Појавата на некролозите во весниците на МПМ „Вест“ и „Дневник“ во кои „почитувачите на неговото дело“ ја одбележуваат 25-годишнината од смртта на нацистичкиот лидер Рудолф Хес
можат да послужат за една посериозна социо-антрополошка анализа на степенот на општествената патологија во која се наоѓа македонското општество, но исто така се добар индикатор и за состојбите во овдешната медиумска индустрија. Наводно, еуфоријата на прогласување на „технолошки вишоци“ ,односно штедењето на кадри под мотото – „минимум луѓе за максимум работа“ очигледно не го поштедела ни одделението за маркетинг, па така било проценето дека нема потреба од вработен што би бил директно одговорен за квалитетот и прецизноста на тажните вести, односно дека и без него се може. Токму политиката „без секого се може“, која владее на севкупната медиумска сцена, а која беше највидлива во урнисувањето на квалитетот на весниците и на телевизиските програми, ете доведе и до „пропусти“ кои би требало, пред сè, длабоко да нè засрамат, а богами некого и длабоко да замислат, зашто кога на едната страна на вагата ќе ја ставите заштедата од една плата, на пример, а на другата бруката со некролозите за Хес, јасно е дека зијанот е многу поголем од ќарот. Фашизмот, конечно не е само зло во политичката логика и пракса, туку, ете, и во спроведувањето на недугавите економски политики, кои за ситен ќар нанесуваат огромни штети.