Доделени ЕУ наградите за истражувачко новинарство

Датум

Наградите на Европската Унија за истражувачко новинарство денес (петок) беа доделени во Јавна Соба во Скопје.

Првата награда на годинешниот конкурс беше доделена на новинарскиот тим на емисијата КОД, Снежана Лупевска Созен, Миомир Серафиновиќ и Билјана Николовска за серијата истражувачки емисии со наслов „Крадење идентитети на граѓани за криминални цели“ која се емитуваше на телевизија Телма. Жири комисијата ја награди оваа сторија карактеризирајќи ја како извонредно истражување.

Втората награда и припадна на Сашка Цветковска за нејзиното истражување со наслов „Тајните играчи позади македонските ‘фејк њус’ велешки сајтови“ објавено од Истражувачката репортерска лабораторија.

Третата награда ја добија Кристина Озимец и Васко Маглешов од Макфакс за серијата истражувања со наслов „Пратенички скандалозни суми за патни трошоци“.

„Професионалните новинари се есенцијални за цврстината на нашата демократија, тие се кучиња чувари на демократијата. Тие треба да бидат заштитени. Денеска го славиме вашиот значаен придонес за општеството и за демократијата“, изјави шефот на делегацијата на Европската Унија во Македонија, амбасадорот Самуел Жбогар на церемонијата за доделување на наградите.

За изборот на наградените истражувања задолжена беше тричлена жири-комисија составена од Милица Шариќ од Центарот за истражувачко новинарство на Србија, како претседател на жири, Владо Апостолов од БИРН Македонија и Радка Бетчева од Европската Радиодифузна Унија.

„Имавме голема одговорност пред нас. Добивме 20 апликации од 23 новинари. Осум од нив влегоа на скратената листа и тие беа селектирани затоа што покрива важни прашања поврзани со општеството и развојот на демократијата. Трите стории кои одлучивме да бидат наградени се однесуваа на некои од најважните прашања и теми во државата. Сакаме да ги охрабриме младите новинари да продолжат да работат на истражувачки стории и покрај тоа што околината не е баш охрабрувачка, но сепак, оваа работа е поважма од кога и да било. И оваа награда го истакнува токму тоа“, рече во своето обраќање Шариќ.

Севкупна цел на ЕУ наградите за истражувачко новинарство е да ги промовираат извонредните постигнувања на истражувачките новинари од Западен Балкан и од Турција, како и да ја подобрат видливоста на квалитетното истражувачко новинарство во овие земји кај јавноста. На годинешниот конкурс со вкупен фонд од 10.000 евра можеа да аплицираат новинари од Македонија со стории од кој било формат објавени во текот на 2018 година.

Наградата е продолжение на регионалната „Награда од Европската Унија за истражувачко новинарство“ во земјите од Западен Балкан и во Турција и е дел од тековниот проект „Зајакнување на квалитетните вести и независното новинарство во земјите од Западен Балкан и во Турција“ администриран од Балканската истражувачка репортерска мрежа (БиХ) во партнерство со седум медиумски организации. Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници како член на конзорциумот, ги координира активностите поврзани со конкурсот во Македонија.

Овој текст е продуциран со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината е  целосна одговорност на ССНМ и не ги рефлектира ставовите на Европската Унија.

 

Останати
објави

Сподели на...