Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници се подготвува за системско решавање на проблемите во медиумите. Новинарите може да имаат економска сигурност, уредни договори, платени преку времени работни часови и најважно од се можност да го вратат достоинството во професијата , преку Колективниот договор кој го подготви ССНМ.
Договорот на кој повеќе од шест месеци работеа над 40 професионалци од медиумската индустрија, денеска беше презентиран пред новинарите – дописници од Велес.
Она за што беа најмногу загрижени дописниците е колку правата и обврските кои се предвидени во овој договор ќе им ја гарантира нужната заштита. Тие беа информирани дека не само што е предвидена заштита на професионалните, материјалите и нематеријалните права на новинарите, вклучувајќи ги и нив како категорија, туку ова претставува една законска рамка која ги опфаќа и останатите вработени во медиумите, фоторепортери, сниматели, техничари, режија, уредници, а е во интерес и на самите сопственици на медиумите бидејќи потпишувајќи го Колективниот имаат можност да им овозможат преку систематизација да работат со квалитетни кадри.
- Со Колетивниот договор се обидуваме да ги вратиме уредниците во редакцијата да бидат први, а не последни, да дадеме системско решение кога на некои новинари не им се објавуваат трудовите, а потоа се прогласуваат за технолошки вишок со образложение дека не работат доволно, хонораците да не бидат хонорарни соработници подолго од една година, а постарите колеги да не бидат отфрлени туку да бидат ставени во улога на ментори за помладите колеги , вели Тамара Чаусидис, претседател на ССНМ.
Она што во последните неколку години се забележува како главен проблем е експлоатацијата на младите новинари , кои долги години работат без да потпишат некаков договор, или најчесто се “заложници ” на несигурни договори од три, шест месеци и една година. Токму Договорот, предвидува да се елиминира оваа аномалија во новинарската фела, а решението (член 7 –Приправници ) е дека приправничкиот стаж може да трае најмногу шест месеци и истиот нема да се применува кај работници кои до воспоставувањето на работниот однос хонорарно соработувале со работодавачот, врз основа на договор за дело или авторски договор.
Неприкосновено е во Договорот правото на слободно информирање (член 13), при што новинарот при извршувањето на професионалните обврски ужива слобода на информирање, коментирање и критика, согласно важечките закони, а притоа не смее да му биде откажан договор, да му се намали платата или да е прераспределен на друго работно место.
Договорот предвидува и правна заштита на новинарот и во случаи на судски предмети во кои се јавува како тужен, или изгубил судски спор извршувајќи ги работните обврски и работодвецот има обврска да го надомести износот на сумата која ќе му се исплаќа на оштетениот.
- Ова се само дел од придобивките на овој гранков Договор, особено важно е автоматското напредување кое ќе се вреднува според искуството во професијата, како на пример новинар до две години стаж ќе се смета за помлад соработник, од две до пет години искуство е соработник, од пет до десет години искуство е постар соработник, од десет до дваесет години искуство е новинар коментатор, а над дваесет години искуство е уредник по звање, вели Чаусидис
Договорот е заснован врз начелата кои се предвидени во Уставот и Законот за работни односи(2005), а е во согласност со Универзалната декларација за човекови права на ОН, Европската Конвенција за човекови права и основни слободи на СЕ, правилата на Меѓународната федерација на новинари и Етичкиот кодекс на новинарите. (Х.Ј)