаат перења со боја, не се одземени мостри облека – со други зборови, не се преземени дејствија за итно утврдување на сите околности на кривичното дело“.
Разузнавачките служби на САД заклучија дека зад нападот стојат руски разузнавачки служби.
Додека светот на почетокот на овој месец (3 мај) го одбележа Светскиот ден на слобода на печатот, работата на новинарите кои се осмелуваат да ги оспорат официјалните наративи, да истражуваат корупција и државни криминали останува опасна мисија. Дури и добитниците на Нобеловата награда се изложени на личен ризик, додека оние помалку познатите, но кои вршат слична работа, сега се соочуваат со уште поголема веројатност да бидат загрозени.
Фото: Скриншот од каналот на Јутуб за Нобеловата награда со Реса на левата страна и Муротов од десната страна додека чекаат да им биде врачена Нобеловата награда за мир за 2021 година.
Оваа сторија е дел од публикацијата „Новинарството како јавно добро“, дел од проектот „Синдикатите за фер закрепнување“ финансиран од Европската Унија, а во партнерство со Европската федерација на новинари.Ставовите и коментарите во публикацијата се одговорност на ССНМ и не ги изразуваат ставовите и мислењата на Европската Унија и на Европската федерација на новинари.