Континуирана правна помош за членовите за намалување на случаи во кои се повредени работните права на медиумските работници, информирање на членовите за активностите на ССНМ преку редовен месечен билтен и истражување на застапеноста на синдикални теми во медиумите, беа дел од активностите во рамките на проектот „Јакнење на синдикализмот во медиумската индустрија“ поддржан од Македонскиот институт за медиуми.
Станува збор за субгрант добиен од МИМ во рамките на проектот „Реформ медиа“ што се спроведува во партнерство со Мировниот инситут од Љубљана, со поддршка на Европската Унија.
Со добиените средства ССНМ обезбеди правна помош за своите членови која подразбираше брзо добивање правни совети, појаснување на процедурите кои се често обременети со комплицирани правни терминологии и форми, како и застапување при спор со работодавачот. Таа беше клучна при спроведувањето на првиот организиран штрајк во медиумската индустрија во компанијата Медиа принт Македонија, како и при преговорите со други медиумски куќи кои заврпија успешно, без објавување на прекин на работата.
ССНМ спроевде мониторирање и анализа на прашањето за застапеноста на темите за работните права во македонските медиуми , а во рамките на проектот е изготвена и специјална апликација за ажурирање на членовите, како и месечен билтен во кој освен за активностите на ССНМ се информираше и за случувањата од областа на работно право, мобинг, заштита на авторски права како и коментари и анализи кои ги засегаат и новинарите и медиумските работници во Македонија.