Апел за слободно новинарство

Датум

  Во период кога ЗНМ ги започна преговорите со Владата на РМ за решавање на проблемите во медиумската сфера

и кога се погласни стануваат барањата за декриминализација на клеветата и навредата, а со цел да го поддржиме процесот на подобрување на состојбите во новинарската професија, јавно бараме од сите засегнати страни да бидат внимателни и со своите постапки и акции да не предизвикуваат дополнително влошување на состојбите.

Протестираме против екстремните казни изречени за новинари тужени за клевета од страна на претставниците на Владата и на други јавни личности, како и против селективното отворање на постапка за утврдување на потекло на имотот за наши колеги.

Апелираме државните институциите да направат се што е во нивна моќ и во рамки на законите за да се избегне селективност во спроведувањето на Законите, кои не смеат да се користат како орудие за казнување и пресметка со новинарите.

Апелираме јавните функционери да ги повлечат тужбите против сите новинари, а Владата да најде начин да влијае на своите претставници да се откажат од извршување на пресудите. Истовремено, апелираме и до колегите со својот пример да покажат дека се против тужбите како одговор на нападите од колегите новинари.

Бараме судовите да ги почитуваат и да ги спроведуваат меѓународните стандарди и праксата на Европскиот суд за човекови права во постапувањето по предметите поврзани со клевета и навреда против новинари. Нагласуваме дека слободата на говорот е основен постулат на демократијата, а обврска на новинарите е критички да ја опсервираат работата на јавните функционери.

Ги поздравуваме заложбите на Владата за дијалог со претставниците на ЗНМ, но доколку не се најдат соодветни решенија за високите казни на новинарите и за неселективниот пристап во спроведување на законите, ќе сметаме дека овие заложби се декларативни, а не одраз на вистинска желба за решавање на отворените прашања во медиумската сфера.  

 

 

Тамара Чаусидис /Билјана Петковска /Жанета Трајкоска/Насер Селмани/Мирче Адамчевски/ Драган Антоновски /Горан Момировски /Звездан Георгиевски/Соња Крамарска/Илија Стефановски/Роберт Поповски/Сефер Тахири/Назим Рашити/Снежана Лупевска/Петрит Сарачини/Зоран Фиданоски/Роберто Беличанец/Ерол Ризаов/Лирим Дулови/Зоран Ќука/Столе Наумов/Љупчо Поповски

Останати
објави

Сподели на...